top of page
Writer's pictureАмелиа Георгиевска

Огледи и разгледи: ,,Супстанцијата" (2024)

Новото филмско остварување на француската режисерка Корали Фаржа, бестрашно ја критикува добро познатата вистина за филмската индустрија чија опсесија е: вечната младост, сексуалната објективизација и женската убавина. Филмот ја следи приказната на една веќе остарена ТВ-ѕвезда, Елизабет Спаркл, која доживува ужасни последици од земање нелегална дрога созадедна специјано за да ја претвори во помлада, подобра, поубава и поидеална верзија од себе. 


,,Супстанцијата" е филм кој спаѓа во жанрот телесен хорор, во кој се истакнува телесната мутација, телесното осакатување и прекумерната употреба на крв. Филмот црпи oгромна инпсирација од филмови како ,,Мувата" ( “The Fly” 1986)  во режија на Дејвид Кроненберг и ,,Сјаење"  (“The Shining” 1980) во режија на Стенли Кјубрик. Во последните неколку години популарноста на овој жанр нагло се зголеми со филмови како ,,Титан" (“Titane” 2021) и ,,Love, Lies, Bleeding” (2024). Овој вид на хорор филмови обработуваaт теми од типот на одмазда и агресија, но со доза на раскош и шарм. Јарките бои како што е портокаловиот тепих во телевизиското студио на Харви го има иститот вез како тепихот во хотелот Оверлук во филмот ,,Сјаење" . Гламурозните и провокативните костими во неонови бои кои наликуваат на оние кои биле носени во 80-тите од Оливија Њутон Џон се клучни детали кои придонесуваат за развојот на ликовите. Светотот е едно утописко општешство кое наликува на идеално, но ако ги тргнеме розовите очила од нашите очи, ќе ги искусиме општествените недостатоци на своја кожа.

Филмот започнува со кадар од патеката на славните во Холивуд каде се запознаваме  со името Елизабет Спаркл. Знакот камера на самата ѕвезда ни укажвуа на тоа дека Елизабет е дел од филмската индустрија. Но уште поважен момент од тоа е дека ѕвезадата со тек на време почнува да го губи својот сјај поради временски промени, минувачи кои ја газат и се трудат да се присетат на славната тв-водителка, хамбургер кој паѓа на неа, итн. Самата ѕвезда има метафорично значење, затоа што го покажува стареењето на славната глумица без таа да се покаже во самата сцена. Ова е одличнен пример за тоа како една сцена ги пренесува сите информации без да се употреби дијалог во истата. 


Долгоочекуваното враќање на Деми Мор во улогата на Елизабет Спаркл, Маргарет Квали во улогата на Су и Денис Квејд во озлогласниот продуцент Харви безмилосно и сатирично ја октриваат веќе познатата тајна во филмската индустрија: кога актерките ја достигнуваат педесеттата година од својот живот, нивната кариера нагло гасне, нивните актерски достигнувања не се она што некогаш биле и нивната бараност пред камерата опаѓа. Филмот започнува со монтажа на сцени од ѕвезда на ,,Патеката на славните" во Холивуд. На неа пишува ,,Елизабет Спаркл". Како што поминуваат годнините, се губи блесокот на ѕвездата, а со тоа и минувачите веќе не можат да се сетат на Елизабет Спаркл. Ова е одлична метафора како се перцепира староста во Холивуд, особено кај жените. Дури по оваа сцена разбираме дека Елизабет Спаркл е позната тв-водителка, чија тв-програма е посветена на аиробикс. По емитување на емисијата, сите ја поздравуваат и ѝ честитаат роденден. Со огромна насмевка се упатува кон тоалетот каде случајно го прислушкува телефонскиот разговор на својот продуцент, Харви.

