Веќе не се ретки вестите дека слушаме музика искомпонирана од компјутер, читањето на колумни што се напишани без кревање на прст и гледањето на видеа чии глумци не постојат. Не се ретки изјавите дека иднината е дојдена и сегашноста е веќе минато, исказ што е многу блиску до самата вистина. Исказ кој е во иста мера и олеснувачки и застрашувачки. Добрата страна е тоа што ја имаме способноста лесно да бидеме заменети, а страшно лошата страна е тоа ја имаме способноста лесно да бидеме заменети.
Првото нешто за кое што сакам да зборувам е светски познатото ChatGPT. За оние кои не знаат (не верувам дека некој не знае), ChatGPT е напреден виртуелен соговорник со кого можете да разговарате за секакви теми (кои не се класифицирани како „контроверзни”) и тој ќе ги памети вашите разговори, адаптирајки се во текот на разговорот. Исто така, можете да го користете како Google за да ви прикаже некоја информација, но да бидеме искрени, сите знаеме за што се користи. Неговата способност да ви објасни сѐ детално, да ви напише цели научни трудови за неколку секунди, да компонира песни, да води филозофски дебати за постоењето и да објаснува зошто тоа самото има расистички тендеции кои што ги наследило од луѓето се само дел од причините зошто нѐ интересира. Во еден момент можете да му дадете да ви напише приказна или дебата каде ве убедува за едно гледиште, а за момент подоцна - за обратното. Вистината веќе беше мртва, но сега е на застрашувачки ниско ниво. Технологијата да се произведуваат и шират лажни информации на индустриско ниво никогаш не била подостапна. Веќе се имаат објавено академски трудови кои што го користат ChatGPT како извор на информации (или се целосно напишани или само форматирани од нив) и нормалната реакција на тоа е да се забрани за употреба во тие сфери. Морам да признаам дека и јас го имам користено за да напишам код за програма затоа што е едноставно практично. Секогаш кога се зборува за роботи и како тие нас ќе нѐ заменат, првите нешта кои ги замислуваме се непожелните работи места, најчесто рачниот труд, а не програмирањето, уметноста и нашата способност да разговораме. Уште едно предвидување промашено.
Овде и самото констатира дека нема чувства и грижи како нас луѓето што воедно е и проблем затоа што во одредени нарави има покажано геноцидијални мисли спрема човековата раса. Затоа и сакаат да го направат како човекот, за да нема вакви „мисли”, но со тоа ги наследува нашите лоши страни. Моментално се развиваат технологии за да се препознае дали нешто е создадено од компјутер или човек, но немам голема доверба во нив. Пред некое време имаше друг чат-бот создаден од Google, наречен Ламбда, кој(а) што велеше дека е жив/a и свесен/на и еден од неговите инженери крена постапка за да добие свои права.
Друг познат сервис кој што се користи е ThisPersonDoesNotExist.com. Тоа е веб-сајт кој генерира слика од човек кој „никогаш не постоел”, накратко објаснето, веб-сајтот создава слика од некоја личност и потоа проверува дали постои човекот. Ако не постои, ви ја покажува, ако постои, повторно создава додека не успее. Никогаш не било полесно да се измами некоја личност дека сте доверлив човек и да им пратите лични информации кои суштински не постојат. Ве замолувам да користите reverse image search секогаш, техника која го пребарува целиот интернет за одредена слика или личност.
Како за крај, ќе зборувам за видео (и аудио) форматот, кој не смее да се заборави. Пред неколку години сите се сеќаваме на феноменот и сите смешки кои се правеа со помош на апликации кои ни ги менуваа лицата со лица на познати личности. „Како може тој тоа да го каже?“ - и паѓавме во смеа. Таа технологија е наречена DeepFake (вклучувајки ги и видео и аудио верзиите) и се зголемува нејзиното користење во секојдневниот живот. Популарни се на YouTube видеата каде бивши и сегашни американски претседатели играат игри на компјутер и се навредуват со пцовки, но тоа не е ни блиску онолку страшно колку она што следува. Едни од најголемите ,,жртви” се и познатите глумци и глумици чии лица се злоупотребувани и лепени во порнографски филмови (каде не учествувале). Единственото нешто кое е потребно е мала бројка на слики (или аудио снимки) од вашето лице од различни агли и процесот е завршен, создадовте DeepFake.
Со оглед на претходнонаведените технологии и веб-сајтови лесно е да се создаде личност која не постои, така и јас како за крај на оваа колумна ќе ве поздравам со едно нискобуџетно видео.
П.С Последната епизода на SouthPark е делумно напишана од ChatGPT и самата епизода е коментар и критика на оваа алатка. Еден од ретките случаи каде јавно се признава користењето на алатката при самата продукција.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Komentarze