Утре (23.6) со почеток во 18:30 во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоција на дигиталната книга „Кон-текстот: дигитални осврти“, книга која е уредена од професорката д-р Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а содржи 40-тина текстови од тековни и поранешни студенти од Филолошкиот факултет кои пишуваат осврти на дел од делата издадени во првите две децении од дваесет и првиот век.
„Кон-текстот: дигитални осврти (македонската книжевност во првите две децении од дваесет и првиот век)“ е резултат на соработката со Теа Дуза, Моника Михајловска, Ајнур Касо, Симона Трајчевска, Александра Лазороска, Павлина Коталеска, Александар Петровски, Фросина Крушкаровска, Елена Петрова, Марија Ангеловска, Татјана Танчевска, Ана Органџиска, Ивана Јовановска, Кристијан Стефановски и Андреј Медиќ Лазаревски. Книгата содржи и пригоден вовед во кој уредничката ги обајснува идеите, мотивите и потребата од создавање на едно вакво дело.
По повод на промоцијата направивме интервју со уредничката д-р Калина Малеска која накусо објасни за значењето на оваа книга, за мотивите, за соработката со студентите.
Koи се мотивите за книгата? Зошто на македонската книжевна сцена ѝ е потребно вакво критичко издание?
К.М.: Еден од мотивите беше да се истражи книжевната сцена во периодот од 2000 до 2020 многу подетално и посеопфатно. При првото истражување, открив книги кои ми беа многу интересни, а се многу малку познати во пошироката јавност, па дури и меѓу книжевните истражувачи. Поради тоа сметав дека еден посеопфатен преглед би можел да открие и многу нови книжевни имиња. Уште еден мотив беше да ги поттикнам студентите да читаат македонски автори и авторки и да им овозможам, создадам, простор, каде што ќе можат да се појават со свои осврти за книгите што ги прочитале.
Кој е вашиот став за развојот на книжевната сцена во последниве години?
К.М.: Има книги кои ми имаат оставено силен впечаток и на кои се навраќам и по повеќе пати. Бидејќи главно ја следам англофонската книжевност, искрено кажувам дека лесно би можела да издвојам и раскази и песни и романи што во смисла на книжевен квалитет се на истото високо ниво.
Може да се зборува за неколку книжевни генерации кои се развиваат, што имаат заеднички стилски обележја, но и кои значително вршат влијание и работат на развојот на книжевноста. Но паралелно на тоа, како да не се развива книжевната критика – колку едно вакво издание ќе помогне за развој на таа критика која недостасува?
К.М.: Со оглед на тоа дека има навистина голема продукција, критиката е важна за да се издвои она што во одреден момент се смета за книжевен квалитет. Се разбира, тоа е релативно бидејќи критериумите се менуваат со текот на времето, но сепак е од помош критиката за да насочи, да издвои, да препорача литература за читателите. Се надевам дека едно вакво издание, во кое освртите не се фокусираат толку на естетско вреднување, туку повеќе на анализа на карактеристиките на книжевните дела, ќе овозможи многу пошироко запознавање на книжевната сцена кај нас во избраниот период.
Дали се планира второ издание? И дали можеби во печатена верзија?
К.М.: Да, дефинитивно се планира. И сметам дека е важно да има второ издание, кое би било проширено со многу повеќе автори. Лично, јас повеќе ја сакам електронската верзија бидејќи и тоа е важна, и внимателно испланирана, карактеристика на ова издание: да биде достапна без плаќање, да не се потроши тиражот, а упатува на потенцијалот да се проширува со нови автори.
Книгата е поставена на следниот сајт: https://sites.google.com/view/kon-tekstot/
Kommentarer