[кон На околу два и пол часа од рајот на Имануел Мифсуд]
Колку повеќе бомби експлодираат
толку повеќе слушам тишина,
молкот
на оние што треба да објаснат.
На годинешното издание на Скопскиот поетски фестивал (24-28.9.2023) ќе гостува Имануел Мифсуд како еден од неколкуте интернационални гости кои ќе настапат на отворањето на фестивалот, на читањето Воздух. Ветер. Дишење., како и на Интернационалното поетско читање. Мифсуд, како еден од водечките малтешки поети на крајот на минатиот и на овој век, ќе одржи и Мастерклас во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Имануел Мифсуд во Македонија е познат по стихозбирката Скопски блуз и други песни за Македонија (2018, Академски печат; прев. Елена Пренџова), како и по преводот на неговиот најпознат роман Во името на таткото (и на синот) (2015, Готен; прев. Владимир Јанковски). Повод за овој осврт кон новиот превод на македонски јазик е неговото гостување на Скопскиот поетски фестивал каде што меѓудругото, како преднастан на фестивалот, ќе биде промовирана стихозбирката На околу два и пол часа од рајот во превод на Јулијана Величковска, а во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“.
Стихозбирката На околу два и пол часа од рајот е пред сѐ голема збирка. И ова голема не реферира само на нејзиниот физички обем кој е 132 страници со 105 песни, туку и на чувството кое се добива читајќи ги песните. Мифсуд во оваа збирка го става писателот во мала позиција, од позиција во која тој набљудува од жабја перспектива, гледа како растат градовите, гледа како оние дрвја што му биле големи веќе и не се баш така големи во споредба со градското сивило. Авторот го поставува читателот и во мала позиција во однос на големината на смртта – уште една тема што е (нај)присутна во стихозбирката од нејзиниот почеток па сѐ до крајот. И секако, големата љубов кон жената што е можеби единственото надежно место во стихозбирката иако и тоа е нераскинливо врзано со смртта. Па така, тоа се главните три пункта од каде Мифсуд поаѓа во оваа збирка и со кои тој се занимава во стиховите.
1. Кој тоа велеше Назад кон природата?
Иако занимавањето со еколошките теми во активистичките кругови е ин работа која од поодамна има земено замав, сепак имам впечаток дека во уметноста и не е баш така. Речиси и да не сум се сретнал со поетско дело што го третира зачувувањето на природата, еколошките теми и окупацијата на градот над природата. Таква уметност знае често да биде сведена на пароли или некаква еко-пропаганда (и најчесто во краткометражни филмови повеќе со едукативен отколку со уметнички карактер), а не на реално укажување на проблемот преку поетското или општото уметничко. Но тука, во На два и пол часа од рајот Мифсуд на моменти крајно лирично и носталгично, на моменти критички, но никогаш паролистички и патетично укажува на таа окупација од што се добива една Русоистичка слика за барањето на човекот да се врати назад во природата.
Сега денес кашламе со секој чекор што го правиме
и се молиме да ѕирнеме зеленило додека никнува –
дури и ако е само преку стакло на 20-ти кат.
Солзи ни течат кога гледаме фотографии
од нашите баби и дедовци разиграни во тревата;
од мама, мирисливи цвеќиња ѝ ја красат косата;
од тато како бере сливи и праски.
Солзи навираат.
А солзите се во боја на бетон.
Во приложената песна Така рекоа крајот е шокантен, таму се случува очудувањето, но и освестувањето, токму во поставувањето на проблемот (во случајов: бетонот) во емотивното (во случајов: солзите). Имено, најпрво лирично се дава моменталната слика, а потоа се изнесува пораката која никогаш не е директна, ами е метафорична. И тоа е постапка која Мифсуд ја повторува неретко во оваа збирка. Слична е и ситуацијата со песната Питачи каде што тој пее за смртта на цвеќињата:
Те молам, дај ми малку вода за цвеќињата.
