top of page
  • Writer's pictureКултура β

β-муабет со Ивана Мирчевска, уметница

Уметноста не е репрезентативна слика на реалноста, но директно учествува во нејзиното создавање


Пишува: Ивана Јовановска


Ивана Мирчевска е динамична уметница од Скопје. Во нејзината пракса таа создава мултидимензионални и мултиперспективни дела кои се во тесна релација со човекот, неговата природа и односот кон заедницата. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а магистрирала на Академијата за визуелни уметности – Брера во Милано, Италија. Изложувала во САД, Италија, Србија и Скопје.


Повод за разговорот со Мирчевска е нејзиниот последен партиципативен уметнички проект Човеколики неволи, наградата за млади уметници ДЕНЕС, но и еден обид за воопштено запознавање со неа и нејзиниот однос кон творештвото.


ИЈ: Би сакала да поразговараме за многу нешта, но би почнала со едно прашање кое би поттикнало многу важен одговор особено за луѓето што подобро сакаат да се запознаат со тебе. Кое е твоето интимно разбирање на уметноста, од која позиција и пристапуваш секој ден одбирајќи да биде и твоја професија, но и начин на изразување и живеење?


ИМ: Уметноста ми е потреба од допир. Ја доживувам доста телесно во смисла дека моето тело допира нешто и е допрено, моето тело гледа и е видено. Прво што ме привлече беше сликарството како некаков медиум преку кој успевав да си играм со различни ритами и динамики. Да произведам нешто кое можеби не е репрезентативна слика за реалноста, но е слика која непосредно учествува во креирањето на таа реалност. Секогаш сум гледала на тоа во смисла дека она што јас го произведувам е продолжение на моето тело и таа екстензија самата по себе е перформативна, активен агент кој учествува во својата околина, во местото каде се остварува.


ИЈ: Ти си дипломирана сликарка на Факултетот за ликовни уметности, но работиш со бројни медиуми особено врзани за технологијата. Твоето портфолио е богато со трансцисциплинарни проекти. Ја гледаш ли токму таа трансдисциплинарност како средство со кое и понатаму ќе ги истражуваш „технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на просторот и телото” како што самата ги нарекуваш? Кои се механизмите преку кои твоите уметнички практики ги поврзуваш со твоето специфично, но своевремено и широко поле на интерес?


ИМ: Дефинитивно базата на сите мои истражувања произлегува од визуелното искуство на телото. Сите прашања понатаму ми се развиваат од таа главна теза која што ја создавам. Идејата е дека технологиите на визуелизација не се само визуелни апарати, туку се и дискурзивни и материјални апарати кои посредуваат во тоа едно тело да се доведе во позиција на подјармување, отуѓување. Тие генерираат политички, интимни и културно полиња основани на релации на моќ, каде сликите кои ги продуцираат посредуваат во нашето чувствување, ориентација и делување. Оттаму, мојата интердисциплинарност/трансдисциплинарност тргнува од овие техники на визуелизација што можат да се подразберат од фотографски документации, до тоа како се уредува архитектурата, какви социјални кореографии се остваруваат во дадени простори. Но, и како одредени конструкти влијаат на изгледот и движењето на едно тело. За да можам да работам како уметник, секогаш тргнувам од визуелното, повторно, со тоа што се обидувам да сфатам која технологија конкретно се остварува за да дојдеме до некој конкретен социјален или општествен феномен, или некое искуство кое моментално го имам, а сакам да го објаснам.


Конкретно во еден мој проект кој се вика SHE работам со архивски видео записи од членови од мојата фамилија кои одат на патувања. Во една прилика бев замолена да најдам начин како да ги дигитализирам тие видео касети, со цел да се зачуваат како важни мемории во моето семејство. Додека се бавев со тоа, преку истите почнав да забележувам како аспектите на привилегија и машкиот поглед (the male gaze) се надополнуваат со туристичкиот начин на гледање и како сите тие релации се присутни во самите снимки. Односно, како постојаното присуство на женскиот субјект на самиот материјал не е поразличен во третманот кон туристичките знаменитости на посетените места. Како на жената се гледа како предмет без своја внатрешност, и како не може да и се довери технологија и така натаму. Во таа прилика со ТАА се одлучувам да создадам протагонист и наративно средство на очудување со цел да поставам дистанца од жената која континуирано се појавува во документарниот материјал. Да прикажам дека таа SHE не е само тоа што го гледам во тие фотографии, документи , туку е конструкт од патријархални релации.


ИЈ: Во твоето творештво често се сретнува потребата за реобмислување на воспоставените норми, потреба за критика и премислување на досегашните системи и кршење на општествените граници преку поттикнување прашања. Во оваа смисла, интересна за споменување е твојата уметничка книга Под агол од 45 степени (At an angle of 45 degrees) која излезе во соработка со Private Print. Кажи ми нешто повеќе околу тематските определби на книгата и нејзината рецепција во јавноста?


