top of page
Writer's pictureКултура β

Песни од кутијата за поезија!

На последните неколку настани во организација на „Култура Бета“ беше поставена кутија за поезија каде што присутните можеа да остават свои песни. Од неа избравме неколку и ги објавуваме во продолжение!


Билкари


Едни билкари појдоа кон една шума,

лековити билки да најдат и да соберат,

а потоа еден хербален лек на подготват,

и на болни во лекувалиште да им однесат...


...и така, билкарите влегоа во шумата

и таму, во бербата на лековитите билки,

љубезно им помогнаа нивните пријатели,

а потоа билкарите, на заминување од таму,

кротко се разделија од своите помагатели...


...и потоа тие, кога дојдоа од шумата,

внимателно го подготвија хербалниот лек,

и на болните во лекувалиште им го однесоа,

а тие ведро го примија лекот од билкарите

и откако се советуваа со лекарите

во срцата свои утеха понесоа.


Форензичар


Кој ли те уби пријателу стар?

Кој ли ти забоде нож во грбот

па да искочиш од мојот свет?


Мојот сон да станам форензичар сепак се оствари

сепак, секојдневно вршам биопсии на мртвите пријателства.


Кој ли те уби збору?

Кој ли те искорнал од моето грло,

па да не можам да те изустам на најблиските?


Сите недовршени разговори гнијат два метра под земја

сите молби, избинувања и љубовни искажување

се сега посветени на црвите наместо на тебе


Јас ли те убив пријателу стар?

Јас ли ти забодев нож во грбот,

па да исчезнеш од мојот свет?



***


Ме разјадува

чувство на осаменост

сега сум смирен.


Мисла, Марија Ангеловска


Се барам себеси,

во просторот меѓу две мисли

се губам насекаде

иако тука сум цело време

се љубам

сѐ љубам

ѕвонам

одѕвонувам

во далечината

длабочината

таму некаде во себе

се струполувам

во сознанието

дека сум само мисла

стрела низ свеста

на созданието

конечна смисла

во спознанието.


Viole(n)t, Александра Илиева


Истекува солза

долж лицето.

Се тркала

до земја.

До земја

се тркала

низ распукани брда од капилари.

Чувствувам распрскани

виолетови форми долж телото.

Наликуваш на индиго хартија

која талка низ вечниот ќорсокак.

Чекаш да се втиснеш

на посветла позадина,

та да оставиш траг

во шупливиот систем.


Светот во твоите очи, Д.Г.


Две рудини младост што дрочат.

Житници разиграни на ветрот - красни.

Два вида - огледала

две горници осамени и гласни.

Две тишини

две тајни заборавени, но гласни.


Едното буди миг на прелест,

другото, вечна љубов прелет.

Две неба разголени

чучулиги занесени в пролет,

развеани, незнаен правец

плетат љубовна вез в полет.


Прибежиште се тие

по долгото песпатје

на загубениот зрак

кој ги шара боите

на твоите скришни сни.


Таму го гледам

почетокот и крајот

на летниот божилак

под насолзено небо.


Ах, тие очи,

немирни длабочини,

плетат сон од копнеж и тага

за краткиот час

и љубовта твоја чесна,

дал е длабена в камен

ил' на славеј самен

в ноќите глуви - песна.


Во тие бескрајни простори кришни

срцево, едрени небосклони ширни

што скита,

навек судено по отров да трага,

накрај, кон твојот брег

со сонливиот залез

да потоне ита.

Comentarios


bottom of page