На ракавот на градот
Погледни во себе.
Празнините во телото те чекаат да се вратиш.
Бурите стивнуваат за да се помириш.
Пролетните цветови се отвораат за да се разбудиш.
Уличните липи расцветуваат за да се ослободиш.
Новите дождовни капки во симфонија чекаат да се измориш.
Погледни во себе.
Болките во телото сонуваат дека ќе се родиш
како првиот слободен човек на градот.
Како првиот што станал свесен за своите места.
Кога баба ми го оплакува дедо ми
Кога баба ми го оплакува дедо ми
силно невреме надоаѓа од север
и тежок град се истура врз ситните ќерамиди.
Удира со бес и тропа дури не го здоболат плеќите.
Се повлекува поразен.
Животот по улиците останува нем.
А потоа, ни станува јасно колку боли крајот.
Продолжуваме молчаливо да љубиме,
поинаку,
повеќе.
Сношти сонив војна
Сношти сонив војна
што раѓа апокалипса во делови.
Штом сонувам војна
го преуредувам подрумот како засолниште.
Денес оставив три везени пиперки долу
и на дрвениот ковчег
во ново писмо што му го пикнав
му кажав дека е безбеден.
Проверив дали стариот душек
е изеден од глувците,
и на постојните залихи
додадов нова количина страв.
Скоро секогаш сонувам војна
и на календарот прецртувам
ден по ден.
Во меѓувреме,
пијам повеќе,
јадам со сласт,
дишам повеќе од препорачаното.
И молчам,
колку што ми е дозволено.
Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ — Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјалниот центар „Дуња“ и др. Нејзините песни се објавени во: списанието за литература „Современост“, порталот за книжевност и култура „Окно“, електронското списание „Репер“, платформата за поезија и книжевност „Фуснота“, интернет платформата ,,100 000 поети за промена“, порталот за феминистичка култура „Медуза“ и во е-списанието на студентите на Филолошкиот факултет „In Medias Res“. Аматерски се занимава и со уметничка фотографија.
„На ракавот на градот“ е нејзината прва стихозбирка
コメント