ИМ: Книгата иницијално започна од тоа како може форматот на слики во движење, со кој јас се бавам низ мојата уметничка практика, да се претстави во книга, како можеме да ја преведеме временоста, материјалното, сликата и звукот таму. Во ова истражување се занимавав со материјалноста на екраните во практиките на ориентација, заштита и маскирање. Преку користењето и експериментирањето со различни дигитални и аналогни технологии на визуелното (огледала, површини, екрани, тела), поставени како агенти на подвижни хоризонти, внатрешни и надворешни пејзажи, Во целиот овој процес размислувам за еден метод на гледање кој го нарекувам оповршинување (surfacing) .Се работи за начин на гледање кој критички се ангажира со западната перцепција во која оптичка визија има зададена цел и е од одвоена од она што го гледа. Наместо тоа, во книгата, предлагам дека визијата е неразделна од движењето и дека таа зависи од непосредноста на допирот во просторот во кој се наоѓаме. И како тоа те доведува константно да излегуваш од некоја дадена норма.


Во тој период читав доста за ориентациите исто така, па кај Сара Ахмет пронајдов еден цитат од еден доста важен феноменолог Мерло Понти. Тој вели дека кога огледалото ќе се стави под 45 степени, нашите ориентациски оски се прекршуваат и целиот свет ни изгледа како прекршен. И таа прекршеност е вознемирувачка. Во мојава книга се истражува губењето на хоризонтот и какви девијации му се случуваат на субјектот наспроти различните површини. Оттаму, произлегува аголот од 45 степени лоциран во меѓупросторот на допирот и окото, телото и просторот, вертикалната и хоризонталната оска и неговата цел е да ја дестабилизира нормативната перцепција, односно да отвори простор за гледање поинаку од даденото.


ИЈ: Годинава си добитник на значајната награда ДЕНЕС која се доделува на визуелни уметници до 35 години. Каков е твојот личен однос кон наградите воопшто, и во која насока таа ти помогна за она што понатаму би го работела? Дали сметаш дека уметничката пракса може да се сведе на награда како вид признание или навистина е афирмација за досегашната работа?


ИМ: ДЕНЕС е првата награда која ја имам добиено откако сум активен независен уметник. Наградата впрочем е впрочем резиденцијален престој од два месеци во програмата Residecy Unlimited во Њујорк, САД, на кој треба да присуствувам. За сега не можам да согледам јасно дали нешто во мојата уметничка практика се промени. Она како ја чувствувам наградата е од една страна охрабрување да се бавам со тоа што и досега сум бавела, но и секако одговорност да тоа се унапредува.


Јасно е дека наградите носат афирмација, видливост и препознатливост надвор од сцената на делување, и пошироката јавност. Но, проблемот за мене се јавува дека треба нештото да биде врамено како награда за тоа да биде препознаено како вредно. Исто така, уметничките продукции се толку различни и богати во своите пристапи, да избереш еден помеѓу многу е за мене би било многу тешко и изнасилено. Но дефинитивно во моментов нашата средина не е многу приемчива за (млади) автори како последица на релативно малата сцена, недостаток на уметнички систем, критичари, куратори, галеристи, пазар на уметност. Она кон кое треба да се стремиме не се само награди, туку да смислиме механизми како уметничките продукции ќе бидат поддржани. Наградата е еден настан, но на тоа претходи многу макотрпна работа која најчесто не е ни признаена.


ИЈ: Она што го создаваш воопштено гледајќи е комплексно проникнување и врзување на феминизмот, екологијата, антрополошките истражувања, психологијата. Метафоричното отсликување на општествено-политичкиот контекст преку нов визуелен пристап може да го забележиме многу често во твоите дела. Имајќи го предвид ова, ме интересира како ја разбираш релацијата на уметноста и општествениот ангажман во она што го правиш и како преку нив ти го толкуваш твоето творештво? Во кој твој проект најмногу ја отсликуваш?


ИМ: Во секој проект различно, во смисла на тоа дека кога било и да тргам да направам нешто не ја гледам уметноста како изолирана појава. За сè што тргнуваме да направиме, мора да се земат предвид приликите со кои сме опкружени кога работиме. Оттаму доаѓа она дека пред да сум уметник, јас сум човек, индивидуа, жена која делува во некаков колектив, засегната сум и сметам дека треба активно да учествувам во култивирањето на средината во која живеам. Ангажираноста во мојата уметничка практика произлегува токму од таа потреба за соучество во градењето на просторот во кој таа живее. Како последица на тоа, таа не е изолирана од приликите во кои се случува.


