Нов месец, нов лик на месецот, ноември со Јулијана Величковска!
Кога мислиме на современата македонска книжевност, на младинска поезија, на препејување поезија, на мноштво промоции – секогаш се појавува името на Јулијана Величковска.
Јулијана има дипломирано на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на Катедрата за македоска книжевност и јужнословенски книжевности. Таа е поетеса, писателка, уредничка и преведувачка. Член е на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, ко-основач е и директорка на „Скопскиот поетски фестивал“, член е на Друштвото на писатели на Македонија и основач на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ во Скопје.
Јулијана Величковска е автор на две поетски збирки „Комарци“ (2010, ПНВ Публикации) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации), еден роман – „Годишни времиња“ (2014, 2015, 2019, ПНВ Публикација) и една монографија „ХХ години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, Поетска ноќ во Велеството)
Величковска е и една од најактивните препејувачки на поезија и преведувачки на романи, посебно од англиски јазик, на ирски поети и писатели, но не и само тоа. Како најзначајни преведи ги издвојувам препевот од англиски јазик на збирката „Каква полза има човек од тоа едно утро да се разбуди на оваа страна од новиот милениум“ на Ким Симонсен (2021, ПНВ Публикации), препевот од руски јазик на збирката „Шумата почнува тука“ на Сергеј Тимофеев (2020, ПНВ Публикации), препевот од англиски јазик на збирката „Жалба до Музата“ на Џери Марфи (2019, ПНВ Публикации), како и неколкуте приредени и преведени изданија со избор поезија од неколку автори.
Таа е и чест учесник на домашни и интернационални книжевни фестивали како „Струшки вечери на поезијата“ (2010-2016), „Тесалиски поетски фестивал“ во Лариса, Грција (2022), „Софија: Поетики“ во Софија, Бугарија (2018), „Пролетен книжевен фестивал во Корк“ во Корк, Ирска (2011) и мноштво други. А како нејзини последни учества ги издвојуваме и учеството на втората Поетска епизода во организација на „Култура Бета“, како и на книжевните средби низ Македонија насловени како „Добри гости“ чие прво издание се одржа во Штип.
Нејзините песни се преведени на повеќе јазици: англиски, кинески, бугарски, арапски, бенгали, албански, хрватски, словенечки, српски, турски, азербајџски; застапена е во неколку антологии на современа поезија во Македонија, Србија, Чешка, Грција, Италија, Кина, Албанија и Колумбија, а нејзиниот роман „Годишни времиња“ е преведен на бугарски.
Со фестивалите има организирано 16 интернационални поетски читања, а со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ само во последните 4 години има организирано преку 60 промоции на нови изданија.
Јуле е мила, фина, отворена, дава секогаш поддршка за младинската поезија, но и култура, преку својата издавачка куќа има објавено мноштво книги на младите современи поети. Организатор е на најубавите промоции, таа ги поставува новите основи на модерни и современи промоции на нови книги каде конечно се слуша гласот на авторот, а и е секогаш ентузијастична за нови книжевни проекти и фестивали.
Куп причини за Јулијана Величковска да биде дел од рубриката „Лик на месецот“, затоа Ноември со Јулијана Величковска. А чувме дека токму ноември е нејзин месец. Во следните ноемвриски недели следуваат книжевни импресии од делата на Величковска, интервјуа, настан – следете нѐ.
Comments