Синоќа ги слушнав велеа дека сакаат да умрат…
Како и да е. Ова е ера на бетон.
Во „еколошките“ песни на Мифсуд нема место за надеж, таа не само што не умира последна, туку тој засекогаш се откажува од надеж, затоа, впрочем, и се наоѓа на два и пол часа од рајот. Овие песни се констатации за реалната состојба, за бетонизираната природа, за вегетација исклучиво насадена во саксија. И тоа ваквата состојба, констатација, забелешка не е нешто што доаѓа на крај, туку, напротив, уште во првите песни се искажува состојбата особено во песната Ах! Каква штета! каде поетот вели: На утринската прошетка, губиш здив и куцаш. / … / Сега, можеш само да гледаш во земјата, / не гледајќи ништо освен чекорите што си ги направил / … / Ах! Каква штета! Зошто ли мораше сево ова да биде вака.
2. Кој ли е тоа одговорен за оние кои ќе ги поминат тие два и пол часа и ќе стасаат до рајот ?
Заедно со смртта на природата, оди и смртта на човекот. Поетот како да го начнува и со сигурност го потврдува крајот на човештвото преку себе-уништување. А со тоа и песни за војните, мигрантите и нивните проблеми, сушата, а несомнено сето тоа завршува не со добро ами со смрт.
Најведрата песна за смртта во оваа збирка е песната Никол Мифсуд, одличен воин каде се дава поетска слика за една игра на, како што кажува поетот во првиот стих, син му кој си игра војна: и вика од зад вратата – „Убиј го! / У-Б-И-Ј Г-О, што чекаш?! Убиј го!“ / Но заповедите… некој морал да те научил… / Сигурно некој ти кажал: за петтата… „Не убивај!“. И оваа ведрина ја има и најдлабоката тежина. И вака очигледно најдобро се добива социјалната тежина, вака се испраќа пораката. Па завршува: Го соблеувам оклопот, го спуштам мечот. / А законикот… го ставив во фиока. Повторно еден силен дистих, како Шекспировите резимеа во сонетите, со една возбудлива, неочекувана и зачудувачка поента се заокружува песната која ја критикува војната.
Уште една многу впечатлива песна што е силно поврзана со смртта е песната Рефрен посветена на оние што се дават во Медитеранот додека бараат засолниште. Со нескриена алузија на сите удавени мигранти во водите на Средоземното море и со поесвета под песната која гласи: Нека инспирираат мир, Мифсуд не пее за смртта како нешто непознато, како нешто што е таму некаде, отаде, и што само во еден миг ќе нѐ засегне, туку напротив ја претставува како сеприсутна, уште во погоре споменатите песни како сега веќе вечно врзана со природата, па сѐ до овие теми што се неприкосновено дел од нашето секојдневје. Песната е приказ на тоа како борбата за живот е речиси еквивалента на смрт, но и за неоткажувањето, за секој обид на некој човек за подобар живот:
Уште не научило, не научило, морето,
Како да се однесува со оние што се спуштаат во него –
Оти има едни што го сакаат, други што се исплашени
Од брановите со кои понекогаш потскокнува додека си игра.
А тоа игра грубо – почнува двобој кога сака.
Може да се каже дека целата збирка е некако посветена на смртта. Затоа и ваквиот наслов не треба да не чуди, туку треба да ги отвори прашањата, за што сметам и дека го прави, а од кои прашања главното би било: Што има на околу два и пол часа од рајот? Што се дава во одговорот на ова прашање – смртта, пеколот, крајот на природата и Земјата, удавените, умрените, пресушените, питачите, паднатите, убиените и оние кои убиваат или молкот на оние што треба да објаснат. Тоа се прашањата што тука ги отвора Мифсуд.
Престани да одиш – стигна до твојата дестинација
и не најде ни вода ни земја.
Најде само песок и нерамни карпи.
