Пред околу четири месеца излезе третото издание на дебитантската стихозбирка на Александра Спасеска - „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ во издание на „ПНВ публикации“, а пред два месеца нејзината втора стихозбирка – „Координати на болката“ во издание на „Илика“ се предаде во рацете на читателите. Сосема заслужено оваа збирка се круниса и со наградата „Антев златник“ за 2023 година. Прилично голема по обем, 63 песни распространети на 95 страници.
Уште на корицата од книгата се забележува соголувањето на поетесата до сѐ она кое може (сака) да го избие од себе со помош на уметноста. За разлика од првата книга во која директно појде да ги искаже сите прашања за човечкиот идентитет: родовиот, сексуалниот, националниот, Спасеска во оваа книга ни ги претставила точките, оние координати кои нѐ насочуваат кон одговорите (проблемите) од првата стихозбирка. Оттука и важноста на оваа книга да ја преточи податливоста на првата збирка. Со тоа целосно надојдување на полните зборови, коишто со себе го носат времето на ослободувањето од оние традиционални, закоравени вредности, Спасеска на еден суптилен и препознатливо ироничен начин го потенцира тоа:
Те боли ли сега
кога си најсилен
искален
пеливан
башчелик
ти
јуначиште
домаќине
стопане
куќоберник
душовадник
Особено е значајно тука да се истакне нишката која води од традицијата до модерното, со која поетесата најдобро ја истакнува преку јазикот. Тоа е веќе оформен стил, добро препознатлив уште од првата збирка на која критиката веќе ѝ го накалеми тоа. Со тој изразит и јасен стил полн со архаизми и дијалектни зборови, Спасеска го обновува јазикот, но со особена речитост и чистина во изразот – сепак, со жив јазик и целосни фраземи. Дури и при читање на песните се забележуваат акцентските целости, кои како таа да ги изговара со артикулација која е специфична за авторката. Треба да се земе предвид и традицијата, обичаите, она суптилно навраќање кон адетите:
Земи вода потури ми
по чекорот
скаменет,
пишманет,
бавен.
(„Суша“)
Почнав да сонувам далечни земји
во кои ќе те погребам со сите адети
и ќе имам реликвија со камен и крст.
(„Сон“)
Не сум луда.
Повторувај го истото трипати на ден
за да се фати, за да не станам бела во очите.
(„Магија“)
Во првиот дел насловен „Убиј го гласникот“, Спасеска го опишува мирисот на домот, на растењето и излегувањето од сенката на куќата. Овој дел со себе го носи родовиот идентитет, женскоста и што значи да се биде женско во ова време. Тука почнува да се формира, а исто е и најгласен домот како топос, бидејќи поетесата веќе се всадила во него, па со текот на песните, едноставно, зрее, за накрај самата да се извлече од него со песната „Ајде“:
Ајде, морна љубов моја,
животот нѐ преваса,
ајде
(„Ајде“)
„Лажна пролет“ е вториот дел од збирката, во кој се чувствува зрелоста на песната, а преку неа и зрелоста на лирскиот субјект. Тука веќе почнуваат да се навираат идентитетските проблеми и бунтот кон сѐ што создава страв. Имплицирано преку песните, поетесата уште еднаш нѐ навраќа на координатите на болката повторно суптилно, но отворено.
Со третиот дел кој е насловен „Поместувач на месечини“, Спасеска како да нѐ фаќа за рака и да нѐ води низ темните ходници на нејзините патувања. Тука се центрирани песните со кои читателот е ставен во затишје од претходниот бунтовен дел. „Поместувач на месечини“ има цел да ја наговести тишината, која го смирува тлото, привременото навраќање кое следува и, можеби, уште едно откривање на идентитетот, овој пат сексуалниот.
„... и од домот како точка на оддалечување и разделување од детството.“ ќе истакне поетесата Д. А. Лори во поговорот од збирката. И несомнено е дека Спасеска на почетокот пробува да се оттргне од домот како место кое ѝ создало некои тегоби, но во четвртиот, последниот дел, насловен „Не сме сами“, таа веќе го прифаќа домот како некое прибежиште, а со него и градот кому му посветува повеќе песни („Враќање дома“, „Скопска“, „Дома“, „Овој град“, „Прво збогување“, „Скопска магла“). Со крајната песна која ја издржува оваа целина на песни именувана „Не сме сами“, авторката ни го наговестува сиот процес на книгата, сето селење - овде, онаму, таму:
Еден ден ќе се отселам пак
преселбите не ми се туѓи, дури некако
и се навикнав на нивното доаѓање.
(„Еден ден“)
Кога ќе се спојат прелудиумот и постлудиумот на збиркава, песните „Ars poetica“ и „Јазол“, се добива нова, комплетна и комплексна стихозбирка. Во првата песна, поетесата ни укажува на поривот за пишување на збиркава, но на еден интересен начин – со импликација – ако знаев, немаше да пишувам поезија. Притоа, во последната песна, таа ни открива што, всушност, значи песната и која е таа: молк и немир, пот на челото, глог во дланката, грч во утробата, збор и молња итн. Со ова се комплетира стихозбирката која и натаму останува да тлее меѓу овие стихови, но тоа е оставено на читателот сам да го проникне и присвои - на своја душа.
Comments