top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија од Андреј Анѓеловиќ

КОЈ СИ , НЕ ТЕ ПОЗНАВАМ?


Чии ли се овие солзи

кои се слизнуваат,

по образот на наведената лика?

Кои извираат и потоци прават

низ моиве превиени, згрчени дланки,

низ беливе листови

расфрлани купишта

Заборавени од допирот на мастилото.


Чии се овие очи

кои гледаат во модрилото на огледалото

а убавина се да распознаат се мачат?

Втемелени, заробени очи

во черепните темни вдлабнатинни.

Светлина гледаат

а сеништа и мракови

во внатрешноста сокриваат.


Чие ли е срцево

што одѕвонува низ собата

преку силното свое биење?

Чиниш од неговото биење

ѕидовите попуштаат

и од болот сиот надвиснат

се сронува во очаен чакал.


Кој ли е ликот што го гледам во огледалото?

Та и тој само застанал немо и не заминува.

Кој ли е скелетот што почива

во длабочините на телово

под набабрената кожа,

па ја оринудува марионеткава

да наликува на живот.


Кој сум јас што сега прашувам?

Кој град е местово во кое чекорам?

Кое време е годината која ја одминувам?

Кои се овие туѓинци кои талкаат

низ кладрмите, замаглените влажни улици?

Кои се расфрлуваат со дволични љубови,

а шират ориентални изливи на себичност.


Кој си ти странец

заборавен , заробен во мојот лик?

Никого веќе не познавам.

Не те познавам душевно мое собитие.


Како да избледе секој дел од реалноста

та веќе ништо не можам да познаам

Бидејќи се се срушило

во ништавило , та самото станало ништавило.


Кој си ти што сега бладаш пред огледало?

Кој што липаш на сиот глас а никој не наслушнува

не го наслушнува твојот страшен трепет.

Што надвиснат над прозорецот

заборави на болот и се зави во темнило

задрема и се заборави самиот во неповратот.


Кои се сите овие личности?

Кој си ти што чекориш низ студениот град?

Кој сум јас што те одвратив од сонот,

па во часот на зората станувам само уште една неуспешна мелодија,

уште еден заборавен епитаф,

уште една заборавена интрига на белиот лист напишана?



ПРЕСЕН БОСИЛЕК


Го гледаше босилекот на масата,

oној одамна завенат,

но кој уште ја држи бојата

Не ја менува јаркоста своја.

Па само залажува на светлината

дека е во цутот на својата свежина.

Неговиот мирис доспева длабоко

Посегнува по неговите сетила да направи

заслада но единствено што се чувствува,

единствено што нагризува јако,

е некоја непозната горчина

која навлегува и задремува во длабочината на сетилата

и ја надразнува душава.


Дали толку гревови ја имаат натежнато душава?

Та да се затае душевното блаженство

од оваа света билка.

Но, зар гревот е еден ?

Кога светот ги забодува канџите се подлабоко

во срцевината.

Бегаш низ морничавата темнина ,

а крвавите канџи на суровост доспеваат до срцето,

ја горат душата и ја лишуваат

од можноста да распознае блаженство.

Што има сторено овој човек ?

Какво непромислено крвопроление има на душата?

Или пак е тоа само некое промислено суеверие?

Пламените од најдлабоките предели на пеколот

избувнуваат во шуплината на телото.

Темномислие заробено натежнува се повеќе,

ангелот на смрта надвиснал та непопушта

и само ја влече,

осакатената душа на овој смртник.

Смртник заробен во свето каење

и света завет на молчение.


Болот се ширеше низ телото

и со огнен камшик замавуваше.

Се појако и појако по заѕиданите ѕидини ,

на тоа бедно ништавило, на тој беден смртник.

Надвиснат над вазната со босилек

сеуште не можеше да ја познае

миризбата која нагорнуваше.

Низ крикот на светот во кој беше осуден

го забоде стеблото,го забоде во дланката

Но не потече крв туку само зрна песок.

Почна да го сакати телото,

со стеблото на пресниот босилек

како некое свето самоказнување,

па тој како песочна фигура

дел по дел се ронеше.

Бодејќи песокта се расејуваше

на неа само слово зад слово се запишуваше

некој древен но сегашен натпис.

Да и Исус пишуваше на песокта

и го стори каменот во леб,

та никој не посегна да фрли камен по грешницата.

Но тука остануваше да стои

само од слова заповедание.

Мрачно откровение.


За сите времиња грешник

За сите времиња осуден на човековото ништавило

За сите времиња осуден на мизерија

создадена од маскотите на луцифер

За сите времиња и пак денес, грешник .

што останал да живее и не посегнал

да го проколне и разори ова ништавило.


Човекот се сепна

И продолжи да оди долж патеката

под пресниот божилак ,

по која беше насаден пресен босилек.

Чиј мирис го засладуваше

неговиот смртнички дух.


 

Андреј Анѓеловиќ е млад автор родум од Куманово. Тој се занимава со пишување, сликање, ужива во музиката, пишува раскази, поезија, колумни и есеи. Влубеник е во францускиот јазик, француската поезија, а и во мајсторските дела на Херман Хесе.

Σχόλια


bottom of page