…
Престани да одиш – време е и времето истече.
Интересно е што ниту љубовта не е поштедена кога станува збор за смртта. И таа секогаш осудена на пропаст, на смрт.
3. Кој тоа ми ја зема љубената и каде е таа сега?
И љубовта секогаш е осудена на смрт! Како тоа постојано да провејува низ На околу два и пол часа од рајот. Бидејќи нема песни за љубовта, љубовните песните се за смртта на љубовта, на жената, на саканите. На моменти дури и химнично, а во последната песна и еден цел реквием посветен на љубовта. Љубената тука не е нужно љубената жена, туку и мајката и саканите авторки, а неретко е и некоја недефинирана, лирски субјект присутен за да поетот се обрати некој и преку неа (или нејзината смрт) да дојде до главниот заклучок. Во Скромен реквием за Лели Мифсуд го поставува прашањето Човеку на умирање, што сонуваш сега? што е очигледно и највозбудливото и неизвесното прашање поврзано со смртта – имено, што има таму, на другата страна, отаде живото и дали таму има сон или, можеби, сонувањето умира со човекот.
Човеку на умирање, што сонуваш сега?
Ова е мојата смртна постела на која ме легнаа.
Утрово ги извршија последните обреди.
Надвор на рецепцијата можев да ја слушнам нивната смеа.
Дојдоа во толпа, сите заедно дојдоа овде.
Во песната Странци можеби се дава одговор на едно од погоре поставените прашања. Што има на другата страна? – Можеби нема ништо одзади. / Бел лист. / Снежна ливада без разгазена патека. / Грутка магла веднаш по муграта. И тука се насетува надеж, надеж дека можеби отаде е она што го снема во овој свет. Дека таму солзите не се од бетон. Во Тела, пак, има едно целосно позитивно ведро и љубовно претставување на смртта: Твоето тело мириса на градината во која трчавме заедно / … / Моето тело / пепелта што одлетува на првото утринско ветре. Во Наскоро има една љубовно-надежна претстава на смртта:
Наскоро ќе се наведнеш, ќе го испружиш прстот
ќе напишеш епитаф на песокта:
Ќе напишеш: „Не успеав да живеам – успеав да умрам“.
И повторно и тука, како и кај „еко“-мотивите од погоре нема избегнување од смртта. Така и со љубовта, во оваа стихозбирка, Дантеовски, љубовта е вечно врзана со смртта. Можеби и да нема песна каде што оваа врска е раскината. И така треба да е, оти така сѐ друго во оваа збирка живее, ако ја нема смртта како антипод на сѐ останато, ова и малку што останало немало да го има.
Оттука и стихозбирката На околу два и пол часа од рајот на малтешкиот поет Имануел Мифсуд, сепак, завршува со стигнување во некаков рај, завршува барем малку ведро, свежо, смирено, бело:
Свежо е надвор. Завиткај се во белиот чаршав.
Замотај се. Обвиткај се. Повиј се. Качи се на бродот.
Само слушај како гемиџијата ги потопува веслата
во водата. Слушни го мирот. Не слушај ништо.
Ништавило. Не слушај ништо. Слушај го само ништото.
На крајот на ништото – човек се надева – сѐ започува
Сѐ започнува кога сѐ ќе се сведе на ништо.
Ваквата нихилистичка завршница го потврдува и она што погоре беше споменато. Имено, смртта тука има функција токму на живост. Контрасно поставена на животот за да се освести самиот тој, да се види дека е тука. Затоа Имануел Мифсуд има стихозбирка која и боли и шокира и вознемирува, но истовремено сето тоа го прави на еден директен, очудувачки и вчудувачки, но никогаш наметлив и нападен начин. Несомено пред нас имаме книга која зборува за смртта и не за тоа по неа, туку за она што не треба да го убиеме пред да нѐ убие молкот на оние што треба да објаснат.
コメント