top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

β-муабет со Леона Јариќ

Леона Јариќ е студент по компаративна книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески’’ при УКИМ во Скопје. Леона е филмофил, човек кој го сака филмот. Сепак, пред сè, Леона е талентирана режисерка, филмаџика. Таа досега има снимено неколку квалитетни краткометражни играни и документарни филмови. Филмови кои се прикажувани на филмските фестивали во земјава, но и во Србија. Има учествувано на бројни работилници во склоп на различни фестивали, а последниот краткометражен документарен филм ,,Животот на даска”, го сработи на ,,Ателје Варан’’ во Нови Сад, Србија. Филм кој наскоро може да го погледнете на настан кој следи, организиран од страна на ,,Култура Бета”.

Леона не само што создава филмови, туку и пишува, сака да направи одредена промена во општеството. Се инспирира од филмската уметност, но сепак тоа што и тежи сака да го преточи во филм. Леона вели дека не може да живее без филмот, доколку не би правела филмови, не би знаела што друго да прави.

Што значи да го сакаш филмот, да правиш филм и да живееш за филмот?

Прочитајте за Леона.


Леонид: Леона, каков беше патот на краткометражниот филм ,,Ласт фор лајф’’? На кои фестивали ,,прошета’’ и што освои?


Леона: ,,Ласт фор лајф” прво го испратив на ,,Дрим Шорт’’ таму зеде ,,Спешл меншн”, прва награда за филмот. Потоа се прикажуваше на ,,Младински филмски фестивал’’. Кога бев во Србија, кога работев на друг филм, монтажерката со која го работевме филмот ми рече дека има некој фестивал, ,,Микро Фаф’’, на кој не се плаќа сабмишн и јас го испратив ,,Ласт фор лајф’’. По месец дена ме известија дека е примен. Многу фини луѓе, криво ми е што не можев да отидам до Белград, бидејќи во тој период се разболев. Но, по недела откако го прикажуваа филмот, два, три дена пред доделувањето на наградите, добив мејл на кој пишуваше дека сум добила награда, ,,Лaст фор лајф’’ доби награда за ,,Најдoбар регионален дијавај филм”. Снимив видео во кое се обратив и тоа беше пуштено на доделувањето на наградите. Потоа на ,,ПИН конференција’’ во МКЦ еден од жирито настапуваше и ми пиша да ја подигнам наградата, статуетката. Статуетката се вика ,,Микрополис” и се две непропорционални керамички згради. Мене искрено ми беше шок, затоа што само го испратив филмот да оди на фестивали, не очекував ништо да земе и откако ја прочитав рецензијата ми беше мило. Мило ми е што пронашле некоја метафора, некој концепт во филмот.


Леонид: Како ти никна идејата за ,,Ласт фор лајф? Како го направи?


Леона: Идејата ми никна кога имав тринаесет години и се пријавив првпат на ,,Македокс’’ на ,,ДокуНикулци’’. Отидов во Македонски Брод, таму беше првата група, работилница за документарен филм и ни пуштија неколку креативни документарни филмови. Требаше во недела дена да развиеш идеја за документарен филм, која би ја снимал наредниот месец. Не знаев за што ќе правам документарен филм, немав тема, но бидејќи ни пуштија филмови и видов со какви теми се бават и какви методи користат, видов воис овер во документарен филм, видов дека користат и анимација, ми текна на лифтот во зградата во Прилеп во која живеам, бидејќи од секогаш ми бил интересен. Ми текна да снимам филм, во кој би имало целосен воис овер. Филмот ќе беше за жена која си го раскажува животот, оди ваму - таму и на крај што се случило и како се чувствува заглавено. Одлична метафора за тоа ми беше лифт и се решив да снимам воис овер и дека тоа ќе ми биде истражувањето. Но, сепак не помина идејата. Беше потребна конкретна идеја. Не помина, но остана да ме јаде. Во четврта година средно, професорот по ликовно ми даде тема ,,Вандер ласт’’ по биеналето во МСУ, за да направиме скулптура, цртеж, филм и јас решив филм да снимам. Немав идеја, но го земав телелфонот и фиш - ај леќата и во три, четири влеза влегов и во лифтовите се возев и снимав. Кога се вратив дома ги напишав дијалозите. На англиски напишав две три реченици и ги испратив на пријатели од странство. На Маргирата во Португалија, на Енрико во Италија и на Дими од МКЦ. Дими ми рече дека ми треба четврт лифт и во МКЦ го снимив четвртиот лифт. Дими беше четвртиот лифт, Германецот. Во една недела го завршив. Тој беше прв филм што сама го снимив од почеток до крај, напишав сценарио, го снимив по моја замисла. Немав никакви очекувања, го направив за проектот, сакав да видам дали ќе функционира. Имав некои сцени во глава што сакав да ги снимам и се обидов да ги снимам. Се возев три, четири пати во еден лифт. Во процес на монтажа сите кадри се поклопија. Барав одредена статичност. Идејата почна како документарен филм. Многу луѓе ми рекоа дека се пронашле во филмот. Сите лифтови сакаат живот. Од ,,Вандер ласт” до ,,Ласт фор лајф”.


