top of page
  • Writer's pictureКултура β

Поезија од Дарија Јовановска (учесничка на „Отскочна даска“ на 3. СПФ)

Зошто молчи?


Велам,

зошто баш јас?

Зошто баш мене да ме нема?

Зар вака падната,

ќе те сретнам некогаш?


Ако продолжам слепо да лазам,

ќе ја видам ли светлината?

Ќе ја доближиш ли далеченита?

Ќе направиш ли да сонувам повторно,

а, сонот да не ме измами

и да не боли ко што боли?


Ќе ги срушиш ли оние ѕидови?

Ноќта ќе биде ли полесна?

Деновите ќе престанат ли да ме одминуваат?

Ќе види ли некој?!


Ќе го сопреш ли времето

да не брои колку пати,

не се вратив,

таму каде требаше да бидам?

Ќе направиш ли да не се плашам

од темно?


Велам,

Зошто ја премолче таа песна,

тој сон,

тој живот?


Велам,

Зошто те нема?

Зошто никој нема?

Зошто нема одговор?

Зошто молчи!?




(Не)постоење


Кога бев дете,

мислев дека секој човек сонува.

Но, ми кажаа, дека децата некогаш растат

и забораваат да сонуваат.


Кога бев дете,

мислев дека секој сон

живее некаде во нас

и по некој свој, чудесен пат,

нѐ води и приближува кон него.

Но, ми кажаа дека има и сонови,

кои некогаш згаснале

и луѓе кои некаде се изгубиле.


Кога бев дете,

мислев дека очите на сите луѓе светат

и образите им се црвенеат.

Но, ми кажаа, дека има и такви,

кои одамна го изгубиле жарот и срамот.


Кога бев дете,

мислев дека секој човек е слободен.

Но, ми кажаа, дека има некои,

кои чуваат птица во кафез

и градат ѕидови.


Кога бев дете,

видов деца,

кои ги излажаа да пораснат.

Но, видов и такви,

кои секогаш останаа деца.


Јас пораснав,

а вчера бев дете.

Вчера сонував,

денес ме нема...


 

На 24 септември, во кафе-книжарницата „Буква“ се случи настанот „Отскочна даска“ како преднастан на 3. Скопски поетски фестивал. Тоа е настан за млади поети и поетеси каде што тие се претставуваат со свои песни, а потоа сите учесници одбираат еден поет/поетеса кои ќе ги претставува на главната вечер на Скопскиот поетски фестивал.


Годинава, 15-те учесници на „Отскочна даска“ ја избраа младата поетеса Дарија Јовановска. Таа е родена во 2004 г. во Скопје. Моментално ги започнува своите студии на Филолошки факултет „Блаже Конески” на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Има издадено збирка поезија „Мост”.

133 views
bottom of page