Пред 4 години, додека учев во Корчагин, заедно со мојата генерација го започнавме средношколскиот фестивал „Уметникум“ што тогаш беше замислен како дводневен предновогодишен фестивал, а веќе следната година прерасна во четиридневен и мултидисциплинарен фестивал што опфаќа повеќе уметности и дисциплини. Многу ме радува што овој фестивал продолжува да се развива и прераснува во уште поголема можност за првото стапнување на сцена на нови уметници, но и враќање на средношколската сцена на многу музичари и уметници кои некогаш токму на корчагинската сцена ги направија своите први перформанси.
По повод четвртото издание на фестивалот „Уметникум“ што започнува денес од 19 часот во гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“, направивме кус муабет за годинешното издание и плановите на Кариерниот центар до крајот на оваа учебна година.
Кога мојата генерација го започна „Уметникум“ идејата беше да дадеме можност на повеќе средношколски бендови, фотографи, философи, филмаџии, танчери, уметници да ја покажат својата музика, фотографии, ликовни дела, филмови, размисли пред своите соученици, но и пред друга публика. Ги прашав другарите од Кариерниот центар при РЈК што денес за нив значи „Уметникум“, какво е значаењето што овој фестивал го има за нив и која е идејата зад годинешното издание. Одоговорот е на слична нишка како и првичната идеја, средношколците изгледа сѐ уште ја чувствуваат потребата од ваква платофрма, па на кусо ми одговорија:
„Уметникум е настан кој веќе 4 години се случува во Корчагин. Целта е да се покаже нашата (младинска) уметност. Тоа го правиме преку дискусии на различни теми како и настапи на младите музичари.“
Годинава програмата е побогата од било кога, опфаќа настапи на над 15тина бендови и музичари, а опфаќа и сегменти поврзани со философија, поезија, филм, сликарство и скулптура. Па така:
Денес (15.2.) со почеток во 20 часот настапуваат Налеј (Корчагински училишен бенд), Десет, Хајка, Zanadu и Futility. Пред тоа, во 19 часот планирана е и философска дискусија со професорите Ристо Солунчев од Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Драгица Солунчева од гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“.
Во четврток (16.2.) со почеток во 19 часот планирана е дискусија со Стојан Синадиновски и Петре Чаповски за филмската уметност, а потоа е закажана проекција на филмот „Тетовирање“ на Столе Попов.
Во петок (17.2.) со почеток во 19 часот планирано е поетско читање на кое ќе учествуваат ученици од Корчагин, како и Андреј Медиќ Лазаревски и Софија Тодороска од Култура Бета. Потоа, од 20 часот, ќе настапат Visionary records, дел од КЕМ, Zee Bomb и Matej Foltz, Sexy Marsa и David Black со другари како дел од трап-вечерта.
Во сабота (18.2.) е ден посветен на сликарството и скулптурата со предавање на професорот Сашо Саздовски, со почеток во 19 часот. Потоа, од 20 часот, свој настап ќе имаат настап рап артистите Chairman, ДСШ, ЕБСФ, Kup De Gras, Maximus Vandal, Spask1 и Бригада 3.
Кариерниот центар, оваа учебна година веќе организираше неколку настани за што кажуваат дека се многу задоволни и дека се надеваат дека ги задоволуваат потребите за уметност на младите - свирки, филмски проекции, настан за денот на вљубените, како и за Halloween. Ги прашав кои се плановите кои ги имаат за до крајот на оваа учебна година, па со нас споделија дел од содржините што веќе ги имаат испланирано:
„За наредните месеци имаме испланирано уште еден настан планирано што ќе се одржи во Пацио. Како и пуштање во продажба чанти (tote bags) и Просветилка, која е 10-та јубилејна годинава, а ќе се оддржи на 23 март во Македонската опера и балет.“
Дел од средствата од билетите на Уметникум ќе бидат донирани за нашиот поранешен соученик Марко Здравковски!
Дојдете, поддржете ја младината, бидете хумани и уживајте на четвртото издание на фестивалот „Уметникум“.
Commentaires