Леонид: Во филмот се поставуваат егзистенцијални прашања, се зборува за смртта. Зошто баш тие теми?


Леона: Немав некоја конкретна замисла за тоа, знаев дека не може да биде еден лифт од кога почнав да го работам, сфатив дека има повеќе личности. Првиот се чувствува дека сака да има друг живот, вториот е неприфатен се бори со самотија, со својот живот, клаустрофобичен е, третиот мрази се, нихилист, мрази што е создаден, четвртиот е депресивен. Така сфатив дека секој лифт е различен, односно е различна личност, не може да биде еден лифт. Во секој лифт има приказна. Трите лифта се поврзани, си поставуваат егзистенцијални прашања, а четвртиот, Германецот е различен од нив, тој мрази се, не сака да постои, не сака ништо да постои, другите се борат со прифаќање, а овој се бори со неприфаќање.


Леонид: Репликите на лифтовите се доста поетични, филозофски. Од каде излегоа тие монолози? Можеби дијалог со себеси или пак монолог?


Леона: Првиот лифт знаев дека сака да е птица, вториот лифт знаев дека треба да се бори со самотија, средовечен разведен маж, третиот знаев дека е неофашист, а кај четвртиот, кој сум јас тука веќе има мои размисли. Откако го снимив се размислував што треба да каже четвртиот, што ќе биде адекватно. Поминував мост и се загледав во Вардар и сфатив дека сите длабоки води, сите големи води се темни и ми текна дека кога бев во Финска, сите реки беа црни, а тоа е длабоко, го напишав и испадна многу поетично.


Леонид: Што би кажала за монахот кој се моли? За ,,Ќелија”?


Леона: Во тој период размислував како може да се покаже некој лик затворен, со најмалку можни зборови, да се покаже таа празнотија, таа тишина, да се чувствуваш како да си во темна просторија и не знаеш каде се наоѓаш. Тоа е некоја тема што ме прогонува. „Ќелија“ беше вежба. Бирам збор и по него нешто пишувам. Ми се падна ќелија. Ми се создаде слика на еден монах што раскрстува со својот досегашен живот. Прво го напишав како поема, го опишува просторот. Може да се каже дека се откажува од религијата, дека протестира. Целата идеја ми беше дека тој ја гледа фреската, со солзи во очите, затоа што тој живеел изолирано како монах во манастирот и кога излегол се соочил со тоа колку е брутален светот и сега како да бара од фреската да го одврати, бара да му даде надеж. Во еден ден го снимив филмот. Кога го завршив бев многу среќна, затоа што испадна како што сакав. Го проектирав на ,,Џифони”. Луѓето ме прашуваа дали сум религиозна. Не е поврзано со тоа, туку со мотивот на клаустрофобија, неизбежност, дупка од која не можеш да излезеш.


Леонид: Како освои камера на ,,Грин филм фестивал”?


Леона: Бев на ,,Синедејс”, на работилница за краток филм или видео за некоја тема за климатски промени, екологија. Требаше во тим да работиме и се пријавив со Софија и ни се падна тема реки. Не сакавме да биде класично видео. Се решив дека ќе го искорениме проблемот. Направивме сцена во Џебно кино. Пушев цигари и јас бев загадувачот, претставував одредена корпорација. Софија доаѓа како еко активист. Со добри препораки, да се стават филтри, да се отварат речните корита. Јас викам дека треба нешто промотивно за луѓето, како од корпорација. И нејзе ја убија, како и преходните. Го направиме и зедовме трета награда. После тоа го испратив на ,,Грин филм фест”. Нè викнаа, имаше кино проекција за десетте најдобри во МКЦ. Главната награда ја добив јас. Главната награда е камерaта која сè уште ја користам.


Леонид: Како се случи ,,Хипохондрик”? Твојот прв филм на кој се сеќавам.


Леона: Прва година средно, на ,,Џифони”, на работилница за краток филм. Целта ми беше да се спојам со луѓе и да го снимам во еден ден, едноминутен филм. Го напишавме сценариото и кај мене дома го снимивме. Тогаш првпат сфатив дека четворица се собравме и успеавме да снимиме краток филм. ,,Хипохондрик’’ се проектираше на првото издание на ,,Младински филмски фестивал”.


