top of page
Writer's pictureВасил Ханџиски

ẞ-муабет со Lincoln Letter: Младата сцена е сложна, одлучна и мотивирана како што порано ретко била

Lincoln Letter e македонски бенд кој е составен од Јулијан Мицевски (гитарист), Јаков Наумовски (главен вокал), Борјан Гаговски (басист) и Стефан Сајковски (тапанар). Во 2019 година го издаваат првиот и до сега единствен албум “Bedtime stories”, кој содржи 12 песни, а промоцијата на истиот се одржа во МКЦ (Сала 25 Мај). По 4 годишна пауза издаваaт нов сингл насловен “Skull and Bone” кој е достапен на нивниот Јутуб канал.


Премиерно видеото за песната го прикажаа на 27.7.2023 во Public Room. Ве поканувам да го прочитате интервјуто и да дознаете како овие дечки се споиле, што мислат за моменталната музичка сцена во Македонија и кои се нивните идни планови.


В.Х.: Lincoln Letter, мошне интересно име, тоа е сигурно. Воопшто не звучи овдешно, како да припаѓа во филм на Тарaнтино. Има ли некоја поврзаност и како дојдовте до идејата за името? Дали има некое одредено значење за вас како група?


ЛЛ: Името го извлековме токму од “The Hatetul Eight” на Тарантино и многу резонираше со нас поради тоа што претставува писмото од Линколн во филмот: приказна која ја пишуваш за да се заштитиш себеси. А знаејки дека сакаме да правиме вестерн албум ни беше и тематски соодветно. Викаат одбирање име за бенд е најтешко, па така првиот пат кога аплициравме да свириме некаде, рокот беше 12 навечер а ние во 11:50 сѐ уште мислевме кое име да седи и после десетици имиња со вестерн тематика, извикавме Lincoln Letter и веднаш бевме согласни дека тоа е името.


В.Х.: Приказните за основањето на бендовите им се омилени на луѓето и со таа цел сакам да ми раскажете како зашпочна вашата авантура како Lincoln Letter. Каде се запознавте?


ЛЛ: Јас (Јаков Наумовски) и Јулијан се запознавме на свирка во Карев, а со Борјан се дружиме од многу мали, но немавме сериозен бенд заедно пред Lincoln - само свирки во музичкото школо “Enterprise”. По запознавањето со Јулијан се договоривме да ми сними демо за една од песните, а кога разбрав каков гитарист е веднаш станавме бенд. Со Сајче не спои Ади, продуцентот на првиот албум, кога бевме во потрага по нов тапанар и одма кликнавме.


В.Х.: Да преминеме на вашата музика. Од каде црпите инспирација за вашата музика? Доколку можете во кој жанр би ја вброиле?


Инспирации црпиме од секакви уметности и потоа ги вметнуваме во нашата приказна. Од филм на Серџио Леоне до песна на Nick Cave, од Бетмен стрип до класична музика. Но музичките инспирации се секакви и доаѓаат од било каква музика која ни се допаѓа. А скоро подеднакво како од музика се инспирираме и од филм. Алтернативен рок би бил жанрот ако мораме официјално да ја вбројуваме, но неофицијално, филмски рок би било најсоодветно.


В.Х.: Дали творењето на англиски јазик е за да допрете до поширока публика или има некоја друга причина?


Творењето на англиски не беше некоја свесна одлука туку ни дојде природно од нашите влијанија и типот на приказни кои сакавме да ги раскажеме. За каубојски тематики најсоодветно звучеше англискиот, а исто и за пиратските. Покрај тоа, од практични причини испадна добра таа одлука, бидеќи јас поради студии поголем дел од годината сум во Америка и таму тие текстови, секој на кого му ги покажувам може да ги разбере.


В.Х.: Според мене младата македонска музичка сцена е во подем. Што мислите вие? Дали има некој од тие музичари што би сакале да го истакнете?


Секогаш сме имале одлични и преталентирани музичари во младата македонска сцена, но сега изгледа како да е целата таа сцена сложна, одлучна и мотивирана како што порано ретко била. Би сакале да го истакнеме Раде Биковски, кој работеше со нас како продуцент на новиот албум, а притоа свири во неколку одлични бендови како Луфтанза и Conspiracy и работи како продуцент со повеќе бендови отколку што би можеле да наброиме.


В.Х.: Бев на промоцијата на вашиот нов сингл и атмосферата беше енергична, како и самата песна. Што може да очекуваме од вас во периодот што следува? Дали можеби подготвувате нов албум? Дали можеме наскоро од вас да очекуваме некој настап?


Како што веќе се издадовме во претходниот одговор, новиот албум е спремен, а за настап, ќе има наскоро.



Comentarios


bottom of page