Автор: Ташко Георгиевски
Година на издавање: 1970
Жанр: раскази
Осврт:
Неговите мотивски корени се пронаоѓаат во исконот на своето семе, исходејќи од битот на својот народ под осојот на бремето кое станува негов неодделен образ. Како што ќе забележи академик Раде Силјан, во своите прозни дела, авторот секогаш поаѓа од познати места, предели и судбини, од каде се истакнува документарноста како негов писателски приоритет.
Во прозниот опус на Георгиевски, како вечна понорница се провлекува споменот на своето рано детство минато во Егејскиот дел на Македонија, или она детство кое рано ќе го остави во домот кој ќе остане празен, да сведочи за суровиот прогон на Македонците од јужниот крај.
Осврнувајќи се кон расказите на Ташко Георгиевски, се забележува еден карактеристичен раскажувачки стил во креаторската постапка, својствен за младата современа македонска литература, кој не проникнува со исклучителна стилска индивидуалност, но соединува реалситички остатоци и помалку елементи од натурализмот. Ваквиот пристап, близок до светската модерна литература, како што ќе забележи македонскиот книжевен критичар и есеист Доне Пановски, се должи на фактот дека нашата литература е една од најмладите во современиот свет и е создавана во времето кога и во светската литература не се изделува некој одделен стил на изразување кои може да го дефинира конкретен правец.
Оние раскази кои говорат за војната имаат речиси надреалистички карактер при што интимните доживувања на војникот најден во своето страдание, врши едновремена интроспекција и ретроспекција, слеана со макросветското придвижување на сеопштата неприлика.
Модернистичката нишка во прозниот состав на Ташко Георгиевски силно се изразува во неговите уметнички настапи и води кон едно многусферно доживување на даденото дејство, кое според Пановски е пренесено со карактеристичните методи присутни во раскажувачката постапка на авторот кои се наоѓаат во две струи на современата раскажувачка уметност.
Имено, првата постапка изискува отворени граници на раскажувањето, метод познат уште како раскажување, односно роман- река, каде мислите и рефлексиите на јунаците, како и авторските дигресии насушни да се пресуди или да се дополни сеопштата слика се слеани во еден заеднички тек. Втората постапка непосредно се поврзува со првоименуваната и се наоѓа во ретроспективното живеење на ликовите доловено преку течен и интензивен наратив кој овозможува психолошко понирање во личноста на прозните јунаци.
Во своите раскази, Георгиевски изготвува синтеза на времепросторот со микросветот на ликовите, создавајќи амбиентален медиум кој се соединува со хиперсензибилната природа на истите.
Со својот особен мотивски стожер и маестрален творечки метод, Ташко Георгиевски создава вечен споменик на секој агол на своето време, најдено во исконот на Македонскиот народ, а повторно, овековечено во модерниот тек на современата литература која посегнува по денот кој го очекува новото утро и ги поставува темелите на современата македонска литература.
Цитати:
„Слушај, ти мора да ми дадеш една слика, немој да се смешкаш, тоа е многу важно. Ќе ја ставам во собата и ќе се сеќавам за тебе. Ти никогаш нема да ме заборавиш, а јас можеби ќе те заборавам, знаеш ли, можеби ќе те заборавам. Ми се чини дека сите оние што заминуваат во себе носат и заборав. Ќе одам многу далеку одовде надекаде во Централна Азија, во огранците на висорамнината Памир и ништо не ќе најдам што ќе ме потсети на тебе, а ти ќе одиш во бавчите и ќе се сетиш дека таму живеев јас, или ќе одиш на реката каде што секогаш се бањавме и пак ќе се сетиш. Мене ништо нема да ме потсети на тебе: ако не го дадеш овој пејзаж што ќе ме потсетува и на Вангел. Си ја сликал онаа врба.
(Од расказот „На речниот брег“)
„ Мажите што живеат во оваа зграда во самата квечерина излегуваат на балконите кон зајдисонце и со потпрени бради на топлиот малтер дозволуваат да се удават во нивните зеници, црвените рабови на планините: над нивните глави детските пелени жеднеат за вода, затоа што се премногу зажарени од црвената боја“
(Од расказот „Жени на дрвени столчиња“)
„Софијо, ќе ми помогнеш ли да го изнесам креветов надвор? Сам не ќе можам.- О, ветру, зар пак ќе го качиш на своите коњи?- Тој и Софија излегоа со креветот. Излегоа во ветрот. Таа рече наскоро ќе се вратам, зашто далеку некаде минуваа возови, а мажот и жената останаа во собата да чекаат. Слушнаа како во дворот лудува ветрот, како се граба со своите илјада раце за куќата, но не може да ја откорне. И молчеа. Долго молчеа. А кога Софија не се врати, реккоа во еден глас: Да си одиме, ветрот ја однесе!“
(Од расказот „Луди утрински коњи“)
Белешка за авторот:
Ташко Георгиевски е роден на на 15 март 1935 година во село Кронцелево близу Воден, во Егејска Македонија. Своето прекинато и уништено детство, во виорот на граѓанската војна и монархофашистичкото беснеење во Грција, заедно со илјадници македонски деца и со нивните семејства, го продолжува во бегство и емиграција. Од 1946 година живее во Југославија.
Завршува гимназија и студира на Филозофскиот факултет во Скопје.
Со литература почнува да се занимава во педесеттите години, соработувајќи со литературни творби во македонските весници и списанија. Во 1957 година, на 23 годишна возраст, ја објавува својата прва книга, расказите “Ние зад насипот”, со која ќе го сврти вниманието на литаратурната јавност и со која ќе си го пробие патот кон првите антологии на современата македонска проза. Продолжувајќи ја својата плодна творечка дејност и постојано потврдувајќи ја својата белетристичка дарба воновите книги, тој ќе објави цела серија романи: “Луѓе и волци” – 1960, “Ѕидови” – 1962, “Црно семе’ – 1966, “Змиски ветер” – 1969, “Цвениот кољ” – 1975, “Време и молчење” – 1979, “Рамна земја” – 1981, како и збирките раскази “Суви ветрови” – 1964 и “Куќа под Калето” – 1978 (избор од претходните книги на раскази и дополнети со нови раскази). Својот белетристички опус Ташко Георгиевски го заокружува со пишување драмски текстови (радиодрами и телевизиски драми) и филмски сценарија (екранизација на раоманите “Црно семе” и “Црвениот кон”).
Ташко Георгиевски работел како новинар во “Млад борец” и како уредник во списанието “Современост” и Телевизија Скопје, Издавачката органиација “Мисла”, главен и одговорен уредник на Издавачката организација “Македонска книга”.
Ташко Георгиевски соработува во македонската литературна периодика и спаѓа во најпреведуваните македонски автори во земјата и во странство. Неговите романи досега се преведувани на српскохрватски, словенечки, германски, украински, унгарски, а неговите раскази се застапени во бројни антологии во земјата и во странство.
За своето литературно творештво Ташко Георгиевски е носител на повеќе награди, меѓу кои: “11 Октомври” – 1962 година, “Рациново признание” – 1978 година, “Стале Попов” – 1975 година, “Кочо Рацин” – 1957 и 1975 година, “13 Ноември – 1965 година.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 21 ноември 1983 година.
Починал на 11 април 2012 година.
Comments