top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија од Христијан Илиевски (учесник на „Отскочна даска“ на 3.СПФ)

Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младиот поет Христијан Илиевски кој беше еден од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.


Христијан Илиевски има 22 години и е роден во Скопје. На „Отскочна даска #2“ се претстави со две песни: „Житни полиња таговни“ и „Пијана балада (Баш би сакал да знам)“


Пијана балада (баш би сакал да знам)



Вчера ја сонував мојата стара играчка

во сенката на сливата,

во рамката на вечноста.

Исто така вчера

се видов себеси

само во помала верзија.

Трчав кон игралиштето

спремен за нови победи.


Баш би сакал да знам

до каде стигнуваат изгубените,

дали среќата ги прати само храбрите.

Баш би сакал да видам

од каде извира реката,

од каде доаѓа болката

и кога ја снемува.


Денес видов бел гулаб

којшто слета на црковната кула,

видов луѓе со наведнати глави,

растажени, бледи, празни.

Ги видов учителите

и сите нивни следбеници,

смртници преправени во богови

и ѓаволи со двојни рогови.


Баш би сакал да знам

каде заминуваат апостолите,

дали ќе бидат спасени

само оние што ќе се покаат.

Од каде извира сета среќа,

зошто има толку злоба

и зошто сево ова се случува тука.


Вечерва го сонив својот иден дом,

скриен од сите, добро покриен

за да не може ветрот да го однесе

и она малку што ќе биде останато од мене.

Ги сонив и сите лица што некогаш ми значеле

и барем се надевам

дека на нивната љубов

со љубов сум вратил.


Баш би сакал да знам

што се случува со умрените,

дали можеме тоа некако да го одложиме

или тоа веќе е некаде запишано.

Дали на крајот ќе ги видам дедо ми и моето куче

и дали ѕвездите светат

и за нас и за нив подеднакво.



Житни полиња таговни


Житни полиња таговни

никој не може да ве разбере

како што можам јас.

Вие чувајте ја реката,

моите раце ќе ве чуваат вас,

бесконечното светло над нас

ви дели живот.

Зарем нема да ми позајмите некој зрак

да си ги избришам солзите,

да си го освежам здивот?

Во жолто да го избојам својот мрак.

Што ли сум ви згрешил?

Од толку луѓе на овој свет

баш мене ли ме најдовте?

Јас не ви требам вам,

јас само си го чекам својот спас.

Некој да ме извади од оваа длабока река

или да ме удави во неа.

Што и да направи ќе ме удостои.













Comments


bottom of page