top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Слаѓан Пенев од Филозофски филмски фестивал

Вечерва започнува 12. Филозофски филмски фестивал, со музички-перформанс на Бранко Фолтин и проекција на „Додека трае војната“ на Алехандро Аменабар, ФФФ ја отвора својата Главна фестивалска програма. По тој повод направивме краток муабет со продуцентот на фестивалот Слаѓан Пенев, а во продолжение ви ја пренесуваме и програмата за 12. Филозофски филмски фестивал.

Андреј: Зошто философија и филм, каде е спојот?


Слаѓан: И философијата и филмот нудат идеи. Без разлика дали сакате да го толкувате или менувате светот, идеите на едно философско или филмско дело ви овозможуваат ново преиспитување на вашите ставови, дијалог за вечните или актуелните проблеми на суштествувањето, а понекогаш и токму спојувањето на философска анализа и филмска творба придонесуваат за извонредно естетско доживување и вдахновување на гледачот за креативно остварување. Филозофскиот филмски фестивал е посебен поради намерата овој спој да се случува во еден одреден релативно краток период во кој преку изборот на дела со висока естетика и изборот на личности кои имаат не само страст кон филмот и философијата, туку и способност да ги споделат своите идеи и ставови со публиката, па и да ги понудат во отворена арена за преиспитување и критичко дебатирање.


Годинешното издание е посветено токму на надреализмот. Фестивалската максима годинава е „Будење на сонот“, а во својата суштина го крие ножот под окото на сите оние кои свесно заборавија да сонуваат и во себе крие пркос кон оние кои сакаат „здраво за готово“ да го продадат сонот како да е реалност.


Годинава Филозофскиот филмски фестивал е конципиран во два дела: првиот дел кој се одржа од 19 до 27 мај, Ретроспектива Буњуел, во чии рамки публиката имаше можност да погледне 9 филмови од опусот на Луис Буњуел; и вториот дел кој ќе се одржи од вечерва (1 јуни) до 9 јуни во чии рамки публиката ќе може да ги погледне филмовите од Официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови, како и Ревијалната програма: Филм-философија.


Вечерва Главната програма на фестивалот започнува со музички перформанс на Бранко Фолтин кои во интимната атмосфера на Летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката ќе ја пренесе својата поетско-музичка уметност, а веднаш потоа ќе следи проекција на филмот „Додека трае војната“, последниот филм на Алехандро Аменабар кој ги прикажува состојбите на почетоците на граѓанската војна во Шпанија, како и дејанието на философот и писателот Мигел де Унамуно кој во тоа време бил ректор на Универзитетот во Саламанка, кој имал важна улога во шпанската граќанска војна.

Во текот на останатите денови публиката ќе може да ги погледне 5-те филмови од Официјалната селекција на долгометражната програма: „Заклетвата на Хасан“ на Семих Капланоглу, „По љубовта“ на Але Кан, „Претпоследниот“ на Јонас Керуп Хјорт, „Коста Брава, Либан“ на Мунија Акл и „Клара Сола“ на Натали Алварез Месен. Покрај овие филмови, публиката има можност да ги погледне и 16-те краткометражни филмови меѓу кои и македонскиот „Северен пол“ на Марија Апчевска. А од Ревијалната програма: Филм-философија публиката, покрај вечерашниот „Додека трае војната“ ќе бидат прикажани и „Безгласен“ на Хонг Ви-џонг, „Млинот и крстот“ на Лех Мајевски, „Франкенштајн“ на Џејмс Вејл, „Хирошима, љубов моја“ на Ален Рене и „Нешто корисно“ на Пелин Есмер. Сите филмови од ревијалната програма ќе бидат проследени со соодветни излагања на професори, режисери, филмски критичари кои ќе дадат свое читање на филмот, а потоа публиката ќе може да влезе во дискусија и коментари за филмот.


Го прашавме Слаѓан, кои се неговите 5 предлози од фестивалот кои публиката задолжително ќе треба да ги посети.


