top of page
  • Writer's pictureЛеонид Велковски

β-муабет со Милчо Манчевски, филмски режисер

„Кајмак“ се донесе до секоја ќерамитка, до секое кино и секој дом на културата и секоја сала каде луѓето сакаа да го прикажат или да го гледаат филмот.

Многу е лесно да снимиш филм за публика или за критика или за фестивали, лесно е да им се додворуваш. Нивните потреби се проѕирни. Ама, на тој начин почнуваш да го проституираш делото. Твоја должност како уметник е да имаш однос само со делото.

Од сѐ се инспирирам – и од она што го гледам, и од она што ми се случува, и од она што го сонувам. Научив дека сум бил во право кога сум верувал во себе тие 10-12 години додека сум создавал во темница.

Не работам по нарачка – ниту од продуценти, ниту од дистрибутери, ниту од партии, ниту од фестивали. Културниот естаблишмент во Македонија сака да ме снема уште од кога за првпат се појавив тука – јас секогаш им пречам на бубрежињата во лој, затоа што ги потсеќам на нивната суштинска ништожност. Снимам тука за да ги нервирам душманите, хахаха.

Што ќе ти се славата и парите ако ги немаш слободата и уметноста?

Режирање се учи со режирање.“


Филмскиот режисер живее со филмот и живее во филмот. Режисерот не ги создава филмовите само затоа што некогаш гледал филм, туку затоа што едноставно тоа е исконска потреба движечките слики во главата да се пренесат на платно. Секој кадар е во умот, секој детаљ, секој шум има симбол и секое движење на ликот е експресија и дел од искуството и потсвесното на режисерот. Филмот некогаш подолго живее во умот на режисерот, отколку што режисерот некогаш ќе го види филмот во материјална форма. Моментот на создавање и материјализација на делото е момент на соголување и лупење на дел од режисерската кожа за да се дојде до суштината и емоцијата која треба да се почувствува од делото, односно потребата и задачата на режисерот да допре длабоко во јадрото на филмот и да биде задоволен со тоа што го создал. Односот на режисерот кон делото е исто како односот на родителот кон детето. Толку долго го чувал во себеси и во одреден момент тоа е ,,надвор’’, оставено на милост и немилост на публиката и немилосрдната критика. Но, Милчо Манчевски вели дека за него е најважно каков однос тој има кон делото, односно колку е тој задоволен со тоа што го создал. За Милчо Манчевски постојат добри и лоши филмови, не постои доволно ,,македонски’’ филм, ниту пак некоја друга стереотипна одредница за некој филм.


фото: Boryana Pandova

Милчо Манчевски е филмски режисер со седум долгометражни филмови зад себе (Пред дождот (1994), Прашина (2001), Сенки (2007), Мајки (2010), Бикини Мун (2017), Врба (2019), Кајмак (2022)), добитник на ,,Златен лав’’ на Венецијанскиот филмски фестивал за неговиот прв долгометражен филм ,,Пред дождот’’, филм кој е номиниран за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и филм кој весникот Њу Јорк тајмс го има вброено во 1000 најдобри филмови на сите времиња. ,,Пред дождот’’ (1994) ќе остане запаметен како значаен филм и филм познат по својата кружна нелинеарна форма и силната порака: ,,Времето никогаш не умира. А ни кругот не е тркалезен.’’ Така и Александар, Кирил, Замира и Ен се сретнуваат во тој круг, нивните судбини се смрежуваат на повисоко ниво, се преплетуваат во време на омраза, осуда, каење и жед за љубов и враќање кон себеси и своето.


Но, не само ,,Пред дождот’’ (1994), туку и сите филмови на Манчевски се ,,враќаат’’ некаде, ликовите силно се борат за она што го посакуваат, да останат доследни на она што ги повикува, на некоја длабока потреба од соочување со себеси за да го добијат тоа што го сакаат, но судбината некогаш е или не е во нивна полза или само едноставно така било пишано (Манчевски им ја одредил судбината). Архетипското е она со кое Манчевски сака да си игра, она што сите го ,,знаеме’’ да го сврзе во некоја негова приказна, без разлика дали тоа е во Скопје, Њу Јорк, Штавица, Мариово, Лондон. Без разлика дали се работи за мајки, сестри, каубојци, љубовници. Она кое за мене ќе остане најсилен симбол на Манчевски не се доматите, туку мајката.


