top of page

Поезија за Скопје // По повод 60 години од скопскиот земјотрес

Writer's picture: Култура βКултура β

По повод 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес објавуваме избор песни од македонски и странски автори кои се посветени на земјотресот, на Скопје или на локации низ Скопје.


Боите на земјотресот

од Иван Џепароски (од „Град“, МИ-АН)


Тогаш страшен земіотрес

го кршеше Градот:

урнати куки и згради

и луѓе на пат кон свиреп сон.


Напукнати згради и

навалени куќи живееа

и по смртната болест.


Потем, линии водорамни

врз објектите се цртаа:

Зелени, жолти и црвени.

Најтешката, црвената, значеше:

да се урне, не е за живот!


Пред неколку години секојдневни

земјотреси го нишаа Градот:

таа пролет и тоа лето

исти силни бои се користеа

но сега во форма на енформел.


Беше ли тоа сеизмолошки обид

да се разурне идејата за еден белосветски и бел ботокс-барок?


 

Комуна Капиштец 2001

на Ј, К и Б

од Јулијана Величковска (од „Отворена книга“, ПНВ Публикации)


хартиени авиони

летаат

го преплавуваат воздухот


нечии гулаби

летаат низ нив

со криліа

од автомобилско масло

исцрнети


чаши турски чај

се тркалаат по подот

искршени


низ чадот

на ТВ гледаме

како сами од себе

се менуваат

44 канали


во глава ми ечи

How I wish, how I wish you were here

додека те бакнувам

меѓу секој залак

слатко од капини


зелениот вокмен лежи на подот

до подачалото

за електрична гитара

а во етер звук

од спарени

Махјонт фигури


на креветот:

ние

и лепенка со точка

предупредување!


во фрижидерот:

пари

мајонез

и кокосови колачиња


на подот

ѓубре

трошки

и срекни бубашваби


Мамо, прати ми кеш,

на дрога го потрошив,

мамо, мамо спаси ме!


Мама! Ууу...

не чисти го паркетот мамо,

не бели го

со мојата нова маица...

ууу…. ууу….


каде ја фрлија кажи ми, мамо

утробата од која се родив

заедно со туморот во неа

заедно со моите крајници

и крајниците на бато, мамо


наідов ново семејство, мамо

разделбата по втор пат

идентично болеше


моі космос се сега тие, мамо

а јас мала звезда

што само крај нив свети

само за нив трепери.


 

Најкратка песна за Скопје

од Гане Тодоровски (од „Скопјани“, Арс Ламина)


Зар едно зло

се вовлекло

во ова тло?


Зар еден јад

е изникнат

во овој град!


 

Земјотрес

од Влада Урошевиќ (од „333 песни“, Магор/МАНУ)


Длабоко долу куциот бог ги потковува огромните и слепи коњи-кртови

со нервозни ноздри со мазни бокови

ги потковува за некаде да ги испрати кому тоа на несрека кому на знамение ги тера ги гони низ темните ходници низ звучните лавиринти преполни одеци

низ густите облаци од сулфурна пареа низ гнездата во кои мермерните божици

несат јајца од малахит од кварц од опсидијан

но коњите нејќат вискаат се противат подземјето се полни со недоразбирања со караници со пцости и со чкрипоти

коњите се тргаат постодано се враќаат тердоглаво одбиваат да се покорат

бегаат безглаво низ темнината

не сакаат да излезат здивено клоцаат

но и кога би излегле на денска светлина пред блескавата сина плоча на морето не би знаеле на каде да се упатат

така црни така слепи така крвави

кому тоа страшна порака да однесат така бесни така грозно несмасни низ визби низ скали низ камени мостови

јурат се судруваат рушат се спрепнуваат

без да се успокојат без да можат да се вразумат

се кршат по нив столбови од палатите

храмовите се веднат кулите паѓаат

се шири паниката низ долните светови божиците врескаат на своите легала

си ги корнат косите колнат избезумено

богот-ковач ги фрла своите чекани наковалната му се распукала на половина

и додека татнежот се гласи сѐ подолу и подолу

уште треперат од ужас подземните езера.


 

Скопска ситуација

од Васил Ханџиски (од „Сложувалка“, ПНВ Публикации)


Град полн евтини кафеани

во кои се водат бизниси

и се изневерува.

Парите поважни од искрените пријателства.


Град полн големи трговски центри

каде што се купува сѐ

за да се сокрие сопствената несреќа и несигурност.

Редици за да се искористи уште еден новогодишен попуст.


Град полн паркови

со претепани малолетници, а малолетничките силувани.

Место каде што згаснува детската невиност.


Град полн спортски терени

на кои 10-годишните деца губат секаква надеж за спорт.


Град полн театри

во кои лугето плукаат по актерите.

И бараат само комедии.


Град претворен во казино

во кое лугето за коцкаат и последната надеж.

Измамени од бесплатен алкохол и убави девоіки

го вложуваат и тоа што го немаат.


Град полн гранапчина

ограбувани од малолетни деликвенти.

Полиците полни намирници

цебовите празни како на скитници.


Град полн училишта

за неписмени генерации.


Град полн болници

но докторите се веке во Германија.

Објекти од седумдесеттите и таму застанати

чекаат да ги доголта времето.


Град полн политичари

под различни знамина,

но со исти лаги.


Градот на солидарноста

што стана бездушен!


