Отскочна даска: „Црна мачка“ од Милена Неделковска
- Култура β
- May 23
- 1 min read
ЦРНА МАЧКА
Вршам вивисекција на минатото
божем е распарана црна мачка што ми го пресекла патот.
Расекувајќи ја, во сржта ѝ гледам многу тутун:
тутун насобран в бовчи,
тутун распослан што треба да се нанижи,
тутун што остава црно лепило на прстите –
некакво си мастило,
некаков збор.
Гледам, понатаму,
(а и сакам од нив да чујам сè)
и чудникаво нанижана низа од оскомична љубов:
чукунбабами-прабабами-бабами-мајками-
а тие нижат уште една:
mise en abyme.
Си ја подаваат една на друга,
а нивниот поглед шиба во мене:
Седната на цименто
(нема да можам да родам дете!)
Седната на ќош
(нема да можам да се омажам!)
Згора, влажната коса ми се лелее на ветрот,
а јас го читам соновникот во кој ти биле собрани
сите мртви фетуси презервирани во тегли со алкохол,
сите Адамовци и Еви полазени од поскоци,
сите чкртки што ми биле чкртнати, а јас упорно ги пречкртувам,
и истиот тој што ми вели дека ќе умрам утре.
...ми ја подаваат да ја донижам со тутун
и да ја обесам на скелето лепливата низа...
„Не“, велам, ... „не сакам да умрам утре.
Ќе правам нешто друго:
ќе ја распарувам црната мачка што ми го пресекува патот“.
Comments