ОТАДЕ СТРАВОТ
од пукнатината на ѕидот
соѕидан од калфа, мајстори,
од тули и сув малтер
тропаше и одекнуваше стравот.
навираше во ноќта
разјадувајќи ги борците
тргнати во поход да му се спротивстават
со безбожни утехи и распарани амајлии.
тогаш,
темнината сокриена меѓу вкрстени дланки
на најгоркиот верник
паднат в молитва
успеваше да ја затне пукнатината.
но, навиреше ли гласот
таа се разлеваше
низ коските.
провејуваше длабоко
низ горчлив ветер
за да ја распостела в градите чумата темна.
длабоко кога ќе пуштеа луѓето рака
да продрат низ пукнатината,
таа гризеше со својата утаеност.
велат, била тоа тишината.
сокриена од калфа, мајстори
меѓу соѕидани тули
закопана била длабоко
во девствени бунари .
а стравот чиниш темнина,
а темнината чиниш огледало,
а огледалото измама на стравот.
сето говореше,
сето врескаше
во умората на тишината,
онаму, во пукнатината.
таму,
од пукнатината на ѕидот
соѕидан од калфа, мајстори,
од тули и сув малтер
тропаше и одекнуваше стравот.
КУЛТУРА БЕТА х СКОПСКИ ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ
Како што најавивме, започнуваме со објавување на песните на учесниците на „Отскочна даска #3“, настанот за млади поети и поетеси во рамки на Скопскиот поетски фестивал.
Првата песна која ја објавуваме е песната „Отаде стравот“ на Андреј Анѓеловиќ, младиот автор кој беше избран од страна на учесниците на „Отскочна даска #3“ да ги претставува младите автори на отворањето на 4. Скопски поетски фестивал.
Commenti