P.S. Знам дека насловот звучи на реклама за марихуана.
Пред еден месец бев на претстава каде главниот лик имаше аутизам и се отсликуваа сите сфери на неговиот живот. Како се справува со брчењето на правосмукалката и со поминувањето на улицата. Како се справува со константното бомбардирање со информации моментот кога ќе ги отвориш очите. Тој е закочен и парализиран од сите знаци, симболи и цени што ги гледа. „Купете го нашиот продукт, тој е најдобар!”, „Забрането пушење!”, додатно брчење од колите, “Забрането пушење”, “Ве молиме застанете зад жолтата линија!”. И него го фаќа паника, голема паника, затоа што тој не може да ги испроцесира сите информации и седнува на земја, стуткан во ќош и плаче. Мислам дека ние имаме повеќе сличности отколку разлики со малиот Кристофер.
Неретка е појавата некој да рече дека има AHDH или дека мозокот му е спржен од Тик-Ток. Дека порано имал поголемо внимание, читал книги, а сега не може да води разговор без да го погледне телефонот. Со часови и часови думскрола на својот телефон гледајќи тотално бескорисни работи кои никогаш не го интересирале и нема ни да го интересираат. Константно конзумира информации без да ги протолкува. Информации кои се џвакани,џвакани, џвакани и не наликуваат на ништо. И ништо не добива од нив. Како вода врват низ него и не оставаат некаква трајна трага. Не велам дека не можеш да научиш некој убав рецепт или корисна информација, ама колку многу Take it or Double it to the next person видеа ќе треба да изгледаш за да го откопаш тоа? И колку мета критики ќе треба да се критикуваат за да најдеш нешто корисно? Па, многу време треба, затоа и се думскрола по цели денови, во потрага на нешто корисно, во потрага по грам автентичност во свет на масовно производство.
Вниманието на луѓето драстично опаѓа, порано доколку сте сакале да му го задржите вниманието на некого ќе сте гестекулирале, ќе сте мавтале со рацете, ќе сте правеле звуци. И тоа за тие времиња, за тие медиуми, успевало затоа што не било исцицано до бескрај и сепак си ја исполнувало целта. Но, со текот на време се менуваат медиумите и се менуваат самите начини како се користат. Сега имате помалку од една секунда да го фатите вниманието на другата личност затоа што ќе ве мавне со прстот и толку, вие сте губитник. И затоа за да си ги подобрите шансите ќе направите нешто драстично на самиот почеток, ќе направите „кликбејт“, намерно ќе се исечете за да не ве слушне точно што кажавте и ќе мора да чека цело видео да сврти за да ја слушне пораката, а со тоа добивате прегледи. Ќе вметнете нешто апсурдно што ќе го изненади гледачот и зошто да не одиме еден чекор потаму, зошто не внесете непредвидливи исечоци низ целото видео за константно да му го држите вниманието. Зборувајте екстремно брзо, цело време менувајте ја камерата и перспективата и вметнувајте звучни ефекти. Сите овие работи сами по себе не се лоши, баш напротив, содржински го збогатуваат нештото, му додаваат свој шарм, свој шмек, свој штил (да, намерно напишав штил за да видам дали сте фокусирани, назад со колумната), но самиот фактор дека вие активно водите војна за вниманието на луѓето и сте во трка до дното против цел систем чија намера е да те задржи повеќе време за да ти продава реклами не води кон здрави резултати.
Често се спомнува дека треба да се најдеш во средина каде ќе бидеш стимулиран, каде ќе бидеш продуктивен, но тоа не се добива со премногу стимулација. Баш напротив, ние како суштества не сме направени да бидеме константно стимулирани. Ако сте преплавени, вие ништо автентично не можете да осмислите. Претходно ви е потребна некаква стимулација, но потоа потребна ви е досада, потребен ви е мир, бело платно врз кое ќе цртате и шарате со вашите идеи. Вака се убива индивидуата и имагинацијата и сте направени во канта за информации.
Ѓубре-берачи на бескорисни информации.
И дали се квалитетни другите медиуми?
Краткиот одговор е не, но ајде да образложиме.
На почетокот кога се појави „Нетфликс“ беше вистински феномен. Да можеш сите филмови и серии да ги гледаш на едно место без да мораш да пиратираш и да скролаш по торенти?!? Добро, плаќаш мала сума што ја делиш заедно со другарите, ама реално вредеше да дадеш стотка, две месецот за да ги имаш во секој момент на располагање. Ама сега не е баш таква ситуацијата. Сега сѐ помалку ги има тие филмови и серии што сакаш да ги гледаш. Одлетаа на други платформи или ги раскинаа своите договори. Ако веќе ги имате тие изгледано и немате повеќе што, „Нетфликс“ има решение, нивните автентични серии што ги произведува секоја година. Да, имаат некои бисери, но воглавно нивниот репертоар се повторува и е предвидлив. Не зборувам за исполнување на квоти, туку дека самите продукции немаат никаков идентитет. Сите наликуваат едни на други. Ги користат истите филтри, истите камери, истите глумци и цело време се чувствувате како да гледате еден непрекинат серијал, само од друга перспектива. „Нетфликс“ не се единствените грешници во однос на ова. Уште полош пример се „Марвел“ и нивните продукции. Филмовите им се едната единствена приказна, само нашминкана и намачкана со бел и розев филтер. Легендарниот директор Мартин Скорсезе самиот ги нарекува луна паркови, а не филмови. Филмовите не те мавнуваат. Не ти поттикнуваат некои подлабоки емоции или некакви реакции. Вие ја допирате површината и адреналинот додека се возите на луна паркот, но не излегувате променети после неговото гледање. Единствениот длабок или сив лик во нивните филмови е Танос, сите други се црно-бели. Веднаш знаете што е приказната и како ќе заврши. Филмовите се истражувани, тестирани и направени во продукти и се произведуваат за да ја хранат машината, не се произведуваат бидејќи се добри филмови. Кога беше последен пат да ве изненади некој филм на некој режисер што е дел од ваквото масовно холивудско производство?
Цитирам Isaac Wood - References, references, references
И не само тоа што немаат никаква приказна или содржина самите филмови, намерно се составени и пренатрупани со референци на други дела, не за да оддадат почит или да покажат дека тоа било инспирација, туку затоа што нема што друго да ви даде. Константно ќе спомнува нешто што било релевантно, небитно дали пред брзо или во минатото и ве поробува со носталгијата и пробува да ве залаже дека уживате во филмот, а всушност вие уживате во сеќавањата. Колку многу Fast and Furious филмови треба да излезат за режисерот да ја докаже својата приказна? Како човек што нема гледано ниеден филм од нив сигурно верувам дека неговиот план не бил 10. Со ова се нарушува квалитетот и интегритетот на првичните филмови. Оставете ги и бидете оригинални. Бидете храбри и автентични, а не да влегувате во некој одреден успешен, но предвидлив калап. Така нема да има растење. Самиот сум запознаен дека лош наслов е еднакво на непрочитана колумна, но сепак експериментирам и сакам да растам. Сакам да се менувам.
Како за крај сакам да ви поставам прашање. Кога последно се случи нешто што прочитавте на интернет или видовте на филм да ве допре? Кога навистина ве допре?
Сакаш да си оригинален
Во општество на масовно производство?
Со среќа, нема да успееш.
Се е веќе кажано и прераскажано.
Се е производ.
Дури и оваа песна.
P.S. Делумно сум саркастичен во песната.
Comments