top of page
  • Writer's pictureКултура β

Поезија на Васил Ханџиски

Скопска ситуација


Град полн евтини кафеани

во кои се водат бизниси

и се изневерува.

Парите поважни од искрените пријателства.


Град полн големи трговски центри

каде што се купува сѐ

за да се сокрие сопствената несреќа и несигурност.

Редици за да се искористи уште еден

новогодишен попуст.


Град полн паркови

со претепани малолетници, а малолетничките силувани.

Место каде што згаснува детската невиност.


Град полн спортски терени

на кои 10-годишните деца губат секаква надеж за спорт.


Град полн театри

во кои луѓето плукаат по актерите.

И бараат само комедии.

Град претворен во казино

во кое луѓето ја коцкаат и последната надеж.

Измамени од бесплатен алкохол и убави девојки

го вложуваат и тоа што го немаат.


Град полн гранапчиња

ограбувани од малолетни деликвенти.

Полиците полни намирници

џебовите празни како на скитници.


Град полн училишта

за неписмени генерации.


Град полн болници

но докторите се веќе во Германија.

Објекти од седумдесеттите и таму застанати

чекаат да ги доголта времето.


Град полн политичари

под различни знамиња,

но со исти лаги.


Градот на солидарноста

што стана бездушен!



C2H5OH


Капка по капка

го испив мојот бол.

Сѐ до заборав.

Какво е тоа чувство,

колку е мрачно и проколнато,

и како може да го сотре човека.


Капка по капка

го испив мојот страв.

Страв од самотија,

страв од смрт

и од височина.


Капка по капка

ги испив спомените.

Сите разделби со блиските,

сите детски родендени

и безгрижни летувња.


Капка по капка

се давев во своите солзи.

Не можејќи да избегам

од самиот себе.



Kаде си


Заробен под вода

тонев

и лицето ја губеше румената боја

градите притиснати

очите безживотни

и во последниот здив

мислата пак водеше кон тебе

моето полумртво тело

сакаше да знае


каде си?


 

Промоција на стихозбирката „Сложувалка“ од Васил Ханџиски ќе се случи во четврток, 20.07.2023 г., од 20:30 часот во кафе-книжарница „Буква“


Промотор: Андреј Медиќ Лазаревски


– Дебитантската поетска збирка на младиот поет Васил Ханџиски е сложувалка од теми посветени на првите искуства на секој млад човек, првите љубови и разделби, првите средби со градските ликови, фрустрациите од општеството. Поделена во пет делови, стихозбирката „Сложувалка“ е рефлексија на љубовта, домот и неговото напуштање, градовите и луѓето во нив, странствувањето и осаменоста, љубовта кон девојката, но и кон ракијата. Авторот ги поставува стандардните младешки прашања поврзани со овие теми, се осврнува на личните чувства, но и во неколку наврати упатува критика кон ова „општество што тоне во бездна“. Почнувајќи со алкохолот, минувајќи низ љубовта и домот, а завршува со себепромислување и опишување на другите, оваа збирка е своевидна панорама на она што значи младоста – јас во себе и сè околу мене – Андреј Медиќ Лазаревски.




130 views
bottom of page