Вечерва во Младинскиот културен центар во Скопје се случува тринаесетото издание на фестивалот „Здраво млади“. Под мотото “New music first” на 5 сцени низ МКЦ ќе настапат над 20-тина артисти. По тој повод направивме кус муабет со 5 блиц прашања со Владица Младеновски - Грга, програмскиот координатор на фестивалот.
Годинешното мото на фестивалот е “New music first”, што значи тоа во однос не фестивалската програма оваа година?
Благодариме на нашиот драг пријател и колега, Саша Павловиќ за овој слоган кој токму во центарот ја гаѓа нашата цел. Тоа значи – предност на новата, свежа музика. Здраво Млади се труди секоја година да носи свежи, надоаѓачки артисти, нов бран на музички влијанија од светот, она што за жал изостанува на нашата музичка сцена. Идејата на Здраво Млади е токму тоа – да биде разгледница на светот, од сите жанрови и изрази кои директно се обраќа на младата публика. Оваа година на Здраво Млади ќе имаме 20 различни артисти од 11 земји од светот, богата понуда за убаво расположение.
Фестивалот „Здраво млади“ е, како што знаете да кажете, најмалото братче во фестивалското семејство на МКЦ, како во овие 13 години се развиваше фестивалот и која е визијата за следните години?
Почна тивко, тивко, тлее, па оди јако. Секоја година носи свој специфичен предизвик, нешто ново што мораме да го пребродиме, дали од човечка, финансиска или инфраструктурна природа. Би било неодговорно, да не речам наивно, да веруваме во некаква стабилност, т.н “мирни води”. МКЦ не може да остане изолиран остров на околностите. Но, се трудиме да држиме правец, да го правиме тоа што најдобро го знаеме – супер програма за малку пари и голема е одговорноста, голем е и товарот. Ама инаетот е најголем.
Омилени артисти/бендови кои настапиле на „Здраво млади“?
Како да се издвои од стотици артисти кои минале низ фестивалот? Еве, би го издвоил настапот на Дј Рашад. Поради ништо посебно, најмногу поради тоа што по настапот на Здраво Млади, трагично го напушти овој свет. Ете, по нешто ќе го памтиме. Сите настапи ми се омилени, најмногу поради тоа што правам програма на која би сакал самиот да одам да ја гледам доколку не би бил организатор.
Каква е поддршката за фестивалот? Им кажува ли некој некогаш „чао“ наместо „здраво“ на младите?
Фестивалот секоја година оди по ивица. Чао е нашата континуирана состојба. Знаете оние моменти кога долго време стоите на врата со луѓето кај кој сте на гости, па се испраќате половина час? Одприлика така.
Очигледен е развојот на младата македонска сцена последниве години – како ти се чини новата млада македонска музика?
Секој младешки бран носи со себе прекрасна, крцкава енергија. Сметам дека процесот на создавање музика на домашната сцена пркоси со музиката од светот, не каскаме. Децата денес се повеќе информирани, повеќе интегрирани во светот, имаат увид во работите. Оттаму доаѓа и инспирацијата. Тоа радува, бидејќи е секогаш уживање, истовремено и наша задача, да овозможиме простор на младите бендови во МКЦ, дали на фестивалот или во редовната музичка програма.
За крај, на колку локации во и околу МКЦ ќе се случи годинешното издание, колку сцени ќе има и дали повторно ќе слушаме музика во најубавото веце во МКЦ?
На 5 бини – МКЦ плато, Фросина, Денсинг сала, Џебно кино и МКЦ клуб. Бината во вецето е “резервирана” за настани во рамките на ПИН Конференцијата, нивен резидент стејџ. Едвај чекаме да се распостелиме низ МКЦ и да проструи убава енергија, во овој момент, тоа ни е повеќе од потребно. Дојдете да се уверите!
コメント