Харви е алчен, себичен и користољубив продуцент, кој е базиран на продуцент Харви Вејснтин кој е осуден сексуален престапник, чија кариера е добро позната на публиката, а стана уште попозната по скандалозното судење ,,California conivition” на кое Вајнстин беше обвинет за: силување, присилен орален секс и сексуално насилство. Иако во филмот нема сцени во кои се прикажани овие грозоморни дела, ликот безмилосно го исмејува физичкиот изглед на својата тв-водителка и ги употребува овие клучни зборови за да ја опише идеалната тв-водителка со која повторно ќе оживне телевизиската програма: ,,Ни треба млада, ни треба згодна и ни треба ОДМА!".  Самта Елизабет е сведок на овој разговор кој потоа е приморана да го слушне уште еднаш истата вечер, на официјална деловна вечера  со Харви кој мљацкајќи и јадејќи ги своите ракчиња со раце се обидува да ѝ објасни дека луѓето постојано бараат нешто ново, а тоа нешто ново на педесет години ,,престанува". Елизабет потоа контрира со прашањето: ,,Што престанува?” на кое тој ја игнорира и се упатува кон својот познаник, оставајќи ја Елизабет сама на масата. Во истиот момент, во чашата полна со бело вино влетува мува која е заглавена во виното и преставува пречка во пиењето. Таа препрека набрзо ќе се зголеми и Елизабет ќе се соочи со многу потрагични ситуации и нема да може да се извлече од нив, исто како и самата мува. Кадарот од мувата која неуспешно пробува да исплива над површината на виното е симбол за тоа како Елизабет ќе почне да тоне. Вечерата на Харви и Елизабет е одличен пример кој ги доловува дуплите стандарди меѓу мажите и жените.


Потресена од својот роденденски подарок, за време на својот лекарски преглед Елизабет наидува на медицинска сестра која ѝ нуди супстанца чија цел е да создаде идеална верзија од корисникот кој ја употребува. Како општество, не сме толку далеку од ваква иднина. Околу нас, сé повеќе и повеќе се зголемува бројот на луѓе кои би направиле сé, ама буквално сé за да останат вечно млади, привлечни и неодоливи. Би било дури и очекувано некој да создаде ваков вид на супстанца чија промоција би била слична како таа во филмот.  Рекламата за ова супстанца е исто толку заводлива колку и самиот лек:


„Дали некогаш сте сонувале за подобра верзија од себе? Помладa? Поубавa? Посовршенa? Една единствена инјекција ја отклучува вашата ДНК ослободувајќи друга верзија од вас. Ова е ‘Супстанцијата’. Совршен баланс од по седум дена. Едно и единствено нешто што не смее да се заборави: Вие сте едно."


Еден детаљ кој алудира на оваа промена е токму знакот пред гаражата во која се наоѓаат поштенски сандачиња на сите корисници на супстанцијата. Знакот на кој е претставена бубачката ме потсети на „Преобразба" од Кафка. Како што Грегор Самса едно утро се претвора во инсект, така и Елизабет ќе се претвори во непрепознатлива верзија од себеси.  Во филмот, оваа поделба е покажана сосема на почетокот кога живо јајце е шприцнато со супстанцијата која резултира во дуплирање на жолчаката и белката. Благодарение на овој ‘лек’, Елизабет го создава својот двојник, Су. Тие се сосема спортивни една од друга, но делат една иста матрица. Матрицата е претсавена како една клетка која се дели на повеќе клетки размножувајќи се во ДНК на корисникот.

Филмот содржи многу нелогичности, една од нив е раѓањето на двојникот Су. Таа никнува од 'рбетот на Елизабет. Оваа сцена е снимена со ефектот рибино око кој најчесто е употребуван за да истакне важен детаљ, некоја ексцентрична појава или момент на промена на дејствие во филмовите. Во филмот го гледаме овој тип на кадар токму кога треба да се запознаеме со нови ликови кои се мошне важни за приказната. Дополнителен кадар кој е снимен на овој начин и има слична сиболика кој ја потенцирата психичката состојба на Елизабет и нејзината ниска самодоверба е кога таа е веќе дотерана и спремна за состанокот со Фред се гледа себеси во златната квака од својата влезна врата и се доживува како чудовиште. Билборот на Су е дополнителен пораз за Елизабет поради тоа што го посакува нејзиното тело и изглед на кои самата е љубоморна. Затоа и неколку пати се преоблекува и си ја менува шминката, пробувајќи да ја потенцира својата убавина (која самата не ја гледа).


