Иван: Што е MadeOfSpit? Што е вашата философија? Која е вашата желба и што правите со вашиот профил на Инстаграм? Како дојдовте до основањето на профилот? Мојата лична слика што се појавува кога ќе се спомне MadeOfSpit e ретро, винтиџ естетика. Стари работи и напуштени фабрики од времето на Југославија и експедиции низ нив.
MOС: Како индустриски археолог (измислена професија). Сметам дека е грев историјата на индустрискиот и графичкиот дизајн на Македонија да не е документирана. МОС е мој креативен оутлет за сите интереси, истражувања, слики, скенови и експедиции. За мене е оутлет, а за луѓето е архива од свет кој сѐ уште не е регистриран во минатото.
Пасија ми е истражување и кога ќе истражиш еден мал град како Битола почнува да те интересира што се крие во минатото на тој град. Како средношколец во Битола, авантура ми беше да влезам во напуштен објект затоа што насекаде ме опкружуваа подотворени врати.
Сакам луѓето да добијат ХД документација на минатото и естетски убаво да изгледа.
За време на короната сакав профил со валкани слики. Осетив дека нема Тумлбр Македонија и затоа првите слики на профилот се такви. Потоа почнав да го полнам профилот со сопствени слики. МОС слики. И на крај почнав со архивата на некој начин.
Иван: Дали соработувате со локалното население? Не е ретко вашите објави да се со малцинства и со сиромаштија. Дали сакате да им дадете некакво светло и да покажете во какви средини се пораснати и живеат?
MOС: Сакам да дојде до израз секој стил на живеење, но морам да бидам внимателен затоа што тие не сакаат некој да им буричка во секојдневниот живот, затоа што за нив тоа е секојдневие, а за нас е една слика.
Иван: Кој град е MadeOfSpit, а кој не е?
MOС: Градовите што во минтатото биле поиндустриски развиени имаат напуштени објекти и канцеларии полни со артефакти (списанија, календари, разгледници). За разлика од градовите во руралните средини кои се полни со стари градби,калдрма и природа, а не толку со рушевини од индустрискиот сектор.
Иван: Што прави една слика да е MadeOfSpit.
MOС: Треба да биде ,,валкана”, ама организирана, избледена, ама јасна со силни бои, стара, ама 1080 пх, а сето тоа го правам со скенирање. Треба да има повеќе елементи: не сакам да има празен простор, во визбите нема празен простор. Сѐ е натрупано.
Отсекогаш ја сакав аналогната фотографијa, па гледам да наликуваат на 35мм филм иако некој не се.
Иван: Каква е рецепцијата од публиката? На што најмногу реагираат и што од вашата содржина најмногу ги возбудува и ги интересира?
MOС: Многу луѓе ми имаат речено дека фали ваква дигитална архива. Публиката ми дава мотивација бидејќи е органска, природна и жедна за светот кој пред брзо замина.
Таргет група ми се луѓе што креираат и можат да бидат инспирирани, а не луѓе што конзумираат и можат да бидат изнервирани.
Иван: Од каде ги црпите материјалите, од Македонија, од територијата на Југославија или на светско ниво? Дали соработувате со други луѓе или има некаде место каде што може некој да ви испрати нешто и вие да го објавите или место за соработка ?
MOС: Во секоја куќа, визба, канцеларија, фабрика и гаража има некое заборавено богатство гледано како ѓубре, а ако нема артефакт, ќе има јак кадар што моли да е сликан.
Не соработувам со луѓе за копање, соработувам за инспирација. Би сакал да соработувам со ноќните копачи низ канти.
Иван: Што треба за една експедиција? Дали сте имале некакви проблеми при снимањето на некоја ваша експедиција?
MOС: Треба да си излезен пешки или со велосипед за да не бидеш забележан и во најлош случај да можеш брзо да избегаш. Стари патики со голем ѓон (гума) за да не згазнеш на срчи, игли и ‘рѓосани штрафови. Топла препорака: влегувајте со фосерен елек, никој не прашува прашања. А за проблеми, ме имаат бркано и луѓе и кучиња.
Иван: Дали некогаш би се зафатиле да направите мала експедиција со луѓе кои што ќе се пријават да им прикажете некои од местата каде што сте биле или заедно да истражувате?
MOС: Експедиција се прави со помалку луѓе, целта е да не бидеме забележани затоа што сепак тоа што го правиме е… илегално.
Да, многу би сакал, посебно со луѓе што фотографираат, за да добијам нова перспектива околу кадри, светлина и композиција.
Иван: Какви ви се плановите за иднината? Каде го замислувате MadeOfSpit за една, две, дури и пет години?
MOС: За идината, можам само да ветам дека се ќе биде органско. Ова ми е пасија, вештачки работи не почитувам.
Иван: Дали имате некои други проекти кои што сакате да ги споделите со публиката, ваши или на ваши пријатели и познаници.
MOС: Инспирација голема ми е Ана Попоска (@hranoprovod). Експeдицјата што ја направивме со неа даде убав плод и нова перспектива. Бојан Прцуловски (@staroskopje) прави сличен проект со Скопје, тој како креатор навистина ми има помогнато со материјали и со издигнувањето на профилот. Моите пријатели се исто така објекти во моите фотографии и ме мотивират, поддржуваат и споделуваат.
Comments