 

Скопски блуз

од Имануел Мифсуд (од „Скопски блуз и други песни од Македонија“, Академски печат)


Убеден сум: штом не те видов денес, никогаш повеќе не ќе те видам.

Небото се смрачи. Заминувам.

Можеби еден ден ке ти пратам своја фотографија.

Можеби испечатените очи

ќе ја назрат онаа што ја криеш во себе.


 

Скопје тоне во жешка кома

од Ана Голејшка Џикова (од „Напишан дом“, Антолог)


Скопје тоне во жешка кома,

никој не ги чека весниците со сласт,

Шприцерот се меша за да ги олади гревовите

Асфалтот гори од незауздана страст.


Во месарниците, срцата се најкрваво изложени пред очите на минувачите

Немојте, си велам

додека гледам

како боси по крвта на овоз град пешачите.


Морето овде е силна фатаморгана пиркането ветре е за да се најдеш во муабет

Чашката ракиа е продолжена рака на ноќта

Некој истури корпа сништа

од небово без марифет.


Си седам така на балкон,

комарците играат комар и се оближуваат.

Што сме ние, граду мој сиров

Освен оган и вода што се доближуваат?


 

Скопје ќе се налутеше

од Андреј Медиќ Лазаревски (од „Беседење со неа“, Дата Песнопој)


Еднаш сон сонив

дека сум заминал со воз да те напуштам

сонот како да беше едвај сонлив,

беше покорлив,

изморлив,

сон - убиство беше.

Чувството дека заминав со воз од тебе беше допадливо

впрочем и се замислив дали навистина да заминам

но, знам дека Скопје ќе се налутеше

ти ќе тргнеше по мене,

а jac ќе се вратев

и можеби некако ќе се спасев.


Сонив сон еден еднаш

дека сум заминал со воз во непознат правец

сонот беше храбар, едваз реално остварлив

беше уморувачки,

сон - збунувачки

чувството дека заминав без да ме видиш беше допадливо

дури и колебливо се запрашав дали да исчезнам сега

но, знам дека сам на себе ќе се налутев.


 

Индијанска јанѕа за една уличка во Маџир Маало

од Васко Марковски (од „Скопски улици“, Бегемот)


Требаше да те сликам порано,

Пред да се смени саатот,

Пред да се појави јакото сонце,

Наутро, кога поминувам од кај тебе.

Зашто, еден ден, можеби

Ке се поават насилници,

И ке ме пречекаш опколена со тараби,

Зад кои напрвин ќе исчезнат дрвјата,

Зачувана да тлееш уште малку

Во треперенето на срцето

Што ветрее.


 

Крстот на Водно

од Ернесто Ередеро дел Кампо (од „Македонски погледи“, ПНВ Публикации)


Сакаше судбината да живеам

во куќа на планина

во подножјето на Водно.


Човечка и достапна планина,

создадена од домашна убавина,

тукуречи мала

како дневна соба на една куќа,

или гест меѓу пријатели.


Урбана шума,

неуредна,

за разлика од тие други македонски планини

со вонземско лице

како Галичник

или Маркови Кули.


Рацете на оваа планина

ми го покриваат домот во зимските ноќи

но и во летните, иако можеби не изгледа така.


Некогаш меѓу камењата сум барал полжави со син ми

и некои утра ѝ дозволив на маглата да ми го бакнува челото,

заскитан среде нејзините патеки.


И таму, на вратата од куќата,

од куќата каде што таа ме чекаше,

во тесната улица,


се молев додека ме набљудуваа мачките што живеат наоколу.


Да се зграби последниот миг,

моментот на благодатта.


Заборавот е најдоброто нешто,

честопати медитирам на тврдото тло.


Доаѓам од уништена пустелија

што изобилува со простор за дишење.

Наздравувам за луѓето што не ја губат лесно самодовербата,

нив ги чека најдоброто зашто не се борат против смртта.


И вечерва прегрнав некого за да не ми е ладно.

Кому да го дадам мојот зимски бакнеж?

Никому, само на валканиот скопски воздух.


 

Скопска магла

од Александра Спасеска


кој ги искриви твоите улици

за моето доаѓање?


расонета,

несонета,

девојка-сон

со згазени калинки

на дупнатите ѓонови


кој прв ми понуди грст надежи

и ме турна во твоите прегратки

граду, дете на љубовта,

град за љубење,

нељубен,

кој прв остави на мостот камен воздишки?


ти спиеш, љубовнику,

ме оставаш расоблечена,

со шминка размачкана,

нерамномерно дишење

во магливите утра

и здив на кафе по калдрмата.


јас те љубев,

ти се враќав,


ти ме земаше,

јас те имав,


ти ме сликаше

во сите бои и насмевки,

сите солзи растечени

по твоите улици

со првите сончеви зраци

на недораснатите утра

и нашите кревки години.


кој прв ја отвори устата

за бакнеж со вкус на калинка,

кој ја отвори портата

на незнајни радости,

музиката на нашите чекори

во глувите ноќи низ чаршија,

кој прв ја крена чашата

да наздрави за младоста,


овошка распукана на твоето врело сонце,

овошка изгниена на твоите валкани улици.


се надевав

не ќе те заљубам,

се надевав,

не ќе те изгубам

во маглите на нашата

залудна љубов заблудна,

се надевав,

не ќе се изгубам.


кој ги искриви твоите улици

за моето доаѓање,

драго Скопје,

кога ќе ни се крене маглата од душите?

Comentários


bottom of page