Полна месечина, млада месечина: Поезија од Анисија Ангел (Романија)
- Култура β
- 27 minutes ago
- 4 min read
глуварче
понекогаш
чувствував дека нешто е погрешно
со мене
понекогаш
чувствував дека сета твоја љубов
е само глуварче
кое ќе се расфрла низ ветрот
во моментот кога ќе посакам желба
а јас не верував во желби
верував во љубовта
како ѕид на дом
што треба да се ѕида
цигла по цигла
верував во љубовта
како на песна
што треба да се пишува
стих по стих
верував во љубовта
како на јазик
што треба да се учи
збор по збор
за да не се расфрла на ветрот сè
како глуварче
сепак ти никогаш
не ми посака
ни цигли ни стихови
ниту пак зборови
а јас како вечна ученичка
научив да знам и да правам сè –
освен да бидам глуварче
сега не знам
што да направам
со сите овие зборови
кои ги научив
некогаш
само знам доволно
за песнава да постои
засекогаш
и знам дека конечно, само еднаш
нема да треба
да ме преведуваш
на една машина
која ќе ми ја краде
длабочината
сега знам
дека глуварчињата
се посилни од
сите зборови -
тие знаат кај да растат
секоја пролет
одново и повеќе
дозволи ми да научам
некогаш
да бидам глуварче
вечна ученичка сум
можам да научам сè
[за]секогаш
полна месечина, млада месечина
те запознав на полна месечина
стрела максимално истегната меѓу зајдисонцето и изгрејсонцето
ми изгреа од морето
за да ми го парализираш прстот
прстот изгорен од ориз
прстот потцапнат од танцување
прстот пресечен од карпата
таму ти удри
ти или друг митски лудак?
гледаме еден во друг
со стрелите максимално истегнати
мораш да направиш избор
мораш да оставиш нешто позади
кога заминуваш на ново патување
до млада месечина.
го запознав на млада месечина
тој е угасната сијалица пред спиење
ни блескаат само очите кога се смееме под јорган
ми изгреа од морето
за да ми ги осветлува чекорите на мостот
со неговите очи
на мостот што ги поврзува стотината километри
и што значи ова
кога сепак преземаме одговорност за да се вљубиме
за да се оддалечуваме од себеси
за да бидеме поблиску
еден до друг
тоа е намерата
ајде да го смислиме планот
до полна месечина.
***
ако измислеа јазик на кој ќе можев да ги изразам сите мои метафори слободно, онака како што ми доаѓаат, без страв
дека нема да ме разбереш
дека ќе ме осудиш
дека нема да ти се допаѓам повеќе
дека нема да ми се поклониш
ја бакнувам земјата по која чекориш
ова се зборови што очекувам да ги слушнам од секој друг
освен тебе
и дури ако тој јазик постоеше
немаше да биде многу корисен
не си човек од збор, би ми се јавил
и би седел молчејќи
додека еден од нас не се насмее, а другиот каже ‘еј’
те молам секогаш биди прв што ќе се насмее
кога те гледам како се смееш ги подголтнувам сите мои зборови
и не ми останува ништо друго освен да ти се насмевнам
знаеш понекогаш
сакам да те смалам и да те ставам в џеб
да те понесам дома и да ти ја покажам собата
или дури да те направам толку мал што би влегол во коморите на моето срце
за да ме запознаеш онаква каква што сум, вивисекција и дисекција, студија на случај без да треба да објаснувам ништо
не затоа што не сакам, би зборувала без престан
ама јазикот ми се заглави
во грлото
и знам
имам толку голема душа и не можам да очекувам од тебе да ја изодиш целата така брзо
и знам
добродушен си и не се наоѓаат вакви луѓе повеќе
тие те бакнуваат во челото, те покриваат и си заминуваат
ти не ме бакнуваш ама ако ја ставиш раката на мојата гола половина
ми ја прибереш кошулата
и го тргнеш ќебето за да ме покриеш
јагненце од балканот
големата мечка блеска над Костурницата
кога ќе ги извадам очилата и ќе погледнам во небото се чувствувам
како двоглаво јагне
astigmatismus dei
фала му на Бога што ме вози во количката.
се раѓам со секој нов збор што ќе го научам
и умирам по малку со секоја ѕвезда што паѓа од сводот
јас сум јагненцето од балканот и никаков лав не ќе ме изеде
на крајот од една темна алеја
една мачка се омачи,
и три девојчиња ги мијат крвавите мачиња со најгазираната вода на пазарот
ги бришат со салфетки од терасата
ги вознесуваат за да ми ги покажат:
јас го допирам со раката чудото на животот
и чувствувам дека вдишувам,
за првпат.
ако бев земја
ако бев земја ќе бев само Романија
се нишам меѓу двете страни на историјата
пасивна сум и ја бирам подобрата дури по една година предизвикувачки настани
на што сум мислела во меѓувреме? немам појма
потоа се сожалувам и ја менувам приказната
и ги разочарувам сите што веруваа во мене
ако бев земја ќе бев само Романија
единствената курва што мораше да крвари на смената на режимот
1116 пати
зашто се тресеше од страв пред еден лудак
а потоа чудесно се извлече од диктатурата
ја зеде секоја форма на демократијата здраво за готово
ако бев земја ќе бев само Романија
преполна сум со претенциозни стихови без уметнички сјај
и со препаметни крстозборки
за кои малку луѓе имаат ќеф да си ја чукаат главата
тука кај нас дома
тука кај нас дома
ѕидовите уште се црвени и расте грозје низ циглите
тука кај нас дома
црешите се толку големи и сочни што ги кршат гранките а ние седиме со нозете во гипс увис
тука кај нас дома
полно е со игриви и погребани кучиња и мачиња
тука кај нас дома
погребаните мачиња го драскаат платнениот покрив
тука кај нас дома
врне само од таванот во кофите
тука кај нас дома
марија мерцедес раскинува со керем и се мажи со штефан баника јуниор (им направивме венчавка тука кај нас дома во гаражата)
тука кај нас дома
го читаме маркес цело лето на лежалката и играме tag yourself со ликовите
тука кај нас дома
вреќите за спиење чекаат закачени пред стартната линија готови и спремни да тргнат
тука кај нас дома
живееме во временска рамка и имаме и десет и петнаесет и триесет и шеесет години
тука кај нас дома
ние баш и не зборуваме повеќе
од тука од кај нас дома
само сакаме да заминеме
Комментарии