Концептуалната уметност, експерименталниот филм и другите аспекти од современата уметност, но и уметноста воопшто, се чувствуваат како силно влијание врз креативниот процес на Манчевски и изборите кои ги прави за структурата на делото. Тоа се провлекува и во неговите краткометражни филмови како на пример ,,Крајот на времето’’ (2017). Сепак тоа не е едноставна синтеза на тие влијанија, туку синтеза на знаење, чувство и искуство. Тоа се забележува во сценариото и монтажата, Манчевски ужива во пишувањето, не би снимал филм кој не е напишан од негова страна. Манчевски сака да биде безобразен и без кочници да го истакне тоа што навистина експлицитно или некаде затскриено во некоја сцена би сакал да го каже, односно преку замките сака да искритикува. Така и Манчевски и публиката паѓаат во замката наречена филм, во мачниот, проблематичен и конфликтен процес на правењето и восприемањето на филмската уметност.


,,Кајмак’’ (2022), последното дело на Манчевски, кое премиерата ја имаше на Токискиот филмски фестивал, каде што Манчевски имаше и мастерклас, привлече големо внимание, а кај нас публиката го дочека со големи очекувања. Филмот следи две приказни, на две семејства, од една страна Ева, Методи и Доста, а од друга страна Данче, Карамба и Виолетка, со истата потреба за љубов, но во различна социјална положба. Филмот ја критикува малограѓанштината и е огледало на општеството. Филмот критикува повеќеслојно....


Сепак, колку навистина уметникот може да биде објективен кон своето дело?


За да откријам повеќе за ,,Кајмак’’, но и за Манчевски, решив да го прашам за филмот, но и за неговиот процес на творење и неговата уметност.


Леонид: Вашето последно дело ,,Кајмак’’ следи две приказни, две семејства чии судбини се испреплетуваат. Филмот обработува повеќе теми, од мајчинство, желба за потомство, преку невозвратена љубов, до бетонизација на Скопје и класна разлика. Всушност, јадеме ,,кајмак’’, но не сакаме да јадеме од она што го имаме затоа што тогаш ќе излеземе од комфорната зона, која ни ја создал ,,кајмакот’’ и можеби повторно ќе вкусиме нешто невкусно. Дали современото општество и ние како негови чинители сме игнорантни кон она што се случува околу нас и проблемите со кои се соочуваме сакаме да ги ставаме под килим?


Милчо Манчевски: Луѓето во „Кајмак“ се и жртви и душмани. Некој повеќе, некој помалку, ама никој од нив не е ни само ангел, ни само ѓавол. Како во животот. Ми беше интересно да раскажувам прикаска која изненадува – не само со заплетот, туку да изненадува и со сериозните промени на емотивните валери од сцена во сцена, дури и од миг во миг во текот на истата сцена. Ваква комплексност ме возбудува и како гледач на туѓи филмови кои имаат сличен пристап, ама и како автор. Е, сега, кога една ваква постапка ќе примениш на материјал кој зборува за луѓе кои ни се потенцијално познати, за случки кои ни се потенцијално блиски, со реплики кои ја имаат тежината на вистината – тогаш добиваш едно изгланцано огледало во кое работите се многу јасни и силно осветлени, а во исто време и комплексни затоа што не се задржуваш само на една емоција. Сè почнува со опсервација на светот околу нас, а потоа се процесира во филмската работилница и завршува во прикаска, во fiction кој има емотивна тежина.


Леонид: Дали љубовта помеѓу Карамба, Данче и Виолетка ќе ги скрши стереотипите во македонското општество? Според вас, до која мера луѓето треба да се жртвуваат за да бидат среќни и за да примаат и да возвраќаат љубов?


Милчо Манчевски: Не го измисливме ние видот на врска каква што имаат Данче, Карамба и Виолетка. Тоа постоело со векови и сè уште постои, дури и кај нас. Се разбира, како и во секоја друга малограѓанска заедница, луѓе го кријат тоа. Не е лесно да штрчиш ако околу тебе има лоши и лицемерни луѓе што те судат иако го немаат тоа право. Во секој случај, љубовта и добрината се најважни работи на светот. Што повеќе учам во животот, тоа ми станува појасно дека нема ништо поважно од љубов и добрина. Карамба, Данче и Виолетка само си го бараат своето парче среќа под сонцето.


