Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да ги прочитате двете песни на младата поетеса Софија Добревска која беше една од петте финалисти на втората „Отскочна даска“.
Софија Добревска (2005, Скопје), средношколка во СУГС „Орце Николов“ - Скопје.
На десет годишна возраст станува дел од Детската Радио Драма на МРТВ, земајќи учество во детски емисии и емисии со синхронизација. Повеќе од шест години се занимава со актерска игра и станува дел од две претстави во Македонскиот народен театар: „Нашата љубов“ (2019) и „За нашиот Горан“ (2022). Својата прва улога ја добива во тинејџерската серија „Гласна куќа“ (2019). Има учествувано на настани и работилници за креативно пишување, меѓу кои „Орцашка вечер на поезијата“ (2022, 2023) и „Рацинови средби“ (2023).
1.
Метеж од идеи,
од мислења,
од размислувања.
Метеж во кој се судираат прашањата
Како и Зошто,
со одговор точен
само доколку е свој.
Збунета сум,
како првиот пат кога дознав дека
облеката што ја носам не ми дава топлина
туку само го спречува нејзиното оддавање во собата.
Збунета, затоа што откривам нов свет.
Околу нас рамки,
но ние сме надвор од нив.
Ние сме круг.
Излегуваш од дома
и кругот се шири
и светот станува поголем
и атмосферата понепријатна,
но во поголем простор полесно се дише.
Ние сме круг,
му противречиме на бремето
што го носиме со нас
многу пред нашето раѓање.
Метеж од идеи.
Мисли.
Размислувања.
Метеж што се слуша само во отсуство на гласот.
Метеж создаден од градот.
Дали за да заминеш
пронајде причина
или изговор?
2.
Во езерото едно кајче плови
и го попречува видикот
токму таму каде се допираат две синила.
Се ниша лево-десно, како глуварче
и не знаеш што е понемирно,
езерото или кајчето?
Кој кому му го нарушува мирот
со своето присуство?
Кое од нив ми го одзема здивот?
Во езерото едно кајче плови,
а во него – ти
среде сето мое размислување.
Comments