Поезија на Макрина Јорданова
- Култура β
- Nov 8, 2022
- 1 min read
1.
не ставај ми ги мајко белите чаршави
не гледај ме со очи полни болка
не посегнувај по прегратка
не ставај ми ги мајко белите чаршави
оти со себе ја носам сета
нечистотија, збрана
онаа нечистотија
која ни сапун
ни млака вода
не можат да ја измијат
мајко не зборувам само за
нечистотијата на рацете
ни за онаа на облеката
ниту за онаа во моите кадрици
не ставај ми ги мајко белите чаршави
трагите од минатата вечер
не можам да ги сокријам
мајко,
не рони солзи
на моите бели чаршави
не посегнувај по прегратка
од мене ќе останат само коски
2.
ти (не)позната рефлексијо во огледалото
не вперувај го погледот удолу
дигни го главчето,
не срами се од неговата тежина,
доближи се,
спознај се,
познај се.
те познав во
бесот татков,
топлината мајчина,
детската насмевка,
маалската мачка,
урнатата зграда,
тесните Охридски сокачиња,
во дневникот што го кријам.
те познав
и во
местата непознати,
приказните недокажани,
рацете неисплакнати,
чувствата непочувствувани,
песните неиспеани,
усните небакнати.
оти ти си
сѐ и ништо,
насекаде и никаде,
секој и никој,
свој и сечиј
истовремено.
Макрина Јорданова е млада поетеса која доаѓа од Штип, има 18 години и е ученичка во СОУ „Славчо Стојменски“ во Штип. Таа досега има учествувано на две поетски читања „Добри гости - книжевни гостувања низ Македонија“ во Штип и „Поетска епизода #2“ која минатата недела се одржа во кафе-книжарниците „Буква“. Таа има учествувано во неколку театарски претстави, а има одржано и неколку работилници за јога.
コメント