Леонид: Како беше снимен ,,Пикавец”? Со кој работеше на филмот?


Леона: Летото пред да почнам четврта година средно, бев една недела во Прилеп. Со Ѓорѓи Нешковиќ снимав филм и пред овој, ,,Џинкс”. Мислам дека потфрлив и направив дистанца со глумците. Го снимавме како доку - фикшн. Сакам во иднина да направам проекција на тој филм. Да се навратиме. Ми ѕвони Џоле и ми вика: ,,Дојди кај мене, имам идеја за филм”. Ни го прочита сценариото, беше добро напишано. Јас прифатив да бидам камерман, а Ѓорѓи е всушност режисер. Неколку недели се подготвувавме, собиравме екипа, ресурси. Глумците беа добро извежбани и првата снимачка вечер првпат се склопивме како екипа. Снимавме цела вечер и завршивме со снимање. Беше преку еден ден снимање. Беше интересно затоа што беше филмче за нас. Имаше интересна случка кога снимавме сцена каде требаше да умре еден од ликовите и немавме лажна крв. Ни текна дека може да биде вино. Го истуривме и беше многу кул. Го снимавме во ,,Антико’’, во Ѓорче, на кровот на ГТЦ, каде што се одвива една од најинтересните сцени. Завршивме со монтажа и потоа проекциите беа во Кинотека, Милениум. Емир Јашаров ја правеше музиката и дизајнот на звукот. Затоа што бевме голема екипа сите си ја знаевме работата. Постерот исто беше на Џоле, од негова слика.



Леонид: Што би кажала за искуствотото со ,,Џифони’’?


Леона: Од шесто одам на ,,Џифони”, бев и во Италија на Џифони. Односот таму не ми заврши со ,,Џифони”. Тие ми помагаа во снимањето и монтажата на некои од филмовите и ми овозможија проекција на филмовите. „Ќелија“ го дававме како мастерклас, „Хипохондрик“ и „Ласт фор лајф“. Последните две години работам како модератор и бев селектор на Џифони. За време на корона додека бев модератор беше доста депресивно. Сепак оваа година беше одлична. Јуниорите многу ме изненадија, тоа беа деца од шесто одделение до деветто одделение. Беа доста зрели. Ги препознаваа филмските елементи и симболи. Се костимираа во различни филмски ликови.


Леонид: Кој следиш во ,,Животот на даска”, каде го сними и каков филм направи?


Леона: Во последен момент се пријавив на ,,Ателје Варан” во Нови Сад, работилница за документарен филм. Имав онлајн интервју со нив. По недела дена ми стигна известување дека ме примиле. Имаше предавања. Два месеци бев во Нови Сад. Требаше да најдеш локална приказна во Нови Сад. Имаше тринаесет снимачки дена и шест дена монтажа, недела дена пред проекцијата. Се најдов со еден скејтер. Се вика Тими. Го следев. Скејтерите возеа во скејт паркот и кога ќе се собереа да зборуват и да пијат пиво, тој ќутеше. Мислев дека нешто крие. Прво беше формален, а потоа почна да нè вика да го снимаме. Го снимавме и испадна неконвенционален скејтерски филм. Имав една замисла за филмот, но испадна нешто трето. Кога работиш долго на филм, не знаеш што си направил, не си објективен. На проекцијата беа дојдени некои од скејтерите и ми рекоа дека им се допаѓа. И тоа ми беше многу драго. Повеќе зборува со тоа што го прави, отколку со зборови. Инаку по двајца работевме на филмчињата, еден е режија и камера, а друг е звук и обратно. Се поклопив со Тамара од Црна Гора, таа снимаше во синагога.


Леонид: Што е тоа што следно ќе го правиш или веќе го правиш?


Леона: Пробувам да завршам сценарио за краток филм. Снимав две спотчиња. Димиш и Цеко за ,,Утопија”. Требаше да биде 3D анимација. Не успеавме да се договориме. Го снимивме за три дена на различни локации во Скопје. Имам некои постојани соработници. Со Емилија работам монтажа, Андреа Маркоска ми е продуцент, работев на спототвите со нејзе. После за ,,Ред 18”. За ,,Портал ту пејвментс”. Секаде има потешкотии.


Леонид: Кој ти е процесот на создавање, како ти се создава идејата?


