top of page
  • Writer's pictureКултура β

Поезија на Милена Сиљаноска (Лик на месец јануари)

Овој месец, „Култура Бета“ го посвети на младата авторка, поетеса и уредничка Милена Сиљаноска. По тој повод објавуваме пет нејзини песни. Прочитајте во продолжение!


АКО ИМАМ УШТЕ ЕДЕН ЧАС СО ТЕБЕ


Пред да нè раздели судбината 

како да сме Црвено Море

в црква ќе појдам

и во Љубена ќе се прекрстам

та секој името кога ќе ми го каже

прекарот твој ќе го чујам


Ако имам уште еден ден

со тебе Богопловецу

сред бура

Дај ми да не изгубам вера

како Петар во Галилеја


Ќе молам

да не би домолила


Ако имам уште еден месец со тебе

од срцето свое

тули ќе направам

и со нив ќе соѕидам

живеалиште Божјо


Штом од тебе: Љубена!

ќе чујам

во храмот цвеќе ќе положам

со солзи ќе го оросам


Ќе љубам

да не би дољубила


И да имам уште цела една Вечност со тебе

ниту храмот цвеќе ќе помириса

ниту јас Љубена ќе чујам


Оти од ѓаволот се откажав

и Мојсеевите плочи

ѓердан на врат ми се


Ги носам

да не би ги доносила



ЛИСТОТ


Домовни

ветровни 

вековни 

борби 

води тој со земјата


Вишнее

Вилнее 

Венее...


Вечнее



НЕМА ВЕЌЕ СОНЧЕВИ ДЕНОВИ


Сите се зад нас како минато


Бранот не светка

се прекршува 

во бесшумен лак

свиткан како црковен прозорец

како усните 

на безнадежниот морепловец

што се ниша на овалниот брег


Изгорен е венецот

Изгорев околу прстенот на сонцето


Котвата е фрлена

Нема веќе сончеви денови 



ЖИВЕЕШ ВО ЗЛАТНИТЕ КРАЕВИ НА МОЈАТА КОСА


Ќе бидам дел од племето монголско

од времето библиско


Ни Колриџ ни Кублај-хан не ќе можат да ме запрат

ни Далила не може да ми напакости


Одлучно си ветив кога за првпат ми зашушка 

твоето присуство во златните краеви на мојата коса


Се држиме на влакно

во далечината гледам косачка


Не грижи се, ми велиш

и ме допираш за испакнатите коски зад вратот


Се слеваш по ‘рбетот

по целото мое тело


На сигурно сум

Дури и кога сонцето не ми ги допира 

златните краеви на косата



ЗНАЕШ ЛИ КАДЕ ПРАВАТ РЕСТАВРАЦИЈА НА ДУШАТА?


Пуштив барање до епископот

во чија катедрала 

долго време висам 

во ќошот заборавена


Ехото на тишината

ми го оштети слухот 

и не можам да ја чујам 

мисата на реалноста


Се нишам на провевот

и си ги гушкам колената

а тие крцкаат –

за’рѓале од мермерниот студ

што ми влезе в коски

и ми ги изветопери


Темнината ми ги изгрицка

боите како глушец

и погледот ми е излитен


Ми се излушти кожата

па се наѕираат 

и пропаднатите столбови


Веќе не ми се восхитуваш

ниту препознаваш

па кога ќе ме видиш 

устата ти се искривува 

во болна гримаса

со благо сожалување


Те молам,

пушти веќе малку светлина 

во храмот на твоето срце


 

Милена Сиљаноска (1997) е дипломиран професор по општа и компаративна книжевност. Уште од 2020 година работи како уредник во Издавачки центар ТРИ. Има објавувано поезија и проза во „Современост“, „Зенит“, „Литературни искри“, „Елементи“, „Е-лит“ и во студентскиот весник „In medias res“.


Во 2023 година го доби признанието „Антев златник“ од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, за поетскиот ракопис „Болопадание“. Во 2012 година добива награда на литературен конкурс организиран од Дата ПЕСНОПОЈ – Битола, кои ѝ ја објавуваат стихозбирката „Ако имаш време“ како дел од едицијата „Гласини“. 


Минатиот месец го издаде својот прв роман „Ронлива“.

211 views
bottom of page