top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со тимот на Орцашка вечер на поезијата

Минатата година во скопската гимназија „Орце Николов“ се случи првата Орцашка вечер на поезијата. Тоа беше младински поетски настан, посетен, речиси, како ниту еден друг поетски настан кој го организираат млади кои штотуку влегуваат во поезијата и во организација на поетски и културни настани.


На минатогодишниот настан учествуваа над дваесетина средношколци, како и поетите и поетесите Јулијана Величковска, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Никола Маџиров и Владимир Мартиновски.


Годинава, в понеделник (27.3.) со почеток во 18:30 во просториите на гимназијата, ќе се одржи второто издание на Орцашката вечер на поезијата. По тој повод, направивме кус муабет со дел од организацискиот тим на настанот за годинешното издание, идејата што стои позади настанот и за плановите за понатаму.


Од каде идејата и како ја почувствувавте потребата за Орцашка вечер на поезијата?


Самата идеја за поетското читање е на професорката по македонски јазик и литература Драгица Јанкуловска, која нѐ мотивира сите да ја засакаме поезијата, а оние кои веќе ја сакаме, истата да ја истакнеме. На секоја нова генерација, таа ѝ дава можност и креативна слобода да се изрази токму преку овој настан. Потребата се појави со цел да се оживее поезијата во нашето училиште, како и да се пружи шанса и да се даде простор на секој кој што ја има желбата да чита и пишува поезија.


Колкав тим стои зад овој проект?


Како минатата, така и оваа година настанот е под менторство на професорката Драгица Јанкуловска, со која неуморно работиме на настанот. Таа постојано нѐ мотивира и ни дава неизмерна поддршка. За ова наше второ издание, во организацискиот тим сме четворица ученици од трета година (Бојана Цветковска, Софија Добревска, Ева Јакимовска и Јане Моневски). На сите ученици кои изразија желба им беше дадена можност да учествуваат, и бидејќи во нашето училиште секогаш се добредојдени и поранешните ученици, имаме и неколку учесници кои веќе завршија во нашата гимназија.

Кој е планот за годинешното издание, колку и кои поети ќе читаат? Музичка придружба?


Одбравме шест поети и поетеси кои ќе ни гостуваат. Со радост, овој понеделник ги очекуваме Јулијана Величковска, Валентина Бакти, Славица Гаџова Свидерска, Андреј Ал – Асади, Андреј Медиќ Лазаревски и Ѓоко Здравески. Целото читање ќе биде придружено со музика, а ќе има и музички дел кој ќе придонесе за дополнително разубавување на атмосферата.


Лани настанот беше посетен речиси како ниту еден друг поетски настан, како сте задоволни од ланското издание?


Со оглед на тоа што посетеноста беше истакната, навистина сме задоволни од тоа како помина целиот настан минатата година. Воедно, тоа ни кажува за заинтересираноста на младите да пишуваат, читаат и слушаат поезија. Имаа прилика да се запознаат со нашите гости поети, и да поразговараат со нив за поезијата. Со сигурност може да се каже дека на продуктивен и спонтан начин уживавме во вечерта.

Како ја гледате Орцашката вечер на поезијата и нејзиниот развој во иднина?


Се надеваме дека ќе трае долго и ќе стане настан препознатлив за нас како училиште. Целиот процес на креирање е ништо друго освен тимска работа, посветеност, креативност, пред сè одговорност, но и упорност на професорката. Ние веќе имаме неколку идеи и за следната година, така што, сѐ додека следните генерации имаат желба и волја и искрено ја сакаат поезијата, ќе трае и оваа наша приказна. Темата од година на година (ќе) се менува, но пораката останува иста: да се сака и љуби поезијата во секој нејзин облик.


Comments


bottom of page