ИЈ: Политиките на сеќавањето, анти-капиталистичкиот дискурс, истражувањето на човековото себство и релацијата на природата како субјект кој памети, дејствува, но и нивниот однос во контекст на заедницата се силно видливи во Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување – уметничката поставка со која ја доби наградата ДЕНЕС. Токму во оваа поставка твојот визуелен пристап се фокусира на природата како субјект во поширока смисла и ја истражува Водно како простор за психолошко и физичко делување од многу аспекти. Би сакала да ја разберам твојата позиција од која тргна при создавањето на оваа поставка.


ИМ: Водно отсекогаш сум го гледала како ориентациона точка во градот во смисла на тоа дека каде и да се свртам е некаде до мене. Тргнувајќи од таа константна слика на пејзаж што ја имаме како жители на градот, која во изминативе години се сведе на целосна трансформација преку неповратно уништување на нејзината површина, преку различни практики, идеи, светогледи на тераформација манифестирани на планината. Почнав да ја гледам визуелно планината како утроба во која некој копа и создава некакви пукнатини цело време. Идејата произлезе од тоа како некои пејзажи можат да бидат сведоци, простори на хибридни ритуали и мемории. Оттаму проектот собира различни траги на материјалната и визуелната култура, звучни фрагменти и други предмети кои се во релација со овој простор. Тука се обидувам да користам спекулативен наратив како начин да се навигирам низ сите овие пронајдоци, низ нивните вмрежувања и влијание врз мене како истражувачка и врз заедницата.


ИЈ: Измеѓу сите сработени проекти и соработки со твоите колеги, во моментов работиш на колаборативниот уметнички проект Човеколики неволи кој и за тебе е нов и единствен процес на работа кој обединува многу различни перспективи и истражувачки процеси. Проектот е директно поврзан со истражување на релациите меѓу заедницата и околината, но и многу повеќе од тоа, па би сакала да ми раскажеш за неговата суштина и текот на реализацијата.


ИМ: Идејата за да го започнам овој проект произлегува од фактот дека за да ги разбереме работите кои не ги познаваме, ние многу често им препишуваме човечки карактеристики, за да ни станат поблиски, појасни. Но, тоа е доста критичен однос, особено во период кога се соочуваме со голема криза на животната средина во која токму одреден тип на човек е главен причинител на таа криза. Во овој проект се обидуваме да ја користиме уметноста како некаква алатка за да разбереме подобро како можеме подобро да делуваме, кој тип на промени се случуваат околу нас и како ние воопшто можеме да допреме до нив. Надвор од насловот, преку форма на здружување, колективно и непосредно, додека се истражуваат различни површини, преку разни форми на асоцијативно мислење водено од слободен тек на мислата, да се обидеме да се занимаваме со тоа препишување на нешто човечко на средината. Идејата ми беше да отворам процес во кои самите учесници активно ќе ги мапираат местата каде се прекршуваат тие работи. Тоа го правевме преку различни уметнички експерименти како на пример: развивање на алтер ега, медитации, перформативни делувања во простори и многу комуникација меѓу сите нас. Она што беше неочекувано е дека се разви љубов кон тоа што се работи во самата група, па учесниците почнаа да генерираат планови за можно продолжување на тоа што се случува.

Ова истражување е во рамки на КСП Јадро, односно поголемиот проект Места на дарежливост – трансформативни заедници, иницијатива за ангажирано делување во уметнички области. Почна да се реализира во септември и го сочинуваат неколку млади луѓе од уметничките факултети во земјава.


ИЈ: За крај, како млада уметница која активно создава во својата земја, а го има искуството од уметничката академија во Италија, што и недостасува на Ивана Мирчевска од аспект на институционална соработка, за оваа земја да го подигне нивото на заштита и поддршка на уметниците, кое директно би се рефлектирало и во уметничкото творештво и односот кон него?


ИМ: Како визуелна уметница она што ми недостига е поголема комуникација и соработка со институциите, односно заеднички да работиме на тоа како да го подобриме статусот на независните уметници со цел да имаме поквалитетни уметнички продукции. Како јас го подразбирам тоа е од една стана подинамична соработка со критичарите и кураторите на тие културни институции, а од друга, државното финансирање за независна уметничка продукција на дела да се осовременат кон нашите потреби и да биде подолготрајно. Моите уметнички проекти се стремам да ги развивам низ истражувања кои можат да траат повеќе од една година, да вклучат други луѓе и форми на соработки. Меѓутоа, често пати сум приморана да ги планирам кон условите на институционалните грантови и да правам големи компромиси за сметка на квалитетот на уметничкото истражување и процес.


Неодамнешните дела и ангажмани на Ивана Мирчевска вклучуваат: уметничка книга At an angle of 45 degrees издадена во соработка со Приватен Принт, Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување во Галерија Ко-Ра (2021), Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees, Студио Приватен Принт (2021), како и колаборативните проекти: Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро во Галерија МКЦ (2021) и Ничии прагови конкретно во Галерија МКЦ (2020).



 

Фотографии: Приватна архива


338 views
bottom of page