top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија на Иван Николов

Сѐ уште сум млад


Сакам да пишувам

љубовни песни

револуционернo свесни

што ќе ги допираат сите

дури и тие што не се чесни


Ама има време.

Сѐ уште сум млад.

Треба да почекам да созреам

педесет години

за да го сменам светот



Ептен сме гомна


Сакам да сум ѓубреџија

на еден ден

Да ги проучувам луѓето

според нивниот отпад


Страв ми е да не ме бендиса слободата

на нечистотијата

На нуркањето по колети и тоалети

Сакам да пливам во отпадот

додека водата на океаните свети


Колку многу работи научив

не сте свесни

ама има едно нешто што

најмногу свети

а тоа е дека сме гомна



Убав е животот


не секоја поезија

е наменета за читање

некои песни се само

за мене и за тебе


мали тајни

наши тајни


не секоја песна

треба да има причина

метафора

туку се само симпатични зборови

убаво наместени

на проста линија


не секој поет

треба да е депресивен

алкохоличар

тој

може да е среќен

и исполнет со живот



***


само јас останав, сам во вагонот

надвор е темница

а јас сум со раскрварени заби и непциња

од џвакање на една иста мастика четири часа

читајќи роман за деменција


и се чувствувам среќен


движејќи се од еден град кон друг

како да патувам низ времето

кога ги гледам старите напуштени села

и како да си ја гледам сегашната иднина

како минато

а минатото како да не постои

со гентрифицирана фасада


јас сум својот татко

во буквална и во метафорична смисла







Comments


bottom of page