top of page
  • Writer's pictureКултура β

Поезија на Стефан Спасовски (учесник на „Отскочна даска“ на 3. СПФ)

Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младиот поет Стефан Спасовски кој беше еден од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.


Стефан Спасовски е роден во Скопје, 2003 година. Средното образование го завршил во скопската гимназија „Орце Николов“. Со студирање продолжува на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје. Со пишување се занимава уште од раните средношколски денови, учествувал на различни натпревари и конкурси. Негов есеј е објавен во збирката „Средношколски есеи ‒ 2021“. Има учествувано на повеќе поетски читања, меѓу кои и „Студентски вечери на поезијата“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и други. Негови цели на интерес се книжевноста и лингвистиката, во потесна смисла ‒ македонистиката.



Јавачи на ветер


Го зауздивме ветрот со молскавична опашка

Му ги стегнавме прашините да не може да лета

Па му ја зафрливме омарнината ‒ да не брза толку


Го зауздивме ветрот со нашите сетила

Со устата го кротиме да не бучи

Со допирот го мамиме да се потсмири

Зашто е брз ко жетвари напладне

Со ушите го слушаме неговото ѕвечкање

В лице ни бие неговиот напор

О, толку е и силен и сјаен

Што ниеден пастув не му е рамен.


Го зауздивме ветрот со нашите соништа

Кога е сонот убав ‒ уздите се стегаат

А тој галоп (галоп)ира во секој час од нашиот поспан ум

Но, кога сонот е кошмар ‒ ветрот едноставно стивнува.

Се испенавува на перницата на која спиеш


Ветрот молчешкум нѐ води во секој сон

Тој е првиот допир на перницата

И последно сеќавање на вечерта.



На распетието крај езерото

За едно наше, а сепак далечно Езеро



На распетието крај езерото

Утрото се препнува низ синолика боја

Тесната шир го бранува зракот

Со неуморни и малку замајани луѓе

Ги креваат главите и со одрон од здив

Му пелтечат на мирот и хаосот

Го кријат демонот во себе

Но, луѓе се

Тронки заматени од ликвидот

Занемуваат во Лихнидот

Додека трае утрото

Зашто знаат кога ќе јурне

Вечерното затишје

Тие пак ќе мечтаат за води

И две градби сакрални


(Со крвно мастило ризница испишана)



На распетието крај езерото

За две помалку ќе бевме профани.


59 views
bottom of page