Слаѓан: Заинтересираните посетители на ФФФ нема да згрешат ако погледнат многу повеќе од моите пет предлози, затоа што програмата е богата, комбинира дела создадени во текот на речиси еден век, издржани филмски дела кои добиле и естетичка верификација преку соочувње со релевантни философски анализи. Било кое од делата кои беа избрани во Ретроспективата Буњуел е добар почеток за овогодинешната философско-филмска дружба, а селекторите на останатите програми избраа значајни и привлечни филмови од кои е неблагодарно да се издвојат само дел. Ревијалната програма Филм Философија на ФФФ во која пет извонредни познавачи на филмската уметност нудат свои толкувања на свои омилени дела е нешто што отскокнува во однос на филмската култура во Македонија. Особено се надевам дека проекцијата на филмот Хирошима, Љубов Моја на Ален Рене и излагањето на философката Кица Колбе ќе бидат извонредна можност за критички осврт кон темите за љубовта и траумите на војните. Секако и проекциијата на одличниот турски филм Нешто корисно на кој ќе биде присутна и извонредната режисерка Пелин Есмер, која по филмот ќе разговара со философот и филмски истражувач Сердар Озтурк, ќе биде еден од настаните кои ќе го одбележат не само ова издание на фестивалот, туку верувам и ќе биде еден од најзначајните настани во Скопје периодов. Во однос на компетитивната програма, селекторот Кирил Трајчев направил одличен избор, а моите фаворити се либанскиот Коста Брава Либан и костариканскиот Клара Сола.

Во рамките на Филозофскиот филмски фестивал покрај филмските проекции публиката ќе може да проследи и:

- Презентација на естетичко-филмолошко истражување на м-р Васил Михаи (2 јуни);

- Q&A со данскиот режисер Јонас Керуп Хјорт за неговиот филм „Претпоследниот“ (3 јуни), премиерно прикажан на Фестивалот „Црни ноќи“ (Black Nights) во Талин;

- Промоција на Зборник од минатогодишната конференција „Филозофија и филм“ (8 јуни);

- Музички перформанс во рамките од Придружната програма со Андрија Хаџиќ (Funkier) од Србија, (8 јуни во кафе-бар Мартини);

- Првиот ФФФ дијалог, оваа година со познатата турска режисерка Пелин Есмер и проф. д-р Сердар Озтурк, претседател на Здружението за филм и филозофија во Турција, (9 јуни).


Важна мисија на фестивалот е развивање на философската мисла преку филмска-контемплација и развивање на рефлексија врз клучните философски прашања и концепти со цел градење, развивање и негување на своите автентични филмски светогледи. Оттука и прашањето:


Андреј: Дали ни е потребна философикација на општеството и дали овој филмски фестивал е еден од тие обиди за философикација?


Слаѓан: Секогаш има потреба од мудрост во создавањето на организираниот граѓански модел и во одржливоста на културата во една заедница. Философите може да се обидуваат да понудат некои идеи или решенија за малите или големите проблеми на една заедница, а фактите или општествената стварност често знаат да бидат игнорантни кон „љубовниците на мудроста“. Затоа, исходот е неизвесен. Или ќе се обидувате да ги придобиете незаинтересираните, или ќе останете да живееете во својот неразбран или неприфатен свет на мудроста.

Филозофскиот филмски фестивал е базиран на голем ентузијазам, смелост да се направи нешто повеќе во однос на она што многу генерации философски просветители го култивираа кај младите трагачи по големите идеи за слободата, смислата, убавината, моралот итн. Нашето општество нема да се смени под влијание на овој фестивал, верувам дека тоа не е ни намерата на неговите основачи, но може да создава нови јадра на философска и филмска креативност кои ќе внесат нова енергија во културата и ќе ја збогатат критичката јавност.

На вас останува само да го посетите Филозофскиот филмски фестивал и да уживате! Повеќе информации може да пронајдете на philosophicalfilmfestival.mk и на социјалните мрежи на фестивалот.


Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page