Првите мартовски лалиња веќе расцветаа влевајќи доза колор во сивилото на зимските денови. Расцветаа и насмевките на лицата низ градов, а и денот порасна за троа часа. Пристигна март, се врати животот, а со развигор кој ги разнесува нотите на темјанушките и сонливите трендафили, се развејаа и спомените од крштевката на веќе дволетната пандемија.
Впрочем, и не ни треба соблазнување на сетилата за в усни да ни прошета вкусот на сеќавањата од времињата на невреме и безизлезна беспомошност со сето време на светов в дланка. Најтешки се тие први денови при секаква болка. Тие свежи новитети кои оставаат белези ко темно Пино врз бел чаршаф; тоа чувството на немир, бесполезност, незнаење што со себе а камо ли со другите… Можеби таа социјална исклученост се листа меѓу најголемите болки кои човечкото срце може да ги доживее. Но она кое е „yáng“ на тој „yīn“ е всушност луксузот на времето кое доаѓа како мелем за солената рана, нудејќи надеж дека пандемијата ќе помине и нормалата ќе се врати, а со неа и комфорот на вредност и чувството да се биде потребен.
И, времето дојде! (или барем се ближи). Полека се враќаме кон своите стари навики и обичаи, но едно нешто не успеавме да забележиме. Несвесно имавме шанса од прва рака да го искусиме секојдневието на лицата за кои времето не е утеха, туку напротив, оков кој ги одржува во состојба на стагнација, цел еден век. За прв пат со своите сетила ја вкусивме беспомошноста на социјалната исклученост која е единствената вистина на лицата со попреченост. Вистината која ние им ја наметнуваме.
Седам и се прашувам зошто… Зошто човечки битија ставаме во менажерија? Зошто ги робиме овие луѓе ко птици в кафез? Кој ни го даде правото да им ги одземеме нивните права? Впрочем и најслободната птица кога ќе се стави зад катанец, заборава да лета. Ја заборава функцијата на своите крилја и потенцијалот на својот лет. Заборава да биде слободна. Па дури и да ја пуштиме таа птица на слобода, ќе загине. Ќе загине, не поради својата „вродена неспособност“, туку незнаењето да опстои во општеството бидејќи никогаш ги нема соочено предизвиците. Така и лицата со попреченост, како заробени птици, ја немаат привилегијата да се сретнат со секојдневните предизвици кои ги носи битисувањето.
Најголемиот дел од нив со навршување на полнолетство, се оставени сами на себе, отстранети од секој сегмент на друштвото. Не е ли иронично како ги оставаме да се потпрат на себе, додека паралелно се повикуваме на изговорот дека се недоволно цврсти за да им наслониме товар на било каква одговорност?! Овие лица без заштита и поддршка стануваат мета на експлоатација која граничи со сите човечки вредности, слободи, права и достоинство. Па зошто системот не преземе нешто? Зошто не им помогне на лицата со попреченост да излезат од флоскулот на својот дисибилитет и да се интегрираат во општеството како еднакви индивидуи, наместо парче месо за сожалување?
Еден позитивен пример за решавање на овој проблем се центрите за рехабилитација за лица со попреченост. Ваквите заедници претставуваат прегратка и засолниште за луѓето кои од кафезот на стигмата се пуштени на слобода. Во нив попреченоста се зема како субјект која ја прави личноста уникатна, наспроти причина за изолирање. Во групи од четири до пет члена, колку и брои едно просечно семејство, овие луѓе ги учат основните животни вештини за кои никогаш немале ментор. Во овие центри времето од оков се претвора во мелем. Тука се раѓа самодовербата и самопочитта. „Дали ја исклучив пеглата?“, „Ќе го фатам ли следниот автобус?“, доаѓаат на место на непрестаното трагање на проблемот во себе.
Тука се учат основните вештини и навидум неважните и занемарливи секојдневни предизвици, а се работи и на професионална адаптација која праќа компетентни лица на пазарот на трудот. Со изработка на прилагоден курикулум според потребите на личноста се работи на стекнувањето професионални компетенции кои лицата со попреченост ги испраќаат во реалниот свет како квалитетни работници што ја заслужиле својата работна позиција, а не како пополнувачи на работно место поради закони кои налагаат нивно вработување (базирано исклучиво на сожалување).
На овој принцип птиците од кафез стануваат слободни и способни грабливки научени сами да си го ловат пленот, тогаш кога самите ќе почувствуваат дека се спремни да се вивнат кон небесите и да ја вкусат слободата. Овој пример ни докажува дека едно „општество со попреченост“ може да функционира поздраво и од навидум „нормалното“ општество. А сега кога и самите знаеме колку боли да си птица в кафез, еден социјален израсток, време е да се приклучиме на борбата за исправање на кривината во системот која корозира веќе со години.
Нека пролетта ја расцути слободата. Толку.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments