top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија на Дамјана Видическа

Каде и да одам се помолувам на тие пред мене


Денес не прашувај ме зошто овој крст

не го носам повеќе меѓу веѓите, ниту,

пак, меѓу градите.

Заборави ли дека најдобриот ми пријател

е баба ми, два метра под земја,

та ми зборува во сништата?

Ме потсетува која сум и од каде сум,

често ме носи во маалски улички

за да ме предупреди од чудни коски в ѕидови.

Ми свирка и ме пази од урочливи очи,

се буди во прстите на мајка ми

секое велигденско утро. Се присторува

црвено јајце и ме гали по лицето,

а некогаш и ко полумесечинка ми се смее

од црното небо.


Кога му кажував на другар ми дека и јас

нешто во животов изгубив:

My necklace! My evil eye necklace! It’s gone!

Веѓите му се накострешија и ме чапна

да бегаме. Не му се спротивставив, та

во сенките ја видов, морав да заминам.

Ноќта в сон ја опитав од кого ме отера.


Јас сум полу.

Полу од Месечината и Сонцето,

Пола од мајка ми и баба ми.

Каде и да одам се помолувам

на тие пред мене.

В тупаница носам линии од нивниот живот.


Животното писание нанесува болка,

особено таму каде што не го негуваш,

та еве ме сега, стискам дланки

за да не стискам заби –

шумолам низ нив, пештери од зборој.

Колениците ми се раскрвавени,

бојам црвено низ чорапи бели –

проштевај ми ако некогаш те заборавам,

твоите реџби постојано на плеќи ги носам.



Да имав сестра


Да имав сестра

ќе ја учев да не бара многу,

зашто, нели, женско е,

та не смее да биде алчна.


Да имав сестра

ќе ја учев да не препрашува,

зашто нели, женско е,

та не смее да знае премногу.


Да имав сестра

ќе ѝ купував темни партали

зашто нели, женско е,

та не смее да покажува кожа.


Да имав сестра

ќе ја советував да молчи,

зашто нели е жена

и мора да живее со ќутенката.


Да имав сестра

ќе ѝ викав да е послушна,

зашто нели е жена

и само така ќе најде маж.


Да имав сестра,

ќе ја обвинував,

зашто нели е жена

и таа си го бара.


Но за среќа, немам сестра.

Но опкружена сум од туѓи сестри,

потчинети од браќата свои,

послушни на татковците свои.


За среќа, немам сестра.


 

Дамјана Видическа (р. 1996) е писателка, наставничка, преведувачка и застапничка за родова еднаквост. Преку нејзината проза, поезија и филмски проекти, таа ги предизвикува општествените норми и промовира омоќување. Има магистрирано англиски јазик и креативно пишување како Фулбрајт студент на Универзитетот во Мисури, САД. Пишува на три јазици – македонски, англиски и германски и ги истражува предизвиците кога станува збор за пишување на втор, немајчин јазик. Има објавено три книги: „Мојата фамилија“ (2009), „Седумте желби“ (2011) и „Бруклин“ (2015). Моментално ја подготвува нејзината четврта книга, збирка поезија „Утроба од јаготки/ Strawberry Uterus/ Erdbeermutterleib.”


Повеќе за неа видете на веб-страницата: https://vidicheska.com/



header.all-comments


bottom of page