Леонид: Каква беше работата со актерите за време на подготовките за снимањето на ,,Кајмак’’, посебно со оние со кои првпат работите како Симона Спировска и Филип Трајковиќ?


Милчо Манчевски: Ова беше едно од најхармоничните снимања што сум ги доживеал. И Симона и Филип, и сите други глумци беа феноменални. Ние имаме глумци на светско ниво, тука нема дилема. И сите се и прекрасни, топли луѓе. Материјалот не беше лесен, имавме и тешки еротски сцени, емотивно набиени моменти, немавме многу време за снимање, ама процесот беше беспрекорен од неколку причини: (1) со кастинг директорката Милка Анчевска направивме луциден избор (кастингот траеше скоро шест месеци); (2) продуцентот Јане Ќортошев ни овозможи идеални услови за проби; и (3) имавме актерски дрим тим.


Леонид: Зошто одредени актерки ви се повторуваат и во ,,Кајмак’’, како Сара Климоска, Камка Тоциновски, Ана Стојановска и препознатливата Ратка Радмановиќ? Од актерите на пример Пепи Мирчевски и Александар Микиќ чија прва филмска улога му е токму во ,,Пред дождот’’? Дали негувате некоја посебна врска со нив?


Милчо Манчевски: Затоа што се неверојатно добри актери и соодветни се за дадените ликови.


Леонид: Зошто инсистирате на темелни читачки и мизансценски проби? На што најмногу обрнувате внимание при работата со актерите?


Милчо Манчевски: Затоа што пробите се мост меѓу сценариото и снимањето. Ако сакате филмот да има длабочина, голем дел од тоа се постигнува во пробите – се разбира, ако знаете да ја најдете и да ја задржите длабочината во пробите и на снимањето. Во читачките проби го разглобуваме сценариото, ги отвараме сцените и репликите, мотивациите на ликовите, наоѓаме причини за нивните постапки... Си читаме со глумците и со кастинг директорката, си правиме муабет, се смееме, после полека почнуваме со глума, па со корекции, па уште глума... Јас слушам, учам и советувам. Работиме по логика, по здрав разум. Сето ова во позитивна атмосфера, без камери, микрофони, светла, без растрчани гафери или нервозни продуценти... само глумците, сценариото и јас. Во овој процес кој трае три недели не само што енормно го збогатуваш филмот, туку и овозможуваш утре снимањето да тече полесно, а со тоа и да биде поевтино.


Леонид: ,,Кајмак’’ успеа да се дистрибуира низ 30 градови во Македонија, секаде каде што има основни услови за проекција. Во многу градови во домовите за култура и нема редовни проекции во кино салите, па всушност ,,Кајмак’’ претставува освежување. Како сте задоволни со дистрибуцијата на ,,Кајмак’’ и колку македонската публика сака да гледа македонски филм? Колку ви е важна публиката?


Милчо Манчевски: Тука има неколку различни моменти. Прво, како автор, сметам дека треба да имаш чист однос со делото, да комуницираш исклучиво со уметноста, а не со критиката или со публиката или со фестивалите или со историјата на филм. На тој начин остануваш чесен и правиш подобра уметност. Доколку почнеш да калкулираш со она што другите сакаат ти да снимаш, се компромитираш, а со тоа го компромитираш и делото. Многу е лесно да снимиш филм за публика или за критика или за фестивали, лесно е да им се додворуваш. Нивните потреби се проѕирни. Ама, на тој начин почнуваш да го проституираш делото. Твоја должност како уметник е да имаш однос само со делото. Е, сега, откако ќе го направиш уметничкото дело, се појавува нов момент – сега тоа завршено дело го нудиш на гледачот. Фер е филмот да го видат што повеќе луѓе, особено во ситуација како мојата кога луѓе ги очекуваат тие филмови, сакаат да слушнат што имам да кажам како филозофија или како размисла за општеството или каква емоција ќе создадам кај гледачот. Восприемањето на добра уметност и дијалог со и за добрата уметност, за жал, кај нас не се баш на некое сериозно ниво и тука се обидувам да помогнам – да имаме добра уметност и таа да допре до што повеќе луѓе. Маестро Дино Имери убаво го кажа тоа: „Ајде да гледаме добра уметност и да зборуваме за неа, наместо да зборуваме за политика.“ Јас ја имав среќата да работам со продуцентот Јане Ќортошев и со дистрибутерката Тања Ќурчинска-Пепељугоска, врвни професионалци кои многу, многу ги почитувам. Тие го донесоа „Кајмак“ до секоја ќерамитка, до секое кино и секој дом на културата и секоја сала каде луѓето сакаа да го прикажат или да го гледаат филмот. Потоа се закажуваа нови и нови и нови проекции. Во Крушево киното се отвори за прв пат со „Кајмак“, на други места за прв пат после месеци и години проработе проекторот. И сево ова во исто време со Скопје. Само во Велес не успеавме да ги кандисаме општината и театарот да се разберат и да го вклучат проекторот, па велешани одеа да го гледаат филмот во Скопје, Штип и Неготино. Во секој случај, вредни луѓе низ цела Македонија се ангажираа и кината проработеа.

