Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младиот поет Методија Тасевски кој беше еден од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.
Тој за себе вели: „Се викам Методија Тасевски. Речиси цели 18 години живеам (во последно време само пробувам да живеам) во градот кој сè повеќе умира – Скопје, каде што сум и роден. Учам во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, во (двете) општествено-хуманистички насоки. Јас не творам „од раѓање“, „откога знам за себе“ или „од прво одделение“, а после една мошне досадна и вообичаена, но по сè изгледа значајна животна партија: од првата „љубов“, воедно и „неуспешна“, на преминот од прва кон втора година од средното образование. Првенствено пишував на српски јазик (поради увозникот на новото чувство во мојот тенок каталог на чувства), продолжив на латински јазик (мојот сакан простор на истражување и бегство), но сè почесто стихувам на македонски јазик, сепак не заборавајќи ги двете погорни егзотики. Ги стихувам дождот и сонот, музата, новото, старото и разочараноста од старото (или и новото), белешките за и според луѓе, но и ангажираните теми. Учествував во една креативна работилница која очекуваме дека скоро ќе добие книжна збирка. Ова би ми било прво учество на поетски натпревар.“
Радост е што не сум толкав поет
На Кочо Рацин
Дали и кога јас ќе умрам
некој насилно ќе влезе во мојот дом
да ги пребара сите мои списи и записи
и најмали ливченца со некакво значење -
субјективно и грозно,
за во музеј,
а црнината на моите дома
ќе биде задржана во мирност од униформите
дур трае тоа дивеење над нашите коски
и дали тие смртници ќе излезат од мојот дом
исто толку насилно како што влегле
за да се вратат во нивниот музеј на смртта и насилството,
а моите дома едвај ќе го собираат растуреното
ќе клекнат да се гушнат и да плачат?
Радост е што не сум
толкав поет.
За стариот нотес
По Конески
Повторно го отворам стариот црвен нотес
со црвено ластиче на работ
кое не успеа да ги зачува
сите таму некогаш напишани чувства.
Го наоѓам првиот стих
напишан на јазикот тогаш - и често,
до многу скоро - љубен.
Гледам.
Читам.
Ред по ред.
Тогаш чувства, сега број,
вкупно педесет и некој,
тогаш жар и вистина
сега мртовечка досада!
Сал' по некој стих е толку вреден
да се извади од тоа ѓубре и празнотија
исто, ама баш исто како оваа
на него реминисценција.
Comments