Су е сé она што Елизабет веќе никогаш нема да биде: млада, згодна, убава, самоуверена, себична, користољубива. Нејзината снаодливост е тоа што ја прави себична. Откако добива еден куп понуди за дополнителни емисии или шанса да биде на насловна страница на „Воуг“, таа е толку магепсана од новиот свет во кој е ѕвезда, што едноставно заборава на последиците со кои треба да се соочи Елизабет доколку се прекрши балансот од седум дена. За филмот да содржи пресврти, Елизабет го прекршува ова правило и ѝ дозволува на Су да преовладува во животот што го делат, се разбира ова има свои последици. Во вториот чин по драстичните промени од прекумерна употреба на супстанцијата, на сцената се појавува веќе остарена Елизабет која е непрепознатлива (нејзиното лице е полно брчки, косата ѝ е посивена и телото ѝ е сосема спротивно од она на Су). Пробува да се освести и да ја прекине навиката која ја створила. Во една од сцените додека се тушира си ја удира главата на подот викајќи ,,прекини, прекини", а камерата се оддалечува создавајќи ја илузијата дека Елизабет се наоѓа во заѕидана просторија која станува сѐ потесна и потесна.  Преку оддалечување на камерата, одлично е прикажана злоупотребата на супстанции, зависностa и обидот да се откаже човек од истите, по веќе неколку претходни обиди. 


Во итнервју промовирајќи го филмот, Корали Фаржа (режисерката) беше прашана дали воопшто би ја пробала супстанцијата, реакцијата на водителката беше сосема неочекувана откако одговори позитивно на прашањето. Ова, се разбира, може да е само добра маркетинг-стратегија, но тоа што без око да ѝ трепне би се одлучила да ја проба супстанцијата многу кажува за тоа дека без разлика на сите технолошлки напредувања, развои и промени во човештвото, луѓето попрво би отишле спротивно од природата и би дале сé за да изгледаат помладо, поубаво, попривлечно, па дури и  посовршено од совршеното. Ја земам оваа ситуација за пример заради тоа што режисерката си го контрира својот став во филмот, а со тоа и промовира различни начини на подмладување и достигнување на вечна убавина. Да имавме сите по еден двојник, кој е нашата иделана верзија од нас, светот би бил еден огромен хаос, a човечкиот род би престанал да постои.


Според Корали Фаржа, жанрот телесен хорор е совршено место каде може да се обработат теми за насилство врз жени и прекумерна сексуализација. Меѓутоа, во нејзиниот филм нема никакви последици со кои се соочуваат продуцентите на телевизиската програма и на крајот Елизабет останува жртвата. Голите сцени често се користат за да доловат емоции на ранливост или сексуалност, но во овој филм голотијата симболизира одвратност и неудобност кон сопственото тело, т.е. незадоволство од страна на Елизабет од нејзините физички атрибути. Кога станува збор за Су, нејзиното тело е прекумерно сексуално, што потоа на гледачот му се претставува како „идеално тело“. Приказната повеќе го потенцира патешествието на Елизабет и последици од прекумерно употребување на супстанцата, отколку нејзиното незадоволство спрема сопственото тело.


За да се долови начинот на кој фунционира Холивуд, Корали Фаржа употребува безмилосен, навредлив и сексистички дијалог. На пример, во текот на кастингот за новата Елизабет Спаркл. Одговорни за кастингот на новата фитнес програма се (surprise, surprise)  двајца мажи кои си даваат за право да коментираат по настапот на една од девојките каде ги фалат нејзините танчарски умешности, но го критикуваат непропорционалниот изглед на нејзиното тело на начин кој е не само навредлив туку и деградирачки: ,,Одлична танчарка. Камо цицките да ѝ беа во средина на лицето, наместо таков нос."  Кога доаѓа Су на ред, таа воопшто ништо не прави туку нејзиното тело е набљудувано од двајцата мажи. Ако филмот пробува да ја критикува сексуализацијата во Холивуд, тогаш зошто се потребни прекумерни кадри на голотија и детали од делови на телото од Су? Филмот пробува да ја претстави жената од машка перспектива.


Ваквите реплики и сцени го деградираат женското постоење, а најтрагично од сé е тоа што Корали Фаржа ги напишала. Филмот треба да претставува еден вид на бунт ПРОТИВ патријархалното општество, наместо да чекори со истото. Дури во третиот чин се запознаваме со одговорните во продукциската куќа, кои се исклучиво мажи. Во последните мигови на филмот има обид да се покаже современиот патријархат во филмската и телевизиската инудстрија, на кој можеше многу повеќе внимание да се обрне отколку една сцена.

