Автор: Ташко Георгиевски
Година на издавање: 1966
Жанр: роман
Осврт:
Ташко Георгиевски припаѓа на плеадата основоположници на современата македонска проза, поставувајќи ги темелите на повоениот македонски расказ, со што посегнува по текот на светското современие на дваесеттиот век.
Неговите мотивски корени се пронаоѓаат во народниот бит под осојот на бремето кое станува негов неодделен образ. Како што ќе забележи академик Раде Силјан, во своите прозни дела, авторот секогаш поаѓа од познати места, предели и судбини, од каде се истакнува документарноста како негов писателски приоритет.
„Црно семе“ својата тематска определба ја пронаоѓа во случувањата за време на граѓанската војна во Грција, непосредно по Втората светска војна, во чие премрежје се наоѓа македонскиот човек како жртва на историско- политичките околности и терор на Грчката тиранија во Егејскиот дел на Македонија. Овој мотив е карактеристичен за творештвото на Георгиевски, исходен од раното детство на авторот кој ја воведува Егејската тема во современата македонска проза.
Творечкиот наратив на авторот се сообразува со тогаш современиот светски тренд на модернистички приказ на полифоничната структура на делото, претставена преку преплет на интроспективни и ретроспективни наративни елементи. Како што книжевната критика ќе забележи, темата на војната во прозата на Георгиевски честопати добива надреалистичен опис со што авторот целосно понира во микросветското и макросветското искуство на ликовите.
Идејата на романот е сконцентрирана во главните ликови на делото, Доне и Христос од Македонија, потпоручникот Маки и генералот Скалакумбакис, како и помалку фрекфентите појави на Егеецот Марко и студентот Парис како инкарнација на новата идеја која се спротивставува на монархистичкото управување.
Георгиевски дескриптивно пристапува кон описот на околностите во кои се наоѓаат македонските заробеници кои постануваат жртви на историскиот миг и народниот искон обременет со вечната сенка. Садизмот присутен во постапката на логорските управители, учествува во идејата за непосредно доловување на македонскиот непокор пред угнетувачите, воедно отелотворена во ликот на Доне. Неговата физичка особеност да биде роден без коса, е парадигнма на сенката присутна во прасликата на секој Македонец. Неговиот реципрочен одговор на психофизичките измачувања кои имаат за цел да го обезличат човекот кој постанува пион и странец за себе и за светот, говори за троскотната издржливост на народниот човек пред невремето кое го опишува неговиот искон.
Ликот на Христос силно се положува во психолошкиот семантички слој на романот, сведочејќи за личносната ерозија на долгото многувидно угнетување на човекот. Овој мотив кулминира во мигот кога Христос, немајќи го својот пријател при себе, несакајќи го предава своето родно место и неможејќи да го поднесе товарот на совеста, се оддава да биде распнат како Оној чие име го носи. Ваквата сообразба, веројатно повторно алудира на предодреденоста на народниот бит под сачот на вековните неприлики.
Претставниците на логорската управа ја симболизираат суровоста на окупаторскиот режим. Противположноста на двата света претставени преку угнетените и нивните мачители, постанува монументален портрет на небиднината во која е поставен Егејскиот Македонец.
Ташко Георгиевски учествува во изградбата на современиот македонски прозен литературен стожер, поставувајќи ја Егејската тема како творечка особеност, карактеристична за плеадата автори кои потекнуваат од јужниот дел на Македонија. Со тоа, тој активно го гради вечниот паметник на троскотната природа на својот народ, кој успева да го зачува својот идентитет низ многуте силно обременети столетија. Прифаќајќи го западниот модернистички, напати надреалистичен прозен израз, Георгиевски се приклучува на современата литературна струја и силно учествува во основоположувањето на повоената култура на младата држава во подем.
Цитати:
„Тоа прашање сакаше да му го постави Доне на високиот Христос, да го праша зошто трпиме ние, во чие име (...) И во мислите му се обраќаше на Христос (...) му велеше, слушај Христосе мој, ако си останам онаков, каков што ме пикнаа во првиот автомобил, те прашувам ако не потпишам и издржам, што ќе биде со мене? Христос не му одговори, беше изненаден, само му рече дека ќе останеш Доне“
„Доне со својата судбина се сретна во војнички автомобил, под дебела и тврда мушама со неодредена боја. Душата и снагата му беа пикнати во каки облека, во широка каки облека, па и снагата и душата лабаво му се вртеа во неа“
„Немаш право Христосе! Во што немам право? Значи тој мисли дека сите треба како него да постапуваме, да издржуваме. Ама како? Дење сонцето пржи, ноќе сонот не доаѓа, а околу е камен и зад каменот е вода до каде ти гледаат очите. Сето тоа заедно со Скалумбакис, потпоручникот Маки поставува само едно прашање – Зошто не потпишуваш? Потпиши и ќе те вратиме меѓу луѓето со сите човечки знаци, ќе те вратиме на рогозината на жената, крај очите на децата и на коските пак ќе ти потера месо!
Белешка за авторот:
Ташко Георгиевски е роден на на 15 март 1935 година во село Кронцелево близу Воден, во Егејска Македонија. Своето прекинато и уништено детство, во виорот на граѓанската војна и монархофашистичкото беснеење во Грција, заедно со илјадници македонски деца и со нивните семејства, го продолжува во бегство и емиграција. Од 1946 година живее во Југославија.
Завршува гимназија и студира на Филозофскиот факултет во Скопје.
Со литература почнува да се занимава во педесеттите години, соработувајќи со литературни творби во македонските весници и списанија. Во 1957 година, на 23 годишна возраст, ја објавува својата прва книга, расказите “Ние зад насипот”, со која ќе го сврти вниманието на литаратурната јавност и со која ќе си го пробие патот кон првите антологии на современата македонска проза.
Продолжувајќи ја својата плодна творечка дејност и постојано потврдувајќи ја својата белетристичка дарба воновите книги, тој ќе објави цела серија романи: “Луѓе и волци” – 1960, “Ѕидови” – 1962, “Црно семе’ – 1966, “Змиски ветер” – 1969, “Цвениот кољ” – 1975, “Време и молчење” – 1979, “Рамна земја” – 1981, како и збирките раскази “Суви ветрови” – 1964 и “Куќа под Калето” – 1978 (избор од претходните книги на раскази и дополнети со нови раскази). Својот белетристички опус Ташко Георгиевски го заокружува со пишување драмски текстови (радиодрами и телевизиски драми) и филмски сценарија (екранизација на раоманите “Црно семе” и “Црвениот кон”).
Ташко Георгиевски работел како новинар во “Млад борец” и како уредник во списанието “Современост” и Телевизија Скопје, Издавачката органиација “Мисла”, главен и одговорен уредник на Издавачката организација “Македонска книга”.
Ташко Георгиевски соработува во македонската литературна периодика и спаѓа во најпреведуваните македонски автори во земјата и во странство. Неговите романи досега се преведувани на српскохрватски, словенечки, германски, украински, унгарски, а неговите раскази се застапени во бројни антологии во земјата и во странство.
За своето литературно творештво Ташко Георгиевски е носител на повеќе награди, меѓу кои: “11 Октомври” – 1962 година, “Рациново признание” – 1978 година, “Стале Попов” – 1975 година, “Кочо Рацин” – 1957 и 1975 година, “13 Ноември – 1965 година.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 21 ноември 1983 година.
Починал на 11 април 2012 година.
Comentarios