top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија на Ива Петреска (учесничка на „Отскочна даска“ на 3.СПФ)

Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да ги прочитате двете песни на младата поетеса Ива Петреска која беше една од петте финалисти на втората „Отскочна даска“.


Ива Петреска (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учест­вувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“,„Отскочна даска“, настан за млади во рамки на Скопскиот поетски фестивал, а неколку нејзини песни се обја­вени во „Репер“. Во подготовка е и нејзината прва стихозбирка „Песнило“ што ќе излезе од печат во 2023 г. како издание на ПНВ Публикации.


1. Млеко


Млекото врие,

“се надига” како што велеше баба ми.

Млекото расте

заедно со пареата кон работ на ѓезвето.

Жубори, но скришум.

Млекото во утробата

си го крие бремето.

Не пука звучно, како што прави онаа која се менува.

Шумоли тајно,

му шепоти наметливо на лонецот,

кој срамежливо почнал да заруменува.

Млекото- бело,

што ја упива девственоста,

ја измива коравоста на кожата,

ја измазнува женственоста.

Млекото- чисто,

впиено во порите на змијата и Клеопатра,

млекото- зачеток.

Бебе што се храни од вимето на спокојот,

оној кој се разигра под дејство на топлината.

Правилна, доволно развлечена конзистенција,

заматена, со пригушен отсјај

- на работ на перфекција.

Млекото-еликсир на животот,

ги содржи сите потребни состојки

да расцвета човечка пупка,

здраво човечко млеко

од здрави дојки на девојки.

Преку млекото доенчето прима

дури и заштита од отровот на светот,

лакомо шмука инстиктивно.

Запишано е во нас,

во секоја наша клетка,

да голтаме млеко од првиот здив- репетитивно.

И не ни е доста!

И на телето му го крадеме растењето,

Не ни е доста!

Да можевме секоја цицка во природата ќе ја исцедевме.


Па што, секој сака вечно да е дете.

Децата немаат грижи.


Млекото врие,

“се надига” како што велеше баба ми.

А сега кој ќе го собере кајмакот?




2. Anamnesis vitae

(Животна историја на болеста)


Преглед на животот,

онака школски.

Кои ти се главните тегоби?

Колку те боли?

Проговори, предсмртнику,

кога плачеш дали тагата

ја распоредуваш низ дома

подеднакво во сите соби?

Кога си бил мал колку подлактица,

си се лигавел врз блузите на мајка ти?

Колку гласно плачеше

кога засирен ти ја отсекоа папочната врвца?

Колку гласно плачеше

на првите удари од татко ти?

Искрши ли некоја коска додека растеше

или беше едно од млитавите деца под ѕвоно чувани?

Пред првиот бакнеж,

ја вртеше ли маслинката в уста?

Се ебевте ли со другарите

кога бевте пијани и надувани?

Кажи, болеста е лечлива!

Имаш ли потешкотии во сексот,

колку редовно го практикуваш?

Одиш на јога, во кам маркет, на журки, во туѓи кревети?

Кога те допираат прсти дали целиот се превиткуваш?

и дали веруваш во божји сили, адети и клевети?


Пушиш ли цигари?

Дали свесно си го кратиш животот

како коноп со ножички?

Ризици, канцери,

задушувања, возбудувања

Лупиш ли како зелкини кошули над ноктите кожички?

Страв ти е?

Од смртта бегаш ли подалеку?

Како прле пред магаре,

како мува од тепалка,

како кога бегаше од цајканите

за да не ти ги откријат гревовите,

Како партизаните низ рововите,

како среќата над гробовите,

како коцкарите од долговите,

како наутро што бегаат соновите

како што бегаат нестрпливо деновите?


Ајде кажи си ја маката,

тука сме за да ти ги откриеме сите тајни

со професионални причини.

Никој не го интересираш ти,

само болеста е света,

Минлива, освен кога не е,

настаната од непознати причини.

Така ти било шкртнато,

господ шкртки некогаш си цртка и од досада,

да си ми жив и долговечен,

јас сум тука само да прашувам

а никој не знае кога смртта ќе ти дојде на посета.

Благодарам многу, имај убав ден!

Ден во болничките ходници,

ден со ноќни морници,

убав да ти биде мигот пред смртната постела,

те испраќам и не се вртам,

со растечки тумор што ги исполнува цревата.

Туморот на бездушевноста.

Што расте и во мене и во тебе,

и полека не одвојува и двајцата од животот.

Мене преку книгите, тебе преку земјата.






コメント


bottom of page