Леонид: Покрај тоа што ,,Кајмак’’ треба да ,,крши’’, на кој начин вие го чувствувате ,,Кајмак’’ и каков однос имате кон делото?


Милчо Манчевски: За мене „Кајмак“ е привидно лефтерен филм кој држи багаж – секој кадар, секоја реплика носат во исто време и вистинска смеа и тага и шок во себе.


Леонид: Дали на некој начин се инспирирате од обичниот човек, затоа во вашите филмови често ,,ловите’’ луѓе во урбаниот метеж? Кои луѓе за вас се најинспиративни?


Милчо Манчевски: Од сè се инспирирам – и од она што го гледам, и од она што ми се случува, и од она што го сонувам. Изворот не е важен. (Се разбира, треба да запазиш некакви етички граници, ама освен тоа сè е fair game.) Важно е како ќе го обработиш материјалот – смислениот, видениот, сонуваниот... Важен е само резултатот. Можеш да му пристапиш како Борхес или како Балзак или како Зебалд или како Кундера или како Павиќ... Има разни начини да се обработи иницијалниот материјал Секој човек е необичен ако му влезеш под кожа, ако го сакаш и истражиш.


Леонид: Зошто често во вашите филмови како музичка подлога ги слушаме македонските шлагери или некоја македонска народна песна?


Милчо Манчевски: Оти се убави, а и затоа што сакам да им дадам платформа, што повеќе луѓе да ги слушнат и надвор од Македонија, а да ги слушнат и новите генерации.

Леонид: Мајчинството е тема која се провлекува во вашите филмови. Од ,,Сенки’’ до ,,Кајмак’’, а во ,,Мајки’’, ,,Бикини Мун’’, ,,Врба’’ и ,,Кајмак’’ е најизразена. Зошто постојано му се навраќате на мајчинството како тема?


Милчо Манчевски: Не знам. Немам осмислен, рационален одговор. Некако само по себе се случи, и тоа не само во филмовите што со право ги спомнувате, туку и во „Пред дождот“ и во „Прашина“. Никогаш не седнав да си кажам: „Ај, сега еден филм за мајчинството, затоа што е тоа многу важна тема.“ Темата сама се наметна, без да знам, скришно ми влезе во сценаријата. Прифаќам ако некој сака да психоанализира и да си најде одговори, ама не сум 100% убеден дека аматерската психоанализа ќе држи вода. Можеби вистинската причина е во тоа што мајчинството е драматуршки моќен момент, спротивен од убиството. Никој не прашува зошто во филм имате убиства. Еве, можеби и без да сакам помагам – на филм да има и бебиња, а не само убиства, хахаха.


Леонид: Дали можеби моментално подготвувате ново дело? Дали со следниот филм би заокружиле одредена трилогија?


Милчо Манчевски: Многу интересно што го забележавте тоа. Да, некако сама се наметна трилогија, ама трилогија формална, а не трилогија наративна или тематска. Да ја крстиме „скопска трилогија“ за оние што никако не можеа да се пронајдат во македонскиот пејзаж и село затоа што асфалтот им беше во гените од прадедовци и прабаби, хахаха. Сакам да раскажам една топла прикаска за љубов меѓу брат и сестра, за луѓе кои не припаѓаат никаде. Најпосле имам прекрасна екипа со која ми е мерак да работам, па сакам да продолжам со нив, а во исто време сакам и да излезам од комфор зоната, па ќе експериментирам и по прашање на формата (стилскиот пристап) и на продукцијата (технички, финансиски и организационо).