Последиот чин се состои само од Су и нејзините подготовки за новогодишната телевизиска програма. Последиците од убиството врз Елизабет ја гонат и скапо треба да плати за истото. Постепено се појавува дисбаланс во нејзиното тело и со помош на одвратните звучни ефекти и кадрите на распадната вилица, гледаме како таа се распаѓа влегувајќи во лифт. Токму во оваа сцена, околу нас гледачите, е присутна таа филмска магија. Со самото откачување на увото се менува и звучниот ефект на филмот за да може и публиката да го осети тој недостаток на слух. Звукот е еден суптилен носител на целото филмско дејствие. Звучниот дизајн на филмот ги подготвува гледачите за сцените кои следат, каде дејствието е полно со насилство и агресија, а во гледачите буди емоции на дискомфорт, гадење, ежење, итн.


Доаѓаме до првата кулминација во која Су и Елизабет за првпат се запознаваат во живо, откако Елизабет пробува да го убие својот двојник. Оваа секвенца е полна со нелогичносни: двете коегизстираат истовремено, Су пробува да ја убије Елизабет, а таа прави сé за да се одбрани. Обидот е успешен откако на сцената се појавува само крвавата Су, која е жива и здрава. Ако двете жени делат матрица и се, всушност, едно суштество, тогаш логично е и двете да загинат во битката. Слабото внимание на деталите во приказната излегува на виделина во оваа сцена. Ликовите почнуваат да ги кршат правилата кои не се наменети да бидат прекршени. Поентата на филмот исчезнува, а прикзната од овој момент па сѐ до крајот е, колоквијално кажано, каша - попара и е тотално непотребна.

Еден од најразочарувачките краeви е токму крајот на ,,Супстанцијата" од кој треба да се извлече поуката дека токму на крајот од сите телесни промени, оваа верзија на Елизабет е таа којашто не е самокритична и се пифаќа себеси таква каква што е. Мутацијата од двете жени, т.е. Монстро Елизасу е таа којашто настапува во новогодишното издание на емисијата. Овој ,,емотивен" момент близу веќе кон крајот на филмот, е придружен со музичката композиција на Бернард Хефман, која оригинално била компонирана за филмот ,,Вертиго". Оваа композиција била употребена токму затоа што режисерката сакала да го прикаже спиралното и нестабилното движење на Елизасу која прскајќи ја публиката со сопствена крв, ја плаши, ја брка од салата, а потоа губи целосна контрола врз своето тело кое повторно почнува да се распаѓа.  Во сцената сé е преувеличено, издраматизирано и крајно неоригинално. Првиот филм кој ми падна на памет додека ја гледав оваа одвратна секвенца беше филмот ,,Кери" ( “Carrie” 1976) каде што титуларниот лик се појавува крвава на сопствената матура. Дури потоа сфатив колку многу филмот на Корали Фаржа ме асоцира на одлични хорор класици кои пред сé имале уникатна приказна, свежа содржина и своја оригиналност. 


,,Супстанцијата" и неговата сатиричност е една несмасна критика кон дваесет и првиот век. Филмот е 140 минутна приказна која ја пропагира идејата дека само жените се  подложни на страв од возраста, а овaа идеја е исто толку застарена колку и концепот на Елизабет која е водителка на телевизиска програма за аеробикс во дваесет и првиот век. Поуката која не би сакала да ја извлечат луѓето од овој филм, а особено девојки и жени е дека несигурноста околу нашите тела е токму наша вина. Благодарејќи на ваквата поука, ,,Супстанцијата" изразува феминистички идеи, концепти и вистини кои не докрај се борат за еднаквост меѓу двата рода, а тоа е и целта на феминизмот. Тој се стреми да ги поттикне сите жени да ги остварат своите целосни права и да се прифатат такви какви што се. Ниту една жена не треба да ги компромитира своите ставови и својот идентитет  за да го постигне т.н. идеално тело. 


 

Користена литература:





















Opmerkingen


bottom of page