Од денес, па во текот на наредните неколку недели ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да ги прочитате двете песни на младата поетеса Макрина Јорданова која беше една од петте финалисти на втората „Отскочна даска“.
Таа е млада поетеса родена во 2004 година во Штип. Своето средно образование го завршила во Гимназијата ,,Славчо Стојменски ” во Штип. Се занимава со пишување поеија, театар и јога. Има учествувано на повеќе поетски читања, меѓу кои ,,Поетска епизода #2” и ,,Добри гости”.
1.
распушти ги плетениците
кои мајка ти
ги плети,
ги преплетува
пренесувајќи ги
оние нејзините
од мајка ѝ
веќе сплеткни
и сета бол —
во плетенките држана
со црвени панделки
оддржувана
—од мајка ѝ,
на мајка ти
донесена,
пренесена,
разнеси ја
во ништожноста
однеси ја
не заплеткувај ги
(повторно)
расплетените плетеници,
распуштените кадрици
нека ти ги
милуваат рамениците
нека ги покријат белите гради
што Сонце не се виделе.
2.
само ноќта знае,
бдее
над сите твои гревови,
над сите беседи
и бакнежи,
таа сведочи
за караниците
на пијаниот татко и керќа му,
на тие меѓу мајка ти и татко ти,
и оние твоите,
со ликот во огледалото.
ноќта знае
а молчи,
знае за твојата вина
во сенката затаена,
каде ги криеш
сите наврати
кога
си се преправал дека спиеш
штом го слушнеш гласот на татко ти,
за секоја солза што ја ронела мајка ти,
за ронките во постелнината
—која не си ја сменил со недели,
за секој неизустен збор
оти здивот сеуште го има
мирисот на вчерашното вино,
сончоглед,
и нечиј туѓ здив,
кој не е оној
на девојка ти.
само ноќта знае,
но сепак молчи,
темнина владее
сѐ дур не дојдеш во пресрет на Сонцето,
но страв ти е од неговиот лач
па го чекаш припекот
со затворени очи.
Comments