Леонид: ,,Пред дождот’’ е веројатно еден од вашите најуспешни и најценети филмови. По изминати многу години од првата проекција на филмот, на кој начин сега гледате на вашиот прв долгометражен филм? Дали режисерот може објективно да гледа на своите филмови?


Милчо Манчевски: Не верувам дека режисерот може вистински објективно да гледа, или барем не може стопроцентно објективно да го процени своето дело. Измешани се тука рационалното со многу емоции – и самото правење на филмот, и приемот на филмот, и процесирање на спрегата автор-гледач... па поради сето тоа тешко е да се биде објективен. После многу долго време мислам дека авторот може донекаде да си ја поврати објективноста (или да ја стекне), ама зависи од човекот, зависи од ситуацијата... Мојот однос кон „Пред дождот“...? Ми се чини дека сум свесен за мааните на филмот, ама ме радува иновативноста и безобразлукот со кој е конципиран и направен.

Леонид: Дали за вас ,,Пред дождот’’ е ремек – дело и кој од останатите ваши филмови припаѓа во истата категорија? Постои ли ремек – дело? Кој ваш филм би го издвоиле?


Милчо Манчевски: Прашувате погрешен човек. Наивно е, непродуктивно и нескромно авторот сам да си го оценува делото, барем не додека е жив, хахаха. Мене лично „Мајки“ ми е многу драг затоа што сметам дека е во исто време и чист и безобразен – емоцијата е чиста и чесна, силна, а формата безобразна, па дури и инвентивна.


Леонид: Дали научивте нешто од успехот на ,,Пред дождот’’ или можеби тоа беше уште една потврда за вашите ставови и знаења кон филмската уметност?


Милчо Манчевски: Научив многу. Прво научив дека сум бил во право кога сум верувал во себе тие 10-12 години додека сум создавал во темница, додека она што сум го пишувал или снимал никако не можело да излезе на светлината на денот ни во Њујорк ни во Скопје. Цело време сметав дека единствено ми треба шанса и ќе создадам дело што ќе биде релевантно. Тоа и се оствари. Научив и еден куп други работи од глобалната експлозија што се викаше „Пред дождот“, како на пример дека – како што еднаш ми кажа Сајмон Пери – не е важно дали си во право. Научив како функционира системот, како работат и играат моќните – иако таа лекција споро ја учев. Во меѓувреме научив и дека е најважно да се фокусираш на делото, а не на успехот или на другите луѓе (публика, критика, историја, фестивали, поддржувачи и душмани...). Најпосле научив и со мерак да уживам во работите, според онаа на Киешловски: „Работите што ги имаме се поважни од работите што ги немаме“.

Леонид: ,,Прашина’’ по ,,Пред дождот’’, како ваш втор долгометражен филм, своевремено повторно го привлече вниманието на западната критика, која веројатно организирано даваше негативна оценка за филмот, пред сè фокусирајќи се на воениот конфликт во Македонија (2001) и насилството кое го депиктира филмот, наместо на уметничка анализа на филмот и одгатнување на неговата симболика. Дали можеби Западот се препозна во филмот и дали вие свесно сакавте ,,Прашина’’ да биде критика насочена кон Западот и демистификација на западното морализирање, западната ,,чистота’’ и дволичност?


