Длабоки и прекрасно бескрајни црни зори
О зошто само в сништа можеме да патуваме
со крилја широки илјадници метри?
Светлата недалеку светат, но јас, Сара,
не можам нив да ги допрам, ниту пак се сетам –
толку далеку се тие, исто како што и ти си.
Зашто си таму каде што си?
Дојди, О дојди тука ти. Те чекам
за таков танц в оган и в жар –
те чекам ѕвездите да и ги на вселената
преместиме таму каде што сакаме,
и свои ние да создадеме. Ајде, мила моја,
дојди на тие крилја прекрасни твои,
и носи ме таму каде што никогаш не сум бил,
однеси ме што е можно подалеку,
да видам – не! да не видам никој и ништо,
само ликот твој пред мене стално да е сакам,
и крилјата, во ритам со здивот твој, да ги слушам.
Јас сум некаде в темни далечини непознати,
коленичам и се молам со надеж да ме некој
ил' нешто некогаш слушне,
молитва по молитва на воздухот,
за секој случај, му давам, но сѐ уште
звукот на крилјата прекрасни твои слушнато
го немам. Дојди –
О кутар и обезвреден без тебе сум јас –
дојди, драга, дојди и дома однеси ме
в овие длабоки и прекрасно бескрајни црни зори.
Тонско море Автобусот луѓе полн си замина оставајќи ме мене – клетник – тука, оставајќи ме намира и потполно сам. Ги гледам како брановите бројни на атонското море се преклопуваат еден преку друг—преку друг, и кон мене тие идат – ги гледм и под сите нив, јас, со сета љубопитност своја – се губам, и тебе, те наоѓам во тоновите нивни – тебе – прекрасна и цела. Елегија за убавото Ја застрелавме последната срна која пратена нам ни беше не за жртва; ни едно животно не беше наше да го жртвуваме – ја застрелавме зашто одамна убавото и чистото не сме го виделе. Се пролеа крвта девствена по подот на шумата дабова. Солзите, во тишина, од сѐ уште неумрената срна се пролеваа, додека ние, нејзините убијци, од околу ја гледавме со бол во срцата и пепел на душите. Се отвори небото и нежно врз неа потече светлото – исфрлајќи не нас во темниците – во сенките вечни, со жал вечен во нашите срца за сѐ она што до сега на убавото, што до сега на чистото му имаме сторено. О прости ни татко, О прости – прости ни мајко, зашто ние не знаеме, неуки кон убавото од секогаш ние сме биле. Чистото не плаши, божем е нешто дојдено кај нас за да не уништи, и од незнаење, од наш пуст страв, ние, О простете ни! уништивме сѐ. Изградивме мостови, цркви и градови. Научивме да создаваме сѐ: цели светови, божества црни и бели. По убавото со векови трагаме – талкаме – го создаваме, но, скраја да е, тоа пред нас живо да се појави: нож на грклан одма му клаваме зашто ние, О ние за убавото не знаеме. Каде што светците спијат Најди го она што вечно ти треба. Љубов е, ил’ знаење? И тоа и тоа? Најди, и одиме, заедно ние, таму каде што реките течат, а волците, да не заштитат, тие вијат. Седни. Легни. Одмори, патот долг е, а за одење допрва има. Ќе стигнеш, не секирај се, вистина е, и тишината, и неа ќе ја најдеш, таму кај што светците спијат.
Неспокој Со широко-отворени очи го сонувам неспокојот свој, кој со својте боси нозе ме гази сиот, а јас, од сите места, сред мојта дневна соба лежам, не знам дал сум полу мртов, но сигирно сум сиот в длабок сон; гол, распнат на турската черга, чекам да се стемни, здив да земам, неспокојот на момент да ме пушти, само за в постела цела ноќ тој градите на мене да ми ги стега. В црни зори секогаш врисоци тивки ме будат – станувам – се вртам десно, па лево, облеката никаде ми ја нема. Гледам каде сум, што на околу има, не знам дал сум дома, ил’ в некоја си бледа кома. Гласови слушам и тропање, сѐ погласно и погласно, – срцето ми чука – ме стега! Каде сум – јас не знам каде сум! сонцето преку ролетните пробива, а неспокојот насмеан, молкум тој ме гледа.
Игор Аврамоски е дипломиран ликовен уметник, кој што освен со сликарство се занимава со црно-бела фотографија и пишување поeзија. Има учествувано на неколку групни и самостојни изложби во Македонија и во странство, и е автор на збирката песни "Monochrome Dreams", самоиздадена минатата година. Игор моментално работи на неговата втора збирка насловена "and then heaven".
Comments