top of page
  • Writer's pictureКултура β

Поезија од Ангела Бошкоска (учесничка на „Отскочна даска“ на 3. СПФ)

Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младата поетеса Ангела Бошкоска која беше една од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.


Ангела Бошкоска е родена 2002 година во Тетово. Моментално е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Авторка е на романот „Вистинска илузија во лажен свет“ (2021). Скоро две години активно се занимава со пишано новинарство во областите за култура, уметност, образование и родови теми. Сака да оди по клутурни настани и неретко прави интервјуа со присутните. Во слободно време чита весници, списанија, книги, а во последно време се труди да чита добра поезија.


***

Погледни ме,

кажи ми дека не сакаш да сме под истото Сонце како и вчера

да си жолт и црвен и повторно жолт?

Зар сакаш да си црн?

И да си орел на небото

наместо зрак на земјата?


Зар сакаш да си ми меурче во дланка

наместо грутка крв во срцето?


Мислам, те мислам, не смислувам

како и натаму си ми далеку

кога јас те чекам в постела?


Размислувам.


Ќе ме мразиш ли уште

кога јазик со јазик ќе се допреме

и ќе се сфатиме како тогаш

и дали после тоа ќе кажеш дека нешто нѐ дели

мене и тебе,

нас и вас?


Зар постои линија меѓу двете глави

што Сонцето не може да ја стопи?


Сите мои светлини нека одат за дел од твојата црнина,

може ли?


Ќе останеш ли далечен

ако јас те викам мој?



Ечи


Денес е државен празник,

брат ми ме прашува зошто сме на улица и што е тоа корупција

и зошто толку силно ечи гласот на баба ми,

а јас му објаснувам што значи криминал,

оставка и мито

сеќавајќи се како мене ми кажуваа за штафета,

пионер и Тито.


Големите ќеси под очите на баба набрзо ќе прснат

и испуштат години надеж и тага.


Мириса на пиперки и солзи.

Ги сечат краците,

а нас нѐ селат.


Се гребе црвената боја,

темно е,

се креваат вреви...


Усните ми треперат додека мислам,

„кому да кажам дека е 8 Септември?





37 views
bottom of page