Милчо Манчевски: „Прашина“ е еден безобразен филм и тоа, очигледно, им пречеше на некои луѓе. Моја намера беше да направам еден многу игрив филм, и во формата, и во содржината. Приказната изненадува, прави акробации, и на крај се склопува како внимателно филигрански изделкана дрвена шолја за саке. „Прашина“ со голем мерак разглобува многу митови и си поигрува со архетипови. Догматските критичари несвесно се најдоа прозвани во една таква ситуација, без оглед на тоа дали е во прашање Западот или не. Интересно би било некој да направи сериозна форензика на атентатот врз „Прашина“ во 2001. Јас не ги читав критиките (во принцип никогаш не читам критики, ни добри, ни лоши), ама според она што ми го кажуваат, заклучивме дека се случија 4-5 паралелни работи. (1) Имаше луѓе на кои им пречеше овој разигран, иновативен и безобразен тон на филмот; (2) Некои критичари сакаа да се прават паметни, а испаднаа глупави затоа што наивно сметаа дека филмот ја коментира тогашната војна во Македонија (со УЧК), без да земат предвид дека филмот е снимен пред воопшто да почне таа војна, а тие самите сакаа да бидат на страна на „угнетените“; (3) Менталитет на крдо често владее на фестивали – некои критичари зборувале за тоа како да го пречекаат филмот уште пред да го видат; (4) Затоа што никому не премолчувам и не го кријам мојот презир кон лажни авторитети, си бев создал многу непријатели во индустријата; (5) Откривме дека постоела координирана акција да се оцрни филмот затоа што турската држава прави напори да ги скрие историските злосторства, наместо да се извини и да направи чекор кон иднината; (6) Имплицитен расизам кон филм од „светот во развој“ кој не е скромен, простичок и не се бави со темите предвидени за филм од „земја во развој“. „Прашина“ се подбива со морализирање и со дволичност, ама не само со морализирањето и дволичноста на Западот. Е, сега, тоа што цели критичарски структури се почувствуваа повикани да го бранат тој систем е само мувата на капата. Тоа размислување на крдо го гледаме денес во акција со новиот „воук“ Сталинизам кој ѝ нанесува повеќе зло на либералната идеја од бројни десничарски непријатели на демократијата. Неодамна овие размислувања ги организирав во еден краток есеј, „Големи очекувања: Кога еден филм не е доволно македонски“.

Леонид: Дали ,,Прашина’’ и ,,Пред дождот’’ се на некој начин поврзани? Дали за структурата на ,,Прашина’’ која е главно диктирана од монтажата, се инспириравте од кубизмот како ликовен правец, односно сакавте да го пренесете кубизмот во филмот или несвесно се обидовте да го реинвентирате филмското раскажување?


Милчо Манчевски: Па, да, може да се каже дека се поврзани на формален начин затоа што и во едниот и во другиот нарацијата, т.е. раскажувањето на прикаската не е линеарно, туку е разбиено, односно структурално покомплексно. Во „Пред дождот“ имаме структура на минимален, елегантен триптих, кој е навидум циркуларен. Во „Прашина“ имаме раскршена нарација, две приказни кои (дури и на по-малку мета начин) взаемно се создаваат, се преплетуваат, взаемно се прекинуваат и почнуваат, се преклопуваат и се разбиваат, за на крај да се склопат во една целина. Во тој поглед, ако земеме предвид дека објектот (сторијата) што го набљудуваме е гледан од различни перспективи и поради тоа е прикажан раскршен, тогаш апсолутно има паралела со кубизмот. Ми се допаѓа и тоа што кубизмот е прв модерен правец во уметноста, врата кон големата слобода што ја доживеа уметноста во 20. Век.


Леонид: Што ве привлекува кај неконвенционалната структура и форма на филмовите, нелинеарното раскажување на филмската нарација? Дали пронаоѓате нешто посебно во триптихот како форма кој е присутен во ,,Пред дождот’’, ,,Мајки’’, ,,Врба’’?


Милчо Манчевски: Интересно ми е да си играм, а без игра нема уметност. Играта е радост, ама и врата кон големата уметност. Се разбира, не е доволно само да си играш, треба и многу талент, многу работа, дисциплина, упорност, среќа... После играњето треба да се раскостиш од работа. Или, да го поставам одговорот наопаку – здодевно ми е да раскажувам линеарна приказна. Тоа можам да го направам со врзани очи. Ако сакаме сериозен одговор, можеме да се согласиме дека истражувањето е добар чекор кон иновација, кон побогато и оригинално уметничко дело, кон нешто што има вредност. Триптихот е само една од можните форми кои до сега се покажале како релевантни и полезни во мојата работа, ама ако ги споредите овие филмови, ќе видите дека во секој од нив станува збор за поинаков вид на триптих – (1) циркуларен; (2) со спротивставени жанрови наративно неповрзани; и (3) триптих во кој поврзаноста е делумно тематска, а делумно со лизгачка хронологија.


Леонид: Обично велат дека наративниот филм треба да има добра приказна и добро изградени ликови, а формата и стилот треба да се остават за на крај. ,,Мајки’’ e поделен на три дела од кои два се играни, а третиот е документарен. Дали може формата да помогне во подобро обликување на приказната?


