top of page

Поезија од Вероника Димоска

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Sep 2
  • 2 min read

I

Ерос и Танатос

Посреде бос,

Јас и мојот кренат нос.


Влечен сум, слечен,

Врзан на поводник,

Усрамен поборник.


Голотијата не е под руво, 

Туку шепнатото во уво,

Не со зборови, туку во нема глувост.


Меѓу испотените тела, 

Збрчканите чела, 

Запалените села. 


Низ пепелот, 

Димницата, 

Препелица птица. 


Одврзи ме, 

Врзи се, 

Одврзи се, 

Врзи ме

Иста е таа стега, 

Газени од крвава нога, 

Пред која те сретнав, 

Под која лежам, 

Иста е таа земја, 

По која чекориш, 

Врз која тежам. 


Бодликава жица и ореол, 

Бело знаме и жезол. 


Се пресликуваме, 

Флертуваме,

Едно значење 

Бидуваме - 

Бог и јагнето што го жртвуваме.



II

Да можам болката 

Да ти ја земам,

Бол да станам,

Да можам раната 

Да ти ја целам,

Себе да ранам,

Да можам тагата,

Да ти ја поделам,

Тебе да бранам.


Молитвено барам,

Скромно место, само често,

Таму да те кријам,

Во љубов да те мијам,

Да гледам како зракот се раѓа во твојата шареница,

Центарот на светот во твоја зеница, 

Пред тебе јас две сум, твоја рамноденица.


Се бркаме по работ,

Подражаваме безгрижност,

Бестрашниот ти и бесрамната јас,

Се сретнуваме на овој мост.


Некогаш полесно е да леташ,

Само рашири крилја и при мене тргни,

Слушни, дојди да се скриеме, 

Гледаш чекорат сите, живи се, а мртви.


Себично повикувам,

 Живост разликувам,

Дојди, спокој наликувам,

При тебе бликнувам.



III

Лупени

До срцевината,

Голтнати

Од небиднината.


Сите сме ние овде

Жртви,

Живи сме,

Но се преправаме

Мртви.


Празни,

Издлабени,

Од молци изедени,

Тивки,

Молчаливи

Од времето избледени.


Вештачки

Цвеќиња

Трепки

Интелигенција, 

Снег

Коса

Компетенција. 


Лажни 

Метео прогнози

Грешно поставени

Психијатриски дијагнози.


Објасни им Боже, 

Не е лудост, убост е! 


Постам 

Живеам на апсолутни вистини

За да простам

Да достигнам духовни висини


И чекор - чекор - чекорам

Пази тука прекор, да го опчекорам, 

Да не се, да не те прекорам


Немам време ни пари

Ни здравје ни цигари


Имам само желби,

Бели дробови бескапацитетни, 

Неостварени обврски, 

Субјективно приоритетни.


Пишувам белешки, 

Да купам:

Цигари, 

Запалка, 

Жив пламен. 


Да изгори 

Тутунот, 

Филтерот, 

Прстите, 

Усните, 

Битието,

Преданието, 

Зданието, 

Созданието. 


Ќе те изедам свету, 

Пред да ме голтнеш, 

Ти се ронам низ заби, 

Нагризувам непце, 

Жилавост е моето телце.


ree

Вероника Димоска е родена во 2001 година во Струга и е студентка на Институтот за  психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Има учествувано на поетски настани и читања, меѓу кои се „Отскочна даска“, „Струшки вечери на поезијата“, „Поетски слем Македонија“ и други локални и национални иницијативи. Има издадено една поетска збирка под наслов „Пркосни расписи“. Во 2025 година ја добива награда „Антев часовник“ за необјавена збирка од млад автор што ја доделува Меѓународната поетска манифестиција „Анте Поповски – Антево перо“.


Comments


bottom of page