top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Молитвени дискурси


Автор: Андреј Медиќ Лазаревски

Година на издавање: 2022

Жанр: Поезија

Осврт:

На 15ти април оваа година, во кафе-книжарницата „Буква“ се одржа промоцијата на стихозбирката „Молитвени дискурси“ на поетот Андреј Медиќ Лазаревски. Надоврзувајќи се на убавите впечатоци, денешното излагање го посветувам на делото кое беше промовирано.


Во своето второ поетско остварување насловено „Молитвени дискурси“ Андреј Медиќ Лазаервски поставува една нова контекстуализација на онтолошкиот елемент во поезијата. Преку теолошките мотиви ја издава тенденцијата на апсолутна философикација на исконските пориви на човекот кој пребива во својот метафизички облик едновремено искусен преку плотската сетилност и страствената љубов.


Песните содржани во збирката го создаваат циклусот на „обоготворување“ на музата, постанувајќи еднаква на битието, вечно, во својот почеток условен од својот крај, додавање на формата на Аристотеловото хиле како чист творечки потенцијал, а чистата форма се пронаоѓа во симболот на девојката, која во себе ги содржи постулатите на поетското живеење преку сетилните и надсетилните искуства.


Еросот е поставен како седржечки двигател на циклусот, најден во просторот каде се спојуваат светото и профаното, духовното и телесното, како една дихотомна целост која постои заради своите спротивности, онака како што стветлината се познава заради мракот, а мракот постои заради светлината која го условува неговото нестанување и неговото настанување.


Ваквата дуалност на едното е децидно видена во стиховите Јас и ти- свето- несвета дихотомија/ ти некогаш света, некогаш профана/ јас некогаш профан, некогаш свет/ двајцата спротивставени, различни, а исти, соединети/ се сплотуваме на крајот/ но нужни, секогаш, за религиско остварување на другиот. („Јас и ти- свето-несвета дихотомија“/стр.22)


Стилскиот и изразен стожер на севкупноста на делото забележува силно влијание на Византиската философија, како од терминолошки, така и од содржински аспект. Изделувајќи се од теолошкиот контекст, поетот повторно ја поставува љубовта на онтолошко рамниште, како апсолутна слобода и двигател на човековата целост, но не ја изделува од нејзината телесна компонента, туку ја поставува во еден духовно- плотски контекст најден во заедничарењето на две личности.


Во оваа нова митологија на оностраното, поетот ја објавува исконската естетика во процесот на вечното создавање од допирот на двете противположности- на она што е земно и она што е над земното- она што е свето и она што не е.


Својата нова контекстуализација на надземното поетот ја постаува во една универзална природа која ја истоветува човековата целост, изделувајќи се од религиозните или спротивно, единствено земните концепти со што ја претставува систематичноста на новата митологизација на севкупноста.


Одбрани стихови:

Бакнувам, значи сум

(Oscula do, ergo sum)

И кога јас веќе не сум кога мислам

јас сум кога бакнувам,

но јас не сум бидејќи не те бакнувам

а радо би сакал да сум

со бакнување- да сме!


И кога веќе не можам до тебе

рационално да мислам

јас радо би сакал да сум- бакнувајќи те

интуитивно да започнеме егзистенција

да сме есенција

бакната

спонтана

симултана

двострана

кога ќе се бакнеме- да сме!


И кога веќе не ми даваѓ

ниту да мислам

ниту да те бакнувам

ниту да мислам дека можам да те бакнам

јас исчезнувам

без бакнување- ние не сме!


И кога веќе јас не сум кога мислам

јас сум кога бакнувам

но Бог не можел да се бакне

па дал’ Бог е? Дал’ ти си?

Дал’ си бог или негова Муза?

Дал’ ние со бакнување ќе сме?


Белешка за авторот:

Според своите лични убедувања дека сè што прави во животот е резултат на некаква инспирација или вдах од некаква небесна или световна Муза, Андреј Медиќ Лазаревски себеси се определува како вдахновен (со љубов) човек. Еросот по метафизиката и вистината го носи до студиите по философија на Филозофскиот факултет при УКИМ, како и до активно учество во активностите на Филозофското друштво на Македонија. Преку ентусијазмот за уметноста, пак, заедно со тој за философијата, го прави дел од организацискиот тим на Филозофскиот филмски фестивал. Од вдахновената потреба да направи простор за ширење на младинската уметност ја основа неформалната организација за култура Култура β каде работи на интервјуа, поетската и философската рубрика. А од поривот за пишување – има објавено две статии во списанието Филозофска трибина, како и неговото поетско првенче Беседење со неа (2021, Дата Песнопој). Најголемата инспирација ја добива од луѓето близу него чиј вдах го вмрежува во стихови, го актуализира единствено преку прегратки, а го овековечува преку беседи. Ваквите беседи стануваат молитвени дискурси кои молат за нови вдахновенија. Инаку родум е од Скопје, а роден е на 14.4.2001.

165 views
bottom of page