top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Пепи Стамков од „Коронијалс“

На крајот од февруари (21-28.2.2022), како прв младински фестивал оддржан оваа година, во Домот на културата „Кочо Рацин“, се оддржа второто издание на фестивалот „Коронијалс“. Под мотото „Чувајте ја културата“, тимот на фестивалот ни приреди повторно потсетување на младинската уметност и оддржи седумдневно културно-уметничко збиднување посветено единствено на истата. За таа цел, правам β-муабет со Пепи Стамков, еден од членовите на тимот на фестивалот „Коронијалс“!


Андреј: Што претставува „Коронијалс“, кој е главниот мотив на фестивалот?


Пепи: „Коронијалс“ има интересен историјат, исто како и самото име на овој фестивал. Мотивот, овој настан (а и тимот зад настанот) да се нарекува така беше делумно поттикнат од генерацијата “millennials”, поточно од името за генерацијата (луѓе родени од 1981 – 1996), како и името на пандемијата која трае веќе две цели години (коронавирус). Главниот мотив на овој фестивал има неколку здружени цели: запознавање и промовирање на млади културни и уметнички творци, промовирање нивни дела, како и дружба меѓу младите, согласно мерките за заштита од коронавирусот.


Андреј: Раскажи ми за годинешното издание на „Коронијалс“ – каде се одржа, од кога до кога, што опфаќаше програмата!?


Пепи: Годинава, „Коронијалс“ се одржа во просториите на Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Самиот фестивал траеше седум дена, од 21.2.2022 до 28.2.2022, иако имаше „неформален“ почеток на 20.2.2022, кога почна детската креативна работилница за раскази и илустрација во којашто учествуваа деца од 9 до 12 години, и истата резултираше со промовирање на творбите во галеријата КО-РА. Детската креативна работилница беше поддржана од драмското училиште „Тинтири Минтири“.

Официјалниот почеток на фестивалот беше на 21.2.2022 (понеделник) кога се отвори групната ликовна изложба која траеше до корајот на фестивалот. На 22.2.2022 (вторник) се отвори самостојната изложба на фотографии, насловена „Бегство од рефлексија“ на Михаил Митевски. Истата вечер се одржа ноќ на класична музика и опера, на која настапија учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ како и студенти од ФМУ. Во среда (23.3.2022) се снимаше емиција со македонскиот поет, прозаист и драматург – Стефан Марковски. Водители бевме со Светла Јакшиќ, а разговаравме за неговото творештво, за книжевноста во Македонија, како и за придонесот на Стефан Марковски за најстарото книжевно списание „Современост“. Во четврток (24.2.2022) во 20:00 часот, имаше проекција на филмот „Малечка“ од режисерката Ана Андонова, а во 21:00 настапи Емануела со нејзината нова монодрама, насловена „Ѕвездан“. Овој настап за мене беше „откритие на годината“ – никогаш претходно не сум присуствувал на монодрама. Пред мене (а и пред публиката) се отвори таква изведба, што, ја проследив со огромна доза трема. Се чустував како јас да ум на сцената, како да сум Емануела што пее пред присутните. Крајот на монодрамата го затекнав со солзи во очите. Ретки се тие перформанси што ги насолзуваат очите од радост. Таква беше изведбата на монодрамата „Ѕвездан“. На 25.2.2022 (петок) се снимаше поткаст, воден од Светла Јакшиќ и Јана Ангелковска. Гостин беше Мартин Џорлев. Саботата (26.2.2022) беше полна со случки: Во 13:00 се одржа промоцијата на творбите кои настанаа во недела (20.2.2022). Во 20:00 започна игранката, на која настапи експерименталниот бенд „Ендемски вид“ од Кавадарци, а во 21:00 ноќниот амбиент го продолжи Павле Петровски. Фестивалот заврши со Ноќ на прозата и поезијата, на којашто читаа: Ненад Јодлески, Владимир Мартиновски, Ирена Јурчева, Лиле Стефановска, Исток Улчар, Горазд Китановски – Кени, Софија Тодороска, Светла Јакшиќ, Емануела, јас, и, на наше огромно задоволство, нè посети и поетот и есеист Никола Маџиров, кој исто така прочита песна.


Андреј: Кој сè е во организација на фестивалот и што секој од вас придонесе за фестивалот?


Пепи: Членови сме: Емануела (на која бескрајно ѝ благодарам што ме вклучи во овогодинешниот тим), Светла, Софија, Дафина, Јана, Магдалена (која го дизајнираше постерот), Михаил (кој беше задолжен да нè фотографира, а воедно беше и режисер на емисијата со Стефан Марковски), јас, и Александар (Брус), кој му помагаше на Михаил во техничкиот дел.

Андреј: Колку недостасува културата и дали пополека го враќаме културниот живот?


Пепи: Културата отсекогаш постоела. Работата е во тоа колку ја негуваме. Културните настани го заживуваат секое место, особено ако се одлично промислени и одржани. Би рекол – го „заживуваме“ културниот живот, не го враќаме. Културниот живот е тука, ние треба да му помогнеме, да го живнеме, да го активираме. Тоа е целта и на нашиот фестивал.


Андреј: Дали имате идеи за третото издание на фестивалот догодина?


Пепи: Ова ќе биде класичен одговор, но сè уште не сме разговарале за трето издание на „Коронијалс“, барем сме немале официјален состанок. Имаме голем интерес за настанот (неколкумина од присутните нè прашуваа дали планираме нешто следната година). Искрено, сакам повторно да се одржи „Коронијалс“. Тимот со којшто работев е преполн со харизма, дури немам никаква опција да одречам ништо. Сите носиме позитивна енергија – таа е клучен фактор за годинешниот успех на „Коронијалс“.

Андреј: Што мислиш, дали нè очекува година исполнета со култура и настани?


Пепи: Да. Во тоа сум убеден. Всушност, културните настани не мора да се од којзнае колкав размер. И мала група љубители на културата и уметноста можат да се соберат во парк и да организираат изложба, или пак да читаат поезија. Ги охрабрувам сите кои имаат такви планови но сè уште не го направиле првиот чекор. Почетокот е комплициран и тежок, се согласувам , но крајот е неопислив!

Comentarios


bottom of page