top of page
  • Writer's pictureКултура β

Непреводлива поезијо – Милена Неделковска

Како да те преведам, непреводлива поезијо?

Робувам покрај тебе во аморфноста на дихотомноста,

стихот да го опфатам, зборот да го доловам.

Но ти, неодгатлив привиду!

Ти, недофатлив изусту!

Ако го препеам стихот, и ти можеби ќе засјаеш,

бидејќи зад сите зборови е затскриен твојот лик во моите рамки.

Ако проникнам во метафората, и срцето твое оковано ќе се отвори,

бидејќи зад секоја метафора, мижат контурите на твоите дланки.

Ако поетски ги натокмам секој глас и звук,

верувај поезијо ќе стигнам до твојот дух.

И ако отидам предалеку, ќе успеам да те пренесам,

од мој јазик, во твојот туѓ.

Но јас,

мечтаам и те гледам, и само те гледам,

Ти, неотуѓив дуалу во чија срж не можам да влезам;

ти, светлосна пајажино;

ти, недопирлива булко, во чија прегратка не можам да се вгнездам.

Но нека...

Ако те направам разбирлива,

би те оставила без белег,

би те избледила до трепет,

би те изгубила во смисла;

и впрочем, сè уште не би дознала:


Како да те преведам, непреводлива поезијо?


 

Милена Неделковска има 16 години и учи во СУГС Гимназија „Орце Николов“.


„Љубител сум на литературата, особено на поезијата. Таа е начин преку кој емоциите, моментите и спомените; добиваат облик преку зборот. Освен со поезија, се занимавам и со ликовна и музичка уметност.“ вели таа.

25 views

Recent Posts

See All

Скопје СИ ТИ: „Го преколнувам мојот град“ од Методија Тасевски

го преколнувам мојот град по Балашевиќ го преколнувам мојот град да не ги руши мостовите и куќите пред нив и тие зад нив; да не ги бетонира парковите, тревите, зелените огради, цвеќињата, листовите, б

Comentários


bottom of page