top of page

Поезија од Емануела Ковачевска Китановска

Writer: Култура βКултура β

Ветерна


Капки старо злато меѓу нашите прсти,

долго ги барав твоите очи,

но никаде не успеав да го најдам тоа што гледа низ нив.


Каде ја носиш водата од езерото

- кога во твоите ребра има простор?


Како што рече еден поет

колку повеќе се откриваш

толку помалку те познавам,

како капки старо злато меѓу нашите прсти.


Првиот зрак секогаш паѓа на нашата ветерница,

околу чемпреси,

саноќ чемреам

ветерна.



Хотел ,,Бристол”


Внатре птиците спијат на пердувести перници,

легнувам пред твоите порти

да не го нарушам нивниот сон.


Ајде слушај, слушај,


пеам приспивна за тебе,

паѓа денот на уличните светилки


ете така

смртта живее

подолго

од живиот.


 

Емануела Ковачевска Китановска е родена на 05.02.2002 г. Студира психологија на МИТ Универзитет во Скопје. Автор е на стихозбирката „Кожена душа“ (без ISBN) за која ја освои наградата „Антев часовник“ во 2019 година на манифестацијата „Антево перо“.


Со ракописот „Второ детство“ влезе во најтесен избор за наградата „Антев часовник“ за 2023 г., што се доделува на нови млади талентирани поети што творат на македонски јазик, на манифестацијата „Антево перо“.


Добитничка е на наградата „Најмлада поетска искра“ на Меѓународниот фестивал „Литературни Искри“ во 2019 година во Гостивар. Нејзините песни се застапени во неколку антологии и има објавувано текстови во списанието „Современост“ во рубриката „Sвезди и Протези“. Има учествувано на работилници, поетски читања и фестивали, меѓу кои се: Астални Проекции, Поетска ноќ во Велестово, Скопски поетски фестивал, Коронијалс, МТФ “Војдан Чернодрински”.


Во соработка со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во рамки на кампањата „Читаме современи автори“, беше модератор на некои од читателските клубови. Пишува проза, дел од расказите ѝ се застапени во збирката „Мали приказни за Скопје“ (Скопје: Просветно Дело, 2019). Ко – основачка е на независниот проект – “Камера Обскура” кој ги истражува македонските поетеси низ историјата па досега.


Се занимава со театар и драматургија, има напишано и изведено две монодрами „Драг Вардар“ во МКЦ и „Sвездан“ во Домот на Култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Учи француски јазик и свири на мандолина.


Commenti


bottom of page