Леона: Ако зборуваме за идеја, или ќе ми дојде како одредена ситуација или приказна или нешто што сакам да го искажам. Прво како текст, сакам најгрубо да ја објаснам сликата што сакам да ја претставам. Скицирам. Потоа почнувам да го пишувам сценариото, концептот и ѝ праќам на Андреа и таа ми ги тестира идеите. Сега се обидувам да напишам сценарија за краткометражен игран и анимиран филм.


Леонид: Какви филмови би сакала да правиш?


Леона: Ова сценарио што го пишувам се бави со смртта, како ја доживуваме, за задгробниот живот. Анимираниот филм ќе биде во 2D. Сепак не сакам да зборувам за себеси, досадно ми е. Со следниот филм сакам да бидам целосно јас. Ќе раскажам една своја приказна. Првпат целсно ќе се отворам и сакам да видам каков ефект ќе има врз луѓето.


Леонид: Кои теми те инспирираат?


Леона: Теми кои што ми се одбри познати. Додека сè уште сум млада и си го барам гласот, сакам да ги реализирам тие идеи. Сепак ако не го напишеш нештото како текст или е направиш филм, повторно ќе ти се враќа. Вака ќе направиш филм и можеби нема повторно да ти се врати. ,,Ласт фор лајф” беше првпат да плукнам, да кажам сè во прво лице. Ќе се обидам да не се кријам туку да ги извадам тие емоции.


Леонид: Дали се тоа чувства кои ти тежат?


Леона: Не тежат туку се сеприсутни. Ти го дефинираат животот. Еден ден ќе ти се вратат и тој ден не ќе знаеш како да го тераш. Со овие филмчиња сакам да ги ослободам тие чувства. Кога снимам филм сум друг човек. Ако не се бавам со филм, не знам што би правела.


Леонид: Што би правела повеќе, документарни или играни филмови?


Леона: Сакам да правам играни, наративни, сакам да ја градам приказната.


Леонид: Повеќе се фокусираш на ликовите или приказната?


Леона: Цело време се фокусирав на приказната. Сфатив дека самите ликови може да придонесат на приказната. Во ,,Ласт фор лајф’’ мило ми е што на тој начин ги претставив ликовите.


Леонид: Кои ти се омилени филмови, кои ти се омилени режисери?


Леона: Филмови кои ми го дефинирале стилот и погледот на светот. ,,Соништа” од Акира Куросава, не знам колку пати го имам гледано. ,,Љубов и смрт” од Вуди Ален. ,,Голема риба” од Тим Бартон, тој филм од шест години почнав да го гледам и тогаш не знаев англиски, го гледав неколку пати на ден, уште кога се користеа цедиња. Секоја година го гледам и секоја година наоѓам различна приказна. Омилен ми е. Ми се допаѓаат и Стенли Кјубрик и Ингмар Бергман, Тарантино за одредени работи, детиште кое рекло вака и вака ќе правиме, Пирјо Хонкасало, Гаспар Ное. Тарковски исто така, мора физички и психички да се спремиш за да го гледаш, има своја убавина во тоа, дозволува да се заборавиш во кадарот. Тим Бартон како мала. Некои филмови од Копола. Кешловски еден од најзначајните режисери. Агнес Варда, Годар што решил дека ќе се зафркава.


Леонид: Дали се инспирираш од другите уметности, освен од филмската уметност?


Леона: Најмногу се инспирирам од пишувањето, кога ќе прочитам нешто, се опседнувам со тоа и се развива идеја. Се инспирирам од филм, од емоцијата на филмот. Не можеш да живееш изолирано. Фотографијата исто така многу ме иснпирира, размислувам како јас би го направила тој кадар. Језиво ми е како во театар глумците во темница претрчуваат, а никој не ги гледа. Мислам дека бескрајно можат да се создаваат приказни. Многу слушам музика и некогаш ќе си речам: ,,Ваква ќе си ставам во филм”.


Леонид: За крај. Зошто се пронаоѓаш во филмската уметност?


Леона: Не би можела да го објаснам тоа. Како мала цртав, мајка ми е историчар на уметност и мислев дека ќе бидам ликовен уметник. Еден ден во петто, знаев да користам придавки и почнав да пишувам. Мислев дека ќе бидам писател. Потоа почнав да глумам. Еден ден во осмо, седам на шолја и мочам со телефонот во рака и гледав некое ,,зад камерите” видео, знаев дека постои режисер, но не знаев што прави режисерот. Режисерот им зборуваше на глумците и им објаснуваше што треба да прават. Тогаш мене ми кликна и реков: ,,Ова, точка’’. Ова е човек кој прави сè во филмот. ,,Јас ова го правам, па што сака нека биде”. Не знам од каде ми доаѓа таа сила. Кога треба да снимам, одам, снимам и не ми е мака.





Comments


bottom of page