Милчо Манчевски: Да, формата и приказната се испреплетуваат, се сакаат како љубовници и се борат како пеливани, и треба да си помагаат. Сепак, во наративниот филм приказната е костурот врз кој се лепи месото и нервите и кожата. Кога го гледаш тој човек наречен уметност, можеш да помислиш дека убавината доаѓа од кожата и мускулите, ама без костурот имаш само куп месо, кожа и коса. Да, неопходна е добра приказна. (Што не значи дека треба да се бара клише приказна и да се трча по скрипт-доктори и формули.)

Леонид: Зошто никогаш не направивте ,,холивудски’’ филм? Зошто секогаш географски и културно ѝ се навраќате на Македонија иако велите дека вашите филмови може да се одвиваат било каде во светот?


Милчо Манчевски: Затоа што тоа нема да биде мој филм. Не работам по нарачка – ниту од продуценти, ниту од дистрибутери, ниту од партии, ниту од фестивали. Холивудските продуценти, студија и дистрибутери се мешаат во работата на режисерот (и на сценаристот), а јас немам причина тоа да го прифатам. Огромен процент од нивните филмови се неинвентивни, здодевни, за срамење. И самиот процес не е пријатен, не работиш со луѓе со кои сакаш да работиш или со глумци кои се навистина твој избор. На крајот од денот, испаѓа дека единствениот ќар од снимање холивудски филм е огромниот хонорар, ама тоа не може да биде замена за креативниот процес или за уметничкото дело. Уметноста нема цена – не може некој да доцртува автопат во платно од Ван Гог само затоа што имал пари да го купи платното. Креативната сопственост е поважна од финансиската. Јас студирав во Америка, кариерата ја почнав во Њујорк, првите награди ги освоив таму... Во Македонија се вратив со спакуван проект („Пред дождот“) – готово сценарио, финансирано од Бритиш скрин и Полиграм Франција. Македонија влезе во проектот на почетокот, па се повлече. Ние почнавме со снимање, и македонската држава се приклучи на проектот пред самиот крај на снимањето. И следниот филм, „Прашина“ беше 95% финансиран во странство затоа што македонските пари за филм се делеа на партиски војници и пријатели. Слично беше и со „Кајмак“. Во „Кајмак“ се вложени повеќе странски одошто македонски пари затоа што во годината кога „Кајмак“ се финансираше, Агенцијата за филм – криејќи се зад пандемијата – подели 73 милиони денари на филмови од кои најголем дел воопшто не се снимени. Антикорупциска комисија поради тој случај бараше Владата да го смени директорот на Агенцијата. Инаку, кога во Македонија девет години бев на црна листа (2010-2019), снимив филм во Њујорк, „Бикини Мун“. И тој филм е авторски, а не холивудски. Културниот естаблишмент во Македонија сака да ме снема уште од кога за прв пат се појавив тука во 1982, после студиите во Америка. Денешните Салиеривци се уште полоши од оние во југославско време. Не е важно ни државно уредување, ни партија на власт – јас секогаш им пречам на бубрежињата во лој затоа што ги потсеќам на нивната суштинска ништожност. Снимам тука за да ги нервирам душманите, хахаха.


Леонид: Вашите филмови имаат специфичен и препознатлив визуелен изглед. Одредени локации во Македонија стануваат уште попознати поради вашите филмови. Каква е долгогодишната соработка со продукцискиот дизајнер Дејвид Манс?


Милчо Манчевски: Дејвид е мој најдолгогодишен соработник. Кога тој се вклучи во „Пред дождот“, јас не го познавав, ама се покажа како редок професионалец, талентиран уметник и фиљан човек. Исклучителна личност, соработник на кого можам да се потпрам 1.000%. За жал, ми требаше долго време да изградам поширок тим од врвни професионалци и чесни луѓе – кастинг директорот Милка Анчевска, продуцентот Јане Ќортошев, извршниот продуцент Иан Прајор, пи-ар менаџерот Ивана Тасев, композиторите Кирил Џајковски (со кого се знам од деца) и Игор Василев-Новоградска, дистрибутерот Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, директорот на социјални медиуми и маркетинг Дарјан Раденковиќ, монтажерите Ник Гастер и Мишко Чунихин, итн. За добар филм треба десетици талентирани професионалци, а јас на почетокот од кариерата, за жал, бев тотално сам. Дури и полошо, продуцентите на „Пред дождот“, а и на следните филмови, се покажаа не само како неспособни, туку и како злонамерни. Можеби битките – иако непријатни – ми даваа дополнителна креативна енергија. Што се однесува до визуелниот изглед, за секој филм барам малку различен изглед, соодветен на различната природа на секој нов филм. Секогаш работам визуелна макета, цела шарена книга на референцијални точки и урнеци. Откако ќе го развијам иницијалниот концепт, се вклучуваат Дејвид, па потоа директорот на фотографија. Во кариерата имам работено со секакви директори на фотографија – од исклучително чувствителни и талентирани професионалци и оскаровци до себични примадони кои мислат само на себе, но не и на филмот, па дури и до кинематографери кои не знаеја каде се наоѓаат за време на продукцијата. На „Кајмак“ ја имав таа исклучителна среќа да работам со ретко талентиран млад директор на фотографија од Данска, Улрик Боел Бенцен. Во него се обединија најубавите особини – вкус, техничко знаење, пожртвуваност, познавање на процесот, добра соработка со екипа....


