И во војна љубовта мора да опстои. Единствената цел на војната е унишутвање на љубовта и мора во секоја анти-воена песна да има и малку љубов.
Без вовед, директно во сржта на албумот „Време е!“, муабет на Иван Николов со Лука Јовановски од Vagina Corporation.
Иван: Што ти е фасцинацијата со авионите и нивното паѓање?
Лука: Авионите се прилично страшни направи. Летаат премногу високо, се гледа половина свет од нив и кога ќе влезеш нема излегување, само е, уф, мораш да се соочиш дека можно е да умреш. Тоа зависи од тоа дали имаш страв од авиони. Имав многу поголем страв, на пример кога одев на „Еразмус“ првпат, тогаш беше вториот лет во мојот живот, првиот не го перцепирав толку, мал бев, ама вториот беше како јас да ќе умрам. Три дена пред да летам секој ден мислев на тоа како ќе падне. Најлошото нешто што може да се случи ќе се случи. Катастрофизација мислам дека се вика тоа. Често е симптом на анксиозност. Си реков, океј, јас умирам и сега е моментот да излезе некаква музика од мене и да имам оставено некаков белег зад мене. Во два сабајле и три саати пред летот го правев албум коверот. И не падна авионот. Откако се вратив добив нагон да научам да летам, тоа ми е крајниот начин да го надминам стравот.
Иван: Дали е ова толку различно? Најпрво да те прашам за песната, дали е љубовна или револуционерна?
Лука: Мислам дека е мешавина од двете. Првиот мотив беше да биде воена бидејќи беше во периодот кога почна војната во Украина и секој музичар има(ше) нагон да направи анти-воена песна. Веројатно инспирирана од The Wall, Dark side of the Moon како најдобриот анти-воен албум што го имам слушано. Ужасно е тоа што се случува во светот и не е единствена војната во Украина. Цела Африка и Азија се уништени, ама на никој не му е гајле за тоа, сиромашни се и не се во Европа, не се белци. Ама исто така има љубовни ноти, мислам дека дури и во војна љубовта мора да опстои. Единствената цел на војната е унишутвање на љубовта и мора во секоја анти-воена песна да има и малку љубов.
Иван: Дали би рекол дека може да се води војна во име на љубов или никогаш не е возможно?
Лука: Мислам дека тоа е невозможно. Може да се води одбранбена војна, може да се браниш, ама да напаѓаш во име на љубовта е невозможно и е само залажување на себеси. Сите гледаат на љубовта како романтична љубов, а има огромен број на љубови во светот. Самиот акт да отидеш некаде, пример во природа, е акт на љубов. Од љубовта излегува животот иако е најочигледна.
Иван: Против кого се бориме со ладното оружје?
Лука: Ние сме ладното оружје. Нас нѐ користат како ладното оружје. Тоа се луѓето што се бесмилосно фрлени во воената машина, како топовско месо под илузијата дека се борат за сопствените граници, за сопствената земја, во всушност тоа носи само уништување на нивните семејства. Ужасот на мајка да изгуби син, брат или човек во војна. Да се изгубиш себеси во името на државата е толку апсурдно според мене.
Иван: Што подразбираш под ,,Песна за мирољубците, и оние кои сакаат љубов над сѐ!”
Лука: Немав што да напишам во описот и чекав нешто забавно да ми текне и всушност се прашував за кого би била оваа песна. Ова што го имам напишано е и самата тема на песна. Ако до сега не беше јасно дека е анти-воена песна, преку ова се гледа дека е. Да сакаш љубов е оксиморон ама јебига, имаме чуден јазик, соочете се со тоа. Убав е македонскиот јазик.
Иван: Во „Германски рок“ имаме разговор помеѓу два лика?!
Лука: Кога ја пишував тоа беше еден лик кој знае што прави врз другиот човек, но продолжува да ги прави иако знае дека е уништувачко за него и за себе. Како и ние, сите луѓе имаме такви особини кои знаеме дека се лоши, дека мораме да престаниме да ги правиме, но некогаш посвеста и минатото се посилни од нашите одлуки. Наоѓаме некаков комфорт во тоа. Првиот лик е кој прави сѐ во својата моќ за да не биде напуштена, со самото тоа го забрзува процесот на одделување, а другата сѐ што сака е да избега од моменталната ситуација.
Иван: Што е тоа што ги држи?
Лука: Љубов или може да се рече зависност еден од друг. Нема еден конкретен конфликт, конфликтот би бил животот.
Иван: Има поголемо значење фактот дека, после, заедно двата лика го пеат рефренот - „И кога велам дека не сакам да сум тука?“ Тогаш и двата лика се согласуваат на бегањето?
