top of page

Циклус млада словенечка поезија: „Палестина“ од Пино Пограјц

  • Writer: Стефан Спасовски
    Стефан Спасовски
  • 4 days ago
  • 2 min read

Овој месец, поетската рубрика на платформите на „Култура Бета“ ја посветуваме на новата генерација словенечки поети и поетеси чии песни се поместени во антологијата со песни за војна „Крвав шах“. Во текот на целиот месец јули објавуваме неколкумина од застапените автори и авторки, а препевот од словенечки на македонски јазик го направи Стефан Спасовски.


„Крвав шах: песни за војна од новата генерација словенечки поет(ес)и“ (2026) е антологија во која се застапени словенечки поети и поетеси родени по 1990 година. Книгата е во издание на Словенечкиот ПЕН и Словенечкиот младински ПЕН како дел од одбележувањето на 100 години од Словенечкиот ПЕН. Антологијата е преведена на англиски јазик од Пино Пограјц, кој исто така е и уредник на изданието. Застапени се 39 песни кои ја прикажуваат младата поетска сцена во Словенија, нејзината посебност во однос на тематиката и стилот на пишување, но и силната општетсвена ангажираност.


Пролжуваме со поетот Пино Пограјц кој има завршено англиски јазик и компаративна книжевност. Досега има објавено три стихозбирки на словенечки јазик и една на англиски јазик, за кои добива неколку награди. Најчесто пишува за квир искуството и шизофренијата.



Палестина


Палестинец ми пишува

дека понекогаш шета

по улица со напуштени згради


на ѕидовите се потпираат мажи

облечени во бели кошули

и го гледаат


кога погледнува наназад

во оној што го одбрал за вечер

застанува меѓу рушевините

доволно бавно

за да може тој да го следи


на скршеното стакло

меѓу парчињата цигли и цемент

мажествените муслимани 

скоро секогаш

му го даваат газот




сестра му 

се борела со депресија

затоа ѝ ставиле зли очи

по нејзиното тело


врачот го пуштиле

да го запали кандилото

да промрмори молитва во темнината

да го истера ѓаволот од неа


кога неговото семејство

дозна дека е геј

го истераа и него




по погребот

на убиената новинарка,

по видеата од полициско насилство

над носачите на ковчегот

ме праша

така ли настануваат светците?


неговото прашање

не бара одговор,

само така прашува


по видеата од девојче во солзи

пред разрушениот дом

ми вели

дека никогаш нема

ниту јас

ниту моите соседи

да го  осетиме огнот

исто како него




кога ќе се врати дома

повторно го пречекуваат


звуците од експлозија

ги надгласуваат расправиите


звуците од истрели 

потсетуваат на 

крв што се двои од телото


во моето село

пред неколку години

уште не знаеја 

што е тоа геј


но отсекогаш знаеја

што е тоа загуба


Comments


bottom of page