Поезија од Софија Тодороска
- Култура β

- Sep 11
- 2 min read
Кор
Ја гледам својата срцевина
како плашливо се отвора
како разболен залисток
пред страшната совест
пред големината на твоето придвижување-
крв сум што истекува,
се повлекува пред тесната порта,
нема место да замине чиста
во твојата прегратка.
Денот на мрмотот
Одбери ден и место
и почекај ме-
поседи малку подолго
да го видиме истото изгрејсонце двапати
без да треба да се привикнеме
на новиот агол на станувањето;
само уште едно утро
исто како вчерашното
да си речеме
барем еднаш сигурно -тие сме
Нека почека дождот
што ги одмива познатите нишки
и секојдневно ја игра истата сурова игра:
ми го поттрга неосетно столчето пред да седнам
и некако ме затекнува секогаш неспремна;
Одбери време и место
да бидеме нешто веќе познато-
само уште едно исто изгрејсонце,
да ги доброиме облаците
за кои не сме имале доволно време.
Назад
Ветив дека нема да се вратам
како ѕвездочитец
кој ја знае природата на своите пророштва:
има нешто гревовно во нивниот шепот
и сепак често бидуваат точни.
Тешко ми е да видам колку се туѓи
реките на мојот дом
и колку бргу тој заминува
на друго недостижно место.
Ги испраќам бродовите
со црни и бели едра
да им кажат на ѕвездите
дали сум сè уште жива
во мигот на нивното пристигање.
Софија Тодороска е родена во Скопје, 2003 година. Автор е на две стихозбирки „Бубамари и бели ради“ (2020, самостојно издание) и „Круг на права линија“ (2022, Сивеан). Во периодот помеѓу 2021 и 2023 година беше активен член во „Култура Бета“, водејќи ги рубриките „Предлог книга на неделата“ и „Бисери - избор и етиологија на македонски архаизми“. Беше дописник во рубриката “Ѕвезди и протези“ во литературното списание „Современост“ во 2022 година. Нејзини песни се застапени во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, (прир. Јулијана Величковска и Славе Ѓорго Димоски, 2023, Поетска ноќ во Велестово) и „Новото раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова - Чепишевска и Иван Антоновски, 2023, ПНВ Публикации). Има учествувано и била организатор на повеќе литературни настани. Моментално е студент во четврта година на медицинскиот факултет во Скопје, отсек Општа медицина.




Comments