top of page
  • Writer's pictureКултура β

Поезија на Пепи Стамков

Собрани остатоци од светот

1.

Секое утро и секоја вечер

во обид да создадам идеален живот

чергата пред прагот ми открива

сноп влакна и кружно огледало.

Ѓубренцата под нив погласно ја зашепотија

својата преживеана мантра

за мене и случајниците,

да нѐ загушат во амбисот

чии корени се вдлабени во сржта

на незапрашеното несвесно.

2.

Непознати тела трчаат во круг

на таванот.

Неповикано ја напрашуваат

празната чистинка сред собата

каде што ненаспаниот куќен совет

одлучува за судбините

на поскапениот самрак.

Стрвни за власт,

ја грабнуваат прашинката

од мртвиот презир

и лакомо умираат.


На овој начин ќе израснеш

во вистински патриот

Времето и градот нѐ одбегнуваат,

а ние заветно седиме на подот од бездната.

Вкопани сме во подот од раѓање

сите нѐ поткачуваат со врвките

од калливите чевли,

мирисаме густа киселина

и отвораме рани за кои

најмалку ни е гајле –

за нив цел свет протестира

пред стаклени ѕидови полни

со глув простор.

Од почеток нѐ израснуваат

како вистински патриоти,

без да се прашаат дали

пристапниот ритуал кон патриотизмот

е сатанистички,

а патриотите – квазисмртници

што нишаат врати

и бездетни лулки.


Хипотетички приказ на идеален простор

наменет за живеење

Го оставив времето заглавено

меѓу запците на часовникот.

Ме гледа и не сака да ми ја прости

љубопитноста.

Сѐ повеќе се задлабочувам

мерејќи ја крајноста,

и сѐ повеќе се оддалечувам

од блискоста на интимата.

Се стемнува. Немам намера да се

докажувам никому -

сите спијат легнати

на стомак.

Во занесот од заборавот се чудам

каде ги заборавив спомените

што ме демнат пред да заспијам,

и ме тераат да се вратам назад.

Самиот себеси се убедувам:

овде сум,

но само во другиот дел


од јавето.

316 views

Recent Posts

See All

Скопје СИ ТИ: „Го преколнувам мојот град“ од Методија Тасевски

го преколнувам мојот град по Балашевиќ го преколнувам мојот град да не ги руши мостовите и куќите пред нив и тие зад нив; да не ги бетонира парковите, тревите, зелените огради, цвеќињата, листовите, б

bottom of page