Лука: Потсвесно и двајцата знаат, дека средината во која што се наоѓаат и нивната врска не е најздравото место каде што можат да бидат и на крајот од денот знаат дека нема да трае. Само е обид да го издолжат времето кое што го имаат. Секоја врска во животот е конечна. На крајот има плач и доаѓа до конечно признавање на своите чувства, па можеби се и до некој степен преовеличени и дали навистина тој човек би се снемал со тапа лажица. Не можеме никако да знаеме и единствено ни останува да го спречиме тоа со сета наша моќ. Плачот на бебе кога не го добива тоа што го сака.
Иван: „Лажов“ е продоложување на претходниот конфликт ?
Лука: „Лажов“ не е директно поврзана со „Германски рок“ иако има многу сличности. Беше песна за друг човек. И двајцата имаат сличности и архитипични карактеристики за нив.
Иван: Во песната има одбивање и ефекти на ехо, да не симболизираат тие дека си ги интернализираме гревовите во нас и ги одбиваме од ѕидовите на нашата внатрешност?
Лука: Лажовот знае дека лаже, само длабоко во себе не може да избегне затоа што се чувствува безбедно, Тоа е единствениот начин што научил да е прифатен. Не се тие криви, туку општеството што ги создава. Кој е одогворот за излез од тоа. Може повеќе љубов? Може во прифаќање? Најмногу во самоприфаќање. Голем дел од луѓето сме биле на тие умствени патишта каде што не сме можеле да се помириме со слабостите што ги имаме. И тоа не е одговорот.
Иван: На средина од песната има смирен, инструментален дел, како мост или мирен период каде што се работи на конфликтот, а потоа се руши целото, се враќаме на истото место несменети?
Лука: Да, некако сме успеале да излеземе од таа темнина. Од тоа место каде што сме се чувстувале ранливи и слаби и каде што единственото возможно нешто беше да се менуваме себе за да сме прифатени и ја гледаме убавината на животот како чисти битија и се враќаме назад во старото темно место. Без можност да излеземе никако. Малку е мрачно што го направив така ама мислам дека е вистина.
Иван: Шаховска битка се води со врзани раце. Патерналистички, феудалистички односи се искажани во песната „Катерино“.
Лука: Се инспирирав за текстот од песната кога читав една книга "The Bloom Serpent" за една цивилизирана девојка од прилично удобно семејсто што оди во Мексико и ја гледа бруталноста и сиромаштијата што е присутна таму и како луѓето се попримални и не се толку задскриени зад лажните етикети и културата и е примена во култ каде што станува кралица каде што старите богови се почитуваат пред да се појават христијните. Се почитува богот Huitzilopochtli, кој е богот зад сонцето и затоа можеби има феудалистички теми и битки. Луѓето ги очекува повторното враќање на нивниот бог, каде што светот ќе се прероди откако е изеден од нивниот бог.
Иван: „Мртов доктор“ е единствената песна од албумот која што има видео.
Лука: Излегов од дома и ми текна дека имам камера. Кај мене има една болница што е за зависници и наркомани и цело е со шприцови по патот. И одлучив дека е многу забавно место за снимање видео каде што денсам. Ќе се зафркавам на фотошоп со заебани ефекти. И како што гледате, луѓето не ја почитуваат природата во Македонија и во светот има многу ѓубре и одвратно е. Ми се допаѓа што е уништена природата, таков контраст на толку убаво со тоа што човекот го прави и го уништува.
Иван: Баш за контрапозицијата што ја спомна во природата, дека е толку многу убава, истовремено е и толку уништена, дали тоа е намерно или дел од причината зошто се вика „Мртов доктор“?
Лука: Сигурно има нешто потсвесно, но името на песната е од "Oh Sees" шорт плеј и се вика "Dead Medic". Всушност оваа песна е ковер на "Few days of Reflection" и намерно сакав да ја крстам мртов доктор како шега. Природа со малце ѓубре станува одвратно и не е убаво да гледаш колку луѓето не си го почитуваат местото каде што живеат и со тоа се гледа крајот на нас како раса ако не се смениме. Мртов доктор, човекот е доктор а планетата ќе се спаси. Многу работи потсвесно се прават и многу ми е убаво кога ќе се поклопуваат со идеата која што не сме ни ја знаеле дека сакаме да ја кажеме, но на крајот произлегува убава вистина.
Иван: Последната песна е опишана како „Песна за мојот Кактус“.
Лука: Таа е единствената песна на англиски јазик и ја напишав во период кога пишував само на англиски. Кога не прифатив дека е подобро на македонски да се пишува. Нема доволно музика на македонски. Има тон музика на англиски и оригиналноста во јазикот може да биде пронајдена, ама сепак морав негде да ја ставам и ја ставив со албумов. Не знам дали е добар избор или лош, само тоа е тоа што се случи. И да, е за мојот кактус и неговата смрт. Сите ќе умреме еден ден, нема бегање и колку побрзо ќе го прифатиш тоа толку побрзо ќе почнeш да живееш.
コメント