Леонид: Која е придобивката да се биде слободен уметник и да не се создава под прангите на големите филмски студија и нивната машинерија?


Милчо Манчевски: Најважното нешто на светот. Што ќе ти се славата и парите ако ги немаш слободата и уметноста?


Леонид: Колку е тешко да се ,,испече’’ режисерскиот занает?


Милчо Манчевски: Па, не е лесно – треба да те бива за раскажување, да имаш визија и способност да ја претвориш во нешто материјално, а за тоа ти треба упорност, големо техничко познавање, способност на организација, умешност во соработка со други уметници (композитори, актери, монтажери...). И талент. На моите пост-дипломски студенти на New York University им велев дека за уметност треба срце и занает. На занает јас ќе ги научам, а за срце ќе инсистирам да ги прават оние филмови што навистина сакаат да ги прават, а не оние кои некој друг очекува тие да ги прават. Им велам дека се најважни три работи: вежбање, вежбање и вежбање. Режирање се учи со режирање. Не ми филозофирај, не ми објаснувај што сакал да каже писателот. Некои луѓе имаат предиспозиции, а некои треба повеќе да учат. На пример, уште од првиот семестар се виде дека Кери Фукунага знае точно што прави и знае како тоа да го постигне. Поминаа 15 години, и он има Оскар, режисер е на „Вистински детектив“ и на последниот Џејмс Бонд. Други луѓе се скриени жарчиња – Марк Хејман беше многу смотан, ама брзо се разви и освои Оскар за сценариото на „Црниот лебед“ на Аронофски.


Леонид: Кој дел од создавањето на филмското дело ви е најомилен? Дали можеби тоа е пишувањето на сценарио или пак процесот на монтажа?


Милчо Манчевски: Да, пишувањето, монтажата и работата со глумци. Сите три се на свој начин три аспекти, три лица на раскажувачкиот процес. Сите три се во исто време апстрактни и конкретни, односно здраворазумски. (1) Во пишувањето можеш да правиш што сакаш, ама тоа на крај мора да има своја емотивна логика. (2) Во пробите со глумци сево ова се сведува на човечко ниво, се дознава зошто луѓето (ликовите) го прават тоа што го прават и како се чувствуваат, и тука се прават сите деликатни дотерувања во мотивирањето, а понекогаш и во деталите на прикаската. (3) Монтажата, пак, е најапстрактен дел од процесот. Со менување на местото на два кадри или со исфрлање на една сцена се менува значењето на нештата. Се менува и емотивниот набој. Како да играш шах со емоциите. Да можам, никогаш не би одел на снимање, туку би ги работел само овие три фази од процесот на правење филмови.


Леонид: Што последно гледате од филмови и што можете да и препорачате на публиката?


Милчо Манчевски: Бев претседател на жири во Рим и таму видов еден смел романски филм, „Баксузно дупење или улаво порно “ на Раду Жуде. Му ја дадовме главната награда. Инаку, го следам тоа што го прават Пол Томас Андерсон, Тод Солонѕ, иранските филмови, рендом филмови на „Муби“....


Леонид: За крај, што би им порачале на младите и идни филмаџии? Каков однос треба да имаат кон уметничкото дело?


Милчо Манчевски: Религиозен. Ако им е поважно нешто друго (слава, пари, црвен тепих, женски/машки...), а делото го користат како средство да дојдат до тоа, подобро да не го малтретираат уметничкото дело. Само ќе бидат несреќни. Нека си најдат друга, посоодветна професија. Затоа што нема поголема радост од чесна креација.






1,248 views
bottom of page