top of page

НЕМА БЕГАЊЕ (ОД МЕКОСТА НА СРЦЕТО) - ивана јовановска

Writer: Култура βКултура β

ДИСКО ВО ГЛАВИТЕ


сега не пишувам често. не се тркам себе. со ѓаволчињата во главата. со времето.             се кријам. во мали земјени дупки. чекам да се смири хаосот. мислам. 


во ред е што луѓето си одат. во ред сум со нејасното. ми се мотка под нозе.                      улиците се прекршуваат. завива новата зима. немам притисок. не сум надвор од себе. смело гледам внатре. 


треба да дозволам ново да стане сè. срцето да се обнови.                                                    често мислам дека нема сила. ме изненадува. уште посилно сака. 


почнува да ми се допаѓа проза. неодредени вакви експерименти. 

не знаеш што правиш ама продолжуваш. нешто излегува.


на сите ни треба игра. некој да нè повлече за рака. да нè однесе на ледина. 

некаде каде се игра и пее. гласно. гласно. гласно. 


на сите ни треба диско во главите излегува. животот омекнува по добар танц. 

токму тогаш кога молчиш. кога веќе не ти се зборува. тогаш прекинува да те уморува. 


барем за момент. додека гледаш. тој до тебе е мирен. и сè на кратко е во ред.

на пет минути забораваш колку те боли овој свет.



НЕМА БЕГАЊЕ (ОД МЕКОСТА НА СРЦЕТО)


потребно е многу за да се научи

дека залуден е стравот од бидувањето скршен

дека  нема бегање од мекоста на срцето

ни по пет аеродроми сменети во еден ден.

бегам од срамот на сопствената несовршеност

џунгла во главата недоведена во ред

тело никогаш на совршена бројка 

никогаш измазнет ум, задоволен, смирен.

не знам како да биде совршено мирно

ама се обидувам да не се измачувам себе, си мислам.

не спијам добро додека бомбардираат подалеку од мене

не се сите коцки на број, драги.

потребно е многу за да крикнам кога не сакам да сум сама

уште повеќе за да видам на колку други им е исто

баш кога мислам дека нема да пишувам десет години

се појавува  тој портал што не го разбирам и пак сум тука.

многу далеку од книжевни награди и почести

сега се грижам само за работите што проаѓаат низ нас

ни ги изместуваат коските и потоа никогаш, и потоа никогаш

не сме исти, не сме толку будалести.

ќе се обидам да ја преспијам вечерта, да ја напишам песната

и да не бидам исплашена да си ги покажам своите темнини

нема друга поента, нема друга смисла

нема бегање од мекоста на срцето.

и цела топлина што ќе нè зароби со неа.

и цел нов живот што ќе се роди поради неа.



СТРАВ  ОД АНГАЖИРАНА ПОЕЗИЈА


сакав да ја напишам песната

што самата барав да ја прочитам

и одеднаш забележав колку сме тивки, скоро немоќни и глуви

кога пробуваме да зборуваме преку книжевноста.

oвој лист овде не е само моето празно зборување.

тука ми е храброста, стравот и несогласувањата.

не пишувам само за да си го кажам себеси тоа што сакам

не сум, по ѓаволите, овде сама!

моето постоење сега е привилегија

околу сè се руши и менува

додека ти ми кажуваш да престанам одново да споменувам војни

и стравови и правила

има многу нешта кои ми се поважни од ,,структурата на поетската форма”

и затоа одбивам да те слушам.

кога пишувам сега мислам подалеку

мислам дека ова е само привидна среќа

сè е трепетливо, кршливо и се менува во час

како што се менувам јас, се менува и мојот текст

и немам доволно време за да не сум повеќе ангажирана.

станува помалку важно дали ова е поезија или проза.

она што суштински тежи е дали молчам

или дали навистина зборувам

кога гледам 

низ улиците на нашите животи 

нерамномерно се разлева свежа болка.


а таа ангажираност не е ништо помалку или повеќе

од ова: неуморно чувствувам и неосетно дозволувам

човечкото страдање да проаѓа низ мене и